·

„Порака Неготино“ – многу повеќе од само порака

Некаде имам прочитано дека уметноста е храброст. Размислувајќи на оваа тема, стотици прашања се отвараа. До каде може да оди таа уметност, таа храброст? А што се спаѓа под уметност? Има ли граници? Дали за тоа треба академија, образование, талент… или само силна желба?

И сосема нормално, кој сум јас да ги оспорувам делата на големите уметници, сите оние со талент и образование од сите уметнички правци? Но , уште повеќе, никој нема право да ја оспори желбата и креативниот производ на корисниците на дневните центри на „Порака Неготино“. Нивната храброст и желба за борба да создадат нешто убаво и вредно. Што  тие создаваат, каква е нивната поврзаност со уметноста и колкава е нивната храброст се уверив со сопствени очи.

„Порака Неготино“ е невладина организација на родители создадена во 2003-та, од страна на родители на дете со интелектуална попреченост. Нивна желба е да обезбедат сигурна и здрава иднина за нивното дете, а и за сите останати лица со интелектуална попреченост. Лица кои ќе имаат достоен дом, кои ќе бидат почитувани, социјализирани, инклузирани и работно ангажирани. Во моментов се опфатени 102 лица со интелектуална попреченост и се сместени во вкупно 18 станбени единици од кои 9 во Неготино и 9 во Скопје.

Верица Ташева

А ние решивме да отидеме до Неготино, лично да се увериме како тоа функционира и да поразговараме со Верица Ташева, раководителката за организирано живеење со поддршка во Неготино.

„Во далечната 2008-ма започнува процесот на деинституционализација на установите за лицата со интелектуална попреченост. Најпросто и најразбирливо кажано, од тогаш, лицата и корисниците на тие установи започнуваат да живеат самостојно или во заедници во куќи и станови. Нормално, ние, од „Порака Неготино“ сме тука да го организираме целиот процес, да им помогнеме во социјализацијата и да ги насочиме. Во Неготино имаме 9 станбени единици во кои живеат просечно по 5 лица. Имаме одличен тим на дефектолози, едукатори, социјални работници, буквално речено, цел тим кој темелно работи со лицата кои имаат потреба од нас“.

Разговорот се одвиваше во просториите на дневниот центар на „Порака Неготино“. Би било неправда, а да не посочам, домаќинаски пречекан, со насмевка, со отвореност и со топлина во срцата. Но, не само од одговорните лица. Работата на одговорните лица и стручниот тим се забележуваше преку насмевките на корисниците на дневниот центар. Најпрво ме послужија со благо, со сок и кафе, како вистински домаќини. А потоа нетрпеливи, да ми покажат што се прават, што  креираат, што работат и како им тече еден вообичаен ден.

Имаат едукативна работилница која им овозможува самостојност и независност во животот и работата. Преку оваа работилница корисниците се стекнуваат со знаења и вештини за грижа за себе си и другите, развивање на особини и навики неопходни за групен живот, навики за културно однесување и одговорност, знаења за својата природна блиска средина, безбедност во сообраќајот, парите и нивна примена…

Коста Цекоски

Во креативната работилница  се запознав со Коста. Коста Цекоски. Така се претстави. Корисник на дневниот центар во Неготино. Насмеан, правеше некои беџови на еден вид на преса. Се изнендив, искрено.

„Дојди, ќе те научам и тебе ако сакаш. Не е тешко. А ако сакаш може да цртаме и боиме на платно, само да завршам со беџовите“.

Така Коста ја презема улогата на домаќин. 

„Ајде да одиме до уметничката секција. Имаме ликовна и музичка работилница. Може и пинг-понг да те победам ако сакаш“.

И така тргнавме, по тој редослед. Додека Коста го спремаше „теренот“ да ми покаже се она што го најави, го продолжив разговорот со раководителката Верица.

„Нашата цел е да имаме инклузивен пристап. Да извлечеме од нив што можат и да ги истакнеме нивните способности. Затоа и служат овие секции. Се прават еко-торбички, имаме шивачка работилница, се изработуваат беџови, украсни предмети од монистри… а потоа, корисниците на дневниот центар добиваат еден вид на парична награда. Се трудиме да се осамосталат колку што е возможно и да стекнат работни навики, да можат да живеат во сместувачките единици самостојно. Центарот во Волково располага и со фарма и со сопствено земјоделие. Нормално, тие производи се наменети за лицата кои ги користат центрите“.

А дека е навистина така, потврда од прва рака добивме од Коста. Расположен за разговор, ни ја раскажа накратко неговата животна приказна и што за него претставуваваат и што му значат сите овие активности.

„Порано живеев во старечки дом. А имам 33 години. Мојата кума ја објави мојата приказна на една од телевизиите. Така стапивме во контакт со „Порака Неготино“. Ми се промени живот од тој момент. Се оспособив за многу вештини, можам да заработам за себе. Беџовите ми се омилени. Живеам со уште неколку корисници. Научив да правам и добар ручек. Сакам да спортувам. Исполнет ми е денот. Најмногу дружам со Џемо, напиши дека го поздравувам. А да ти се пофалам, многу користам тик-ток“.

На почетокот, во еден дел спомнав дека никој не може да ја оспори храброста и борбата на овие луѓе. Луѓе кои целата енергија ја насочуваат кон креирање. Зарем тоа не е уметност?

И ништо од сето ова не би било реално без тимот од „Порака Неготино“. Каков е денот на Коста и на неговите пријатели кои се корисници, ни се разјасни. Прашањето си дојде самото по себе. Каков е денот на одговорните лице од „Порака Неготино“? Верица ме погледна, и низ воздишка, но од оние водишки полни со ентузијазам, како од пушка одговори, онака баш од срце.

„Едноставно, начин на живот. Вклучени се и нашите семејства. За нас не постои нерешлив проблем. Бараме начин, не оправдување. Не е лесно, но тоа е единствениот пат. Знаеме кога ни почнува работниот ден, не знаеме кога завршува. На крајот на денот, кога ќе ја видиме среќата кај Коста, кај останатите лица, тоа е она што не води и дава сила за наредниот ден“.

Ме испратија со покана пак да дојдам. Зборовите на Верица и Коста ми се одѕвонуваа во главата. Ме натераа да размислам подлабоко. Да, постојат решенија, не изговори. Не е чудо од каде таа позитивна енергија кај Коста, кај неговите „соборци“.

Тие не бараат изговори. Тие креираат. Тие се уметници. Тие се навистина храбри!

А позитивната енергија и насмевките, сами си ги креираат. Со сите потешкотии кои ги имаат, а не ги избрале самите.

Баш како што величенствениот српски актер, Небојша Глоговац, онака уметнички ќе каже:

„Ако мрачиш, мрачно е. Ако сјаеш, светло е. До тебе е“.

„Порака Неготино“, секоја чест! Сјаете! 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *