·

За човекот. За Надир. За Ирман.

Големиот Буковски ќе рече „Почнувате да го спасувате светот, спасувајќи еден човечки живот. Се останато е грандиозен романтизам или политика“. А јас би си дозволил да се надоврзам дека спасувајќи еден детски живот, ја спасувате вселената. Па има ли нешто поголемо, почовечко и повозвишено од фактот дека сте спасиле еден детски живот? А пред фактите и боговите молчат,  нели?

Токму таков факт стои покрај името и презимето, покрај ликот и делото, покрај човечката громада, покрај нашиот алпинист Надир Мурсели. Да, НАШИОТ, а така голем за човештвото. И пребарувајќи зборови низ мојот речник со кои би го опишал делото на Надир, сфаќам дека сите зборови на светот се малку, дека неговото дело е бескрајно големо, баш како и вселената.

На 6 февруари сите човечки емоции се стресоа заедно со тлото на Турција и Сирија. Земјотрес од 7,8 степени по Рихтер однесе илјадници животи, илјадници семејства загубија се што имаа, домови, роднини, цел живот. Тежината со која се соочија е многу поголема од тежината на оние бетонски блокови на зградите кои се урнаа. А под тие урнатини, една голема мистерија. Може ли да се спаси нешто или, уште повеќе, некој од таму?

Со земјотресот се затресува и срцето и душата на Надир. А мистеријата за спасувањето некого е повикот на кој Надир не размислува два пати дали треба да се јави. Експресно го пакува алпинистичкиот ранец со својата опрема и започнува да бара начин да замине за Турција како волонтер. По неколку неуспешни обиди да се приклучи на спасувачките тимови од институциите од Македонија, Надир решава да ги забрза работите

„Со институциите не успеавме да најдеме процедура која ми овозможуваше експресно да се приклучам со нив. Немав мир, внатрешен. На своја рака седнав во првиот автобус за Истанбул. Морав да тргнам што побргу. Чувствував дека сум некому потребен таму, во Турција. Имам фамилија во Истанбул, па додека патував тие ги обезбедија информациите како да стигнам до Адана, а потоа и онаму каде што можам да направам нешто“.

Надир имаше само пофални зборови за организираноста на одговорните турски институции. Во целиот хаос и катастрофа со која се соочија, институциите организирано ги групирале волонтерите кои пристигнувале од сите краишта на светот. Надир пристигнал во најпогодениот Караманмараш. Чекајќи да биде распореден во некој од тимовите, да добие конкретна задача, забележал веќе формиран тим кој носеле опрема на која имало натписи со кирилично писмо. Им приоѓа, а како турскиот му е мајчин јазик, веднаш ја пронашле неговата улога во тимот од Република Српска, БиХ.

„Тие беа формиран тим од алпинисти, деминери, луѓе со искуство во своите области, но имаа потреба од човек кој го зборува турскиот јазик. Кога разбраа  дека зборувам турски и дека можам да придонесам со моето алпинистичко искуство, веднаш ме приклучија во нивниот тим. А во тимот беше и за мене најголемиот херој, најнеуморниот помеѓу сите, белгискиот овчар, Тора. Не знаете каква желба и енергија имаше Тора“.

Тора – Белгиски овчар

Со добивањето на задачите и распоредувањето на терен, заедно со турски спасувачки служби, за Надир и екипата, започнува и вистинскиот предизвик, да се пронајде во урнатините некој преживеан. Започнува борбата!

„Пред нас урната зграда од 7 ката. Можете ли да замислите како изгледа тоа? Бетонски плочи, столбови, ѕидови, шут…нечии уништени домови.  Сето тоа багерите треба да го расчистат, а ние да навлеземе во малите простори, дупки кои можеа да се забележат во тој пекол, во урнатините. Највешта во потрагата, разбирливо, Тора. Во текот на „работата“ и самата се задоби со расекотина. Имаше брза медицинска интервенција и адреналинот кај неа повторно почна да работи. Секогаш напред, како да сакаше да каже дека таму има нешто бесценето. Едноставно, сите црпевме сила од неа. А не е лесно. Бетонски плочи кои не можеа да бидат отстранети со багер, па сечење бетон, кршење со хилти“.

 

А додека сето тоа се случувало на терен, светот само добиваше информации за последични „помали“ потреси. Секојдневно. Го прекинав Надир со потпрашање за тие потреси.

„Да, да…имаше. Најчесто ноќно време или во зори. Спиевме во шатори, ќе почнеше да дрма. Но знаевме зошто сме таму и која е нашата цел“.

Но, да се разбереме, да се расчисти седумкатница урната од земјотрес е комплициран процес. Особено ако се земе во предвид дека во неа имало луѓе.

„Малку по малку, метар по метар, мораше да работиме. А најтешко беше кога во цел тој хаос ќе пронајдете тела, луѓе кои го загубиле својот живот. Слики, не баш пријатни за раскажување. А имаше поприлично многу. Најчесто Тора ќе ги намирисаше. Или при расчистувањето со багерите, ќе се забележеше човечко тело. И како поминуваше времето стануваше се понепријатно и помачно. 5-6 дена поминати беа од земјотресот“.

Некако спонтано ми излета прашањето, без да размислам:

-Надир, па како тоа влијаеше на психата, како го поднесе сето тоа?

Искрено, од раскажувањето на Надир солзи сами доаѓаа на очите. Пренесуваме само скратена, и за читање, прифатлива верзија од деталите. Под урнатините на таа седумкатница биле пронајдени 30-ина загинати. 30-ина згаснати човечки животи. А секаде наоколу, семејства, пријатели, блиски… кои се надевале на поинаков исход.

„Ужасно е тешко. Но, иако свесно знаеш дека шансите да се пронајде некој преживена се минимални, оној зрак на надеж не згаснува. Особено како што течеа деновите и изминуваше времето. А во тој ужас, во моментите кои ги поминувавме, сплотеноста на луѓето беше двигател и мотив да продолжиме понатаму“.

-150 часа по земјотресот, трет или четврти ден како Надир е во Караманмараш (никој повеќе не го брои времето)-

 „Нема застанување, не е завршена работата. Кршиме бетон, Тора трага, багерот расчистува… И при расчистувањето, повторно тело. Болка, солзи, повторно… Багерот веднаш престана со работа. Пријдовме да направиме стратегија како да се извади телото. Тора прва, ние по неа. И одеднаш – СВЕТЛИНА. Во урнатините, на некои 3-4 метра, се слушна глас. Детски глас! Девојче“.

Немаше веќе логика да се кријат солзите додека раскажување Надир. Емоциите беа посилни од се. И немаше срам кај нас што пуштаме солза. Напротив, ГОРДОСТ! Разговарам со ЧОВЕК! Човек кој спасил детски живот.

Ирман

„Турските спасувачи ја преземаа работата во свои раце. Организација каква што не сум видел. Експресно организираа, поделија задачи, направивме мал отвор, да се дојде до девојчето што побргу. Пуштивме јажиња. Десетгодишната Ирман е жива. Седум дена под урнатините на седумкатницата. Стотина луѓе плачеа од среќа. Се исплатеше! Вредеше! Она што ни ја даваше онаа психолошка сила изминатите денови е пред нас. Малата Ирман“.

Благодарејќи на спасувачките екипи, Ирман беше безбедно извадена од под урнатините, по укажувањето на првата медицинска помош, таа е пренесена во болница каде закрепнува од повредите и исцрпеноста. Според информациите кои Надир ги има сега, таа е добро, и напредува во процесот на рехабилитација.

Надир е вратен во Македонија. Нашиот прв контакт беше кога тој беше на пат за дома, на аеродромот во Истанбул. Тогаш и договоривме дека оваа животна приказна мора да биде објавена и да послужи како мотив за човечност кај секој од нас.

И тимот од Република Српска е дома. Дневниците кои ги добиле од својата земја, комплетно ги донирале за малата Ирман. Надир од нашата татковина… не добил ништо.

И не бара! Не за него! Не сака! Ама би сакал да донира за Ирман и тој!

А она што го добил, не го заборава. Добил поддршка од наши сограѓани кои постојано се јавувале, нуделе секаква помош и се што е потребно. А тоа на Надир му е доволно, му дава мотив, сила и надеж дека човечност сеуште има. Низ муабетот ме замоли да не заборавам во текстот да напишам колку многу им е благодарен на сите нив.

А за крај на оваа сторија, накратко... Кој е Надир?

Надир е алпинист од Тетово. Со алпинизам започнува да се занимава со негови 13 години, во 1990-тата. Да, има Југословенска алпинистичка книшка. 33 години искуство. Живеел во Швајцарија каде активно се занимавал со алпинизам на Алпите.

А Ирман не е прв човечки живот кој го спасува Надир. На 9-ти ноември се случува несреќа помеѓу врвовите Бакрдан и Титов Врв. Двајца планинари паѓаат од карпа. Едниот од нив преживува и ја пријавува несреќата. Со помош на ЦУК и еден алпинист, преживеаниот планинар е спасен. Знаеме кој е алпинистот.

И многу повеќе од оваа кратка биографија. Надир е ЧОВЕК со срце поголемо од сите планини кои ги искачил. Неговите дела се повисоки и од сите врвови и карпи на светов.

Надир, пријателе, чест, привилегија и гордост е што се запознавме и поразговаравме!

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

One Response

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *