Професијата социјален работник за Моника Чекаловиќ отсекогаш значела да се биде двигател кон промени, како и предводник во борбата за подобри општествени вредности. Па така, уште по завршувањето на факултетот Моника ја започнува оваа своја мисија и преку делувањето во разните домени на социјална неправда се обидува да ги оствари овие цели.
„Уште при уписот на факултет немав некоја посебна дилема, знаев дека ќе работам и ќе се надградувам единствено како социјален работник и никако поинаку. Иако во нашата земја системот е таков каков што е, оваа желба не ме издаде изминативе 10 години. Па така се трудам да дејствувам најмногу во доменот на семејното насилство, малолетничката деликвенција и хуманитарни активности,“ раскажува Моника, која истовремено е и граѓански активист и волонтер во повеќе хуманитарни акции и проекти.
Во земја како Македонија каде што сиромаштијата, невработеноста и дискриминацијата се неконтролирани, социјалните работници како Моника играат клучна улога во обезбедувањето поддршка и застапување за маргинализираните заедници.
„Не постои скалило по кое би можеле да ги рангираме социјалните ризици и потешкотиите кои ги носат истите. Мислам дека не постои поголем проблем од субјективното чувство на безизлесност. Тогаш кога личноста сама ќе се увери во сопствената безизлезност, тешко доаѓа до решение, без оглед дали станува збор за сиромаштија, семејно насилство, зависности и слично. Сите промени почнуваат од нас самите, и никој не е во состојба да помогне некому или да го поддржи во неговата промена доколку тоа не е лична цел,“ вели Моника.
Но и покрај тоа што на дневна основа се справуваат со многу вакви тешки и безизлезни случаи, работа на социјалните работници во јавноста често се занемарува. Што само по себе не носи и до следното прашање – како се третирани самите социјални работници од системот во кој делуваат?
Бирократски препреки, недостатокот на ресурси, нерегулирани работни односи, емоционалните последици од работата со трауматизирани поединци – секојдневните проблеми со кои се соочуваат социјалните работници се многу.
„Најдобро е да ги погледнеме околностите во нашето општество. На пример да ги погледнеме условите во кои работат социјалните работници, да го погледнеме начинот на вработување по пат на непотизам и партиски линии, да го погледнеме одливот на социјални работници во западните држави од нашата земја, платите за кои работиме. Да анализираме зошто ние како професија не спаѓаме во категоријата на работници кои земаат К-15 и дали и покрај тоа што голем дел од социјалните работници работат во ризик и со силен интензитет кој води кон професионално согорување сепак не спаѓаме во категоријата на професии кои треба да имаат бенeфициран стаж,“ потенцира Моника.
За социјалните работници не постојат компромиси
Од Министерството за труд и социјална политика, пак, молк во однос на сите овие прашања и за положбата во која денес се наоѓаат и функционираат социјалните работници.
Во едни вакви услови, она што е јасно за сите оние кои се бават или пак планираат да се бават со оваа професија е дека едноставно нема компромиси – или веруваш и силно сакаш да ја работиш оваа професија, или пак бараш излез и се насочуваш кон нешто друго.
За Моника сето нејзино досегашно, но и идно дејствување во оваа област преставува еден вид предизвик и нешто во кое искрено верува – досегашното искуство го има стекнато и преку работа во невладиниот сектор и во државните институции, нешто што само по себе и помогнало да се изгради како професионалец и да осознае што е навистина битно кога се работи за поттикнувањето на позитивни промени во општеството.
„Ова што имав прилика да го стекнам како искуство во невладиниот сектор, немаше да имам прилика да го стекнам во државните институции и обратно. Важно е колку ќе растеме како личности низ целото тоа дејствување. И секако, хуманитарната работа е една дополнителна алатка да се помогне во услови кога и двата сектори нема да понудат алтернативи за дадениот проблем. Социјалната работа не треба да препознава конкурентност, туку само взаемна соработка за поголеми општествени успеси,“ раскажува Моника.
Како што објаснува таа, поради пропустите во образованието и немањето на приемен испит на Институтот за социјална работа и политика со години се запишуваат студенти кои немаат никакви афинитети за оваа професија – при што повеќето наоѓаат работа во друга професија, а оние кои навистина сакаат да работат по струка се приморани со години некаде да волонтираат.
Од Здружението на социјалните работници на Македонија пак со краток коментар дека земјава навистина се соочува со недостиг од социјални работници – особено во клучни области како што се образованието и здравството.
„Волонтирањето е сопствен избор за градење на подобро општество, но во никој случај не треба да биде повод за деградирање на определена професија. Волонтерството претставува двигател кон промените, градење на здрави навики и вкоренување на квалитетни особини кај секој млад човек. Границата се повлекува онаму каде што определени здруженија прават личен профит врз трудот на волонтерите и тоа е за мене апсолутно неприфатливо. Особено социјалниот работник е инволвиран во овие дејствија. Често можеме да видиме повици за социјални работници ангажирани како волонтери во проектни активности. Дали некогаш сте виделе повик за волонтер – програмер? Ни јас!“. заклучува Моника.
Успеси од ваквите волонтерски и хуманитарни акции има многу – Моника истовремено е претседател на здружението „Центар за социјални иницијативи – ЛИНК“, преку кое има покренато голем број на хуманитарни проекти и акции. Неколку од овие иницијативи, започнати преку Фејсбук, резултираа и со изградба на домови за семејства во социјален ризик.
Кон крајот на 2021 година, Моника се стекнува и со наградата “Св. Мајка Тереза“ за хумани вредности, нешто што само по себе тогаш претставувало и дополнителна мотивација за да продолжи да биде иницијатор на уште многу волонтерски проекти – но со појаснување дека додека социјалните работници во многу случаи се носители на волонтирањето, тие во една ваква состојба само треба да послужат како инспирација и за другите професии.
Приказната на Моника е само една од многуте на социјалните работници во Македонија и тешките предизвици со кои се соочуваат од сите страни додека ја вршат оваа благородна професија. Истовремено пак, ваквите приказни се и сведоштво за храброста да не се откажат од професијата по никоја цена и се светол пример за издржливоста, посветеноста и емпатијата што го карактеризира човечкиот дух.
One Response
Da koleske strucen rabotnik za tebe i za mene kako. Psiholog postojano drzavata ima potreba no nemame isti prava i beneficii kako dr porofesii. K 15…beneficiran staz za rabota so deca vo rizik ili deca so precki vo razvoj kade obemot i slozenosta na rab e nesporedliva so nekoi profesii na pr. Kancelariski… Vece 15 god i povece nema nekoi izmeni vo toj pogled pozdrav do Moite kolegi i koleski… Za podobar status i tretman od strana na ovaa nasa drzava