·

Каде што има сила нема правдина

Одговорните граѓани се основата на секоја функционирачка демократија. Нивните постапки и активности често се и пример за останатите граѓани и истовремено тие се тука да ги повикаат властите и институциите на одговорност.

Седумдесет и пет годишниот граѓански активист Петар Б. се води токму од овие постулати и целиот негов живот е одбележан со вакви дејстувања. Но во еден од настаните којшто се случува во 2020-та година, Петар на еден тежок и суров начин ќе ја научи лекцијата за тоа што значи да си одговорен граѓанин во Македонија.

За Петар, поговорката “Каде што има сила нема правдина“ ќе стане сурова реалност откако тој директно ќе се соочи со полициските власти во обид да дојде до правда за себе и своите сограѓани од населбата Капиштец.

Околината каде што живеат Петар и неговите соседи многу често и ден денес се соочува со еден навидум нерешлив проблем – гласната музика која доаѓа од популарното кафуле “Интермецо“. Ваквите инциденти често се пријавувани низ годините од повеќе граѓани – но епилогот секојпат е истиот – полицијата доаѓа да интервенира, кафулето не престанува со работа.

“Ние жителите на Капиштец со години наназад имаме проблем со гласната музика од кафеаната Интермецо. Плус блокирање на ул. Народен фронт во делот околу Интермецо заради непрописно паркирање на гостите на кафеаната. Пријавувањата во полиција не даваат резултат. Јавна тајна е дека полицијата го штити Интермецо. Ако пријавиш, само ќе си направиш проблеми. Само ќе се прошетаат и ќе си одат на ѓезме во “Интермецо“,“ вака Петар ја започнува својата приказна за она што му се случило кога се обидел да интервенира, сметајќи дека полицијата ќе го направи она за што е платена, односно да воведе ред и да ги санкционира оние кои го прекршуваат законот.

А историите за она со што досега се соочиле оние коишто се осмелиле да пријават вакви случаи се најразлични.

“Пред неколку години ги искршија сите прозорци од станот во приземјето на ул. Народен фронт 31 на новинарката Теута Крашница Чучкова. Затоа што пријавувала. Од истата причина, искршено било и стаклото од влезната врата на зградата на ул. Народен фронт 29. Знаејки за сето ова, луѓето веќе се плашат и да пријавуваат. Станар од зградата на ул. Народен фронт 29, за кој знам дека го продава станот затоа што веќе му е неподнослива тортурата со гласна музика, воопшто не сака да се вклучи во борбата против “Интермецо“, а уште помалку да се појави како сведок за заканите што ги добивал. Се плаши човекот, и со право!“, раскажува Петар.

Знаејќи за сето ова, тој сепак во летото 2020-та година се обидува да превземе нешто за проблемот и за како што вели “силеџиството кое што се случува врз населбата“. Најпрво, тој пишува преставка до Општина центар, а потоа собира и печати и потписи од претседателите на седум згради, односно оние што се најизложени на теророт од “Интермецо“.

Општинската инспекција реагираше соодветно, повеќе пати излегуваше на терен, констатира дека пријавата е оправдана и почна да презема мерки против “Интермецо“. Наспроти ова, полицијата постојано го саботираше спроведувањето на законот. Секоја вечер имаше паркирано нивно возило тука (редовно паркираат на страна на улицата која е забранета за паркирање), но не за да воведат ред и мир, туку за да им помине времето во муабет и (веројатно) гратис пијачки, но и за практично да ја демонстрираат основаноста на онаа фама што владее меѓу жителите на Капиштец дека „полицијата го штити “Интермецо“,“ вели тој.

“Ниедно добро делува не поминува неказнето“

Околу полноќ на 30 јули 2020-та година Петар добива дојава од една комшика дека повторно има паркирано полициско возило до “Интермецо“, а дека полицајците не преземаат ништо против гласната музика, нити пак против непрописно паркираните возила. Тогаш, тој се решава да се соочи со полицајците и да добие објаснување за сето она што се случува пред кафулето.

“Решив да излезам и да го фотографирам полициското возило, посебно неговата регистерска табличка, за подоцна да поднесам претставка до МВР и да прашам во каква „мисија“ била таа полициска патрола кај “Интермецо“ во ова време – и што ги спречувало да реагираат на гласната музика на полноќ и на противзаконски паркираните возила.

Излегов некаде околу половина саат после полноќ. Претпоставувајки дека полицајците ќе ме спречат ако ме видат дека им го сликам возилото, првите две снимки ги направив пооддалеку и задскриен зад други возила,“ објаснува Петар.

Потоа, доаѓа клучниот момент – Петар се обидува да ја сними регистарската табличка на возилото, и поради ова мора да се доближи до задната страна на полициското возило.

Тогаш се случи она од што се плашев. Кога се појавив на бришан простор, со мобилниот телефон во раце и завртен кон паркираното полициско возило, полицајците веднаш ме забележаа и се стрчаа кон мене. Беа четворица и ме опкружија. Беа многу револтирани од мојот „безобразлук“, т.е. што воопшто сум помислил да снимам полициско возило. Бараа веднаш да ги избришам снимките. Им одговорив дека нема да го сторам тоа, бидејки снимањето на полициско возило не е забрането. Тие никако не се сложија со ваквиот мој став и почнаа расправија на висок тон со мене околу тоа,“ појаснува тој.

Во тој момент, тогаш 72-годишниот Петар се наоѓа соочен сам против четворица полицајци – и инцидентот не завршува добро за него.

Инцидентот заврши со тоа што што бев физички нападнат од нив, легнат на асфалтот за да ми стават лисици на рацете (патем ме удираа и газеа, иако јас не пружав отпор), а потоа однесен во полициска станица Центар и затворен во ќелија – каде преседов до сабајлето.“

Од целата ситуација епилогот со којшто се соочува Петар е следниот – тој е обвинет за напад на службено лице, и влегува во долготрајна правна постапка којашто го исцрпува физички, емоционални и финансиски. Она што Петар се обидува да го докаже пак, е дека тука станува збор за пречекорување на полициско овластување.

Бирократскиот пекол и судските лавиринти

Низ целиот процес против него се покренати три постапки (вклучувајќи и уште еден дополнителен инцидент со полицијата). Сите документи и докази кои Петар ги приложува пред властите не вродуваат со плод, но како што вели, се тука за да ја илустрираат “јасната криминална спрега помеѓу полицијата, обвинителството и судството“.

Вториот инцидент со полицијата се случува кога тој се обидува да достави поднесоци во врска со случајот – и тука повторно доаѓа до една вербална конфронтација со полициските службеници, истовремено соочувајќи се со чудни и необјасниви бирократски процедури.

“Овие 2 поднесоци во четвртокот (24 ноември 2020) ги однесов во ПС Центар и сакав да ги предадам на шалтер за да бидат архивирани, но не можев да ја остварам таа намера.  Кога се обратив на шалтерот (околу 14:45 часот) почна вообичаената процедура на денгуба и малтретирање. Прво, чудење на луѓето од пријавницата: што да се прави? Предавање на поднесокот од еден на друг, меѓусебно консултирање и на крајот телефонско јавување до раководителот на смената. Потоа тој се симна од првиот кат каде што е неговата канцеларија. Ме повика да дојдам горе со него. Отидов таму и почна втората, посериозната фаза од малтретирањето.  Почна да ме распрашува зошто сум дојден и што сакам со тие поднесоци. Му одговорив дека законот не предвидува непримање на поднесок. Потоа почна да ги чита и да ме распрашува, за на крајот да заклучи дека поднесоците ми се неосновани. Затоа НЕМА ДА МИ ГИ ПРИМИ поднесоците (!). На крајот оваа расправија заврши не само со тоа што не можев да ги предадам поднесоците, туку дојде и до инцидент. Раководителот прво им нареди на своите потчинети да бидам легитимиран ! Ја извадив мојата лична карта и им ја дадов, но воедно побарав и тој да ми се легитимира ! Тој не само што не се легитимира, туку нареди да ме лишат од слобода и да ме однесат во некоја просторија, да ме претресат и да се направи записник за навреда на службено лице,“ растревожено вели Петар.

Но тука не завршуваат неговите голготи со системот – најпрво видливи преку првичната пресуда којашто ја добива, донесена без негово присуство и како што вели тој, која претставува обид да се дојде до „разумен компромис“ со кој сите би биле „среќни“. Прашањето за одговорноста на полицајците не се отвора, а Петар е само УСЛОВНО осуден на 3 месеци затвор.

 “Целта на ваквата пресуда, донесена по брза постапка и без повикување на странките, била тројна. Прво, да се забошти вината на вистинските престапници – полициските службеници.  Второ, со минимум работа судијата да си прокнижи уште еден завршен предмет. Трето, на набедениот виновник (а всушност жртвата), да му се понуди опција која е тешко да се одбие: да се „извлече“ со само 2,000 ден. судски паушал, наспроти заканата од долготраен и скап судски процес кој му е однапред изгубен,“ вели Петар.

Тој се обидува да реагира и до органи како што се Народниот правобранител, но и ваквите обиди не даваат резултат.

“За жал, од обраќањето до Народен правобранител немаше големо фајде. Набрзо по добивањето на поднесокот од 29 декември 2021 ме известија дека немаат услови да ми доделат набљудувач во судската постапка и ми сугерираа тоа да го барам од некои невладини организации специјализирани во таа област. Исто така, ми укажаа дека немаат некакви големи ингеренции да преземат нешто во судска постапка и ми сугерираа да се обратам до Судскиот совет.“

Залудната потрага по правда во Македонија

Сепак, сето ова не го спречува Петар во неговата потрага по правдата – не ја прифаќа понудата за „разумен компромис“. Поднесува приговор против условната пресуда и постапката почнува одново – на негова штета.

“Да бидам искрен, знаејки во каков правосуден систем се наоѓам, тешко дека можев да ја спорам разумноста на таа понуда. Искушението беше големо! Единственото што ми даде сила да одолеам на тоа искушение беше сознанието дека со прифаќањето на таа понуда јас би дал легитимитет на една ОГРОМНА ЛАГА и НЕПРАВДА кои се крјат зад навидум беневолентната пресуда,“ потенцира тој, додавајќи дека на пресудата и претходеле голем број на нелогичности.

 “Во полициската станица дадов и моја писмена изјава за настанот. Од која потоа НЕ МИ БЕШЕ ДАДЕНА КОПИЈА, иако ја барав. Подоцна, по фотокопирањето и анализата на дел од списите, можев да констатирам едно необично „патешествие“ на тоа мое пишано сведочење за настанот. Копија од таа моја изјава МВР доставило до Основно јавно обвинителство, како прилог на Кривичната пријава против мене. Меѓутоа, потоа се случува нешто чудно: ОЈО, во својот Предлог за издавање на казнен налог, што на 29 март 2021 го упатува до Основен кривичен суд Скопје, таа изјава не ја вклучува како прилог. Подоцна, кога Судот ја донесува пресудата, таа изјава не ја имал во вид и не ја спомнува во образложението,“ раскажува Петар.

Процесот којшто потоа трае повеќе од речиси две години повторно завршува неповолно за него – дури и построга од првата, и пресуда според која тој треба да плати огромна сума на име на “оштетените“ во постапката.

“На 23 јануари 2023 година ја примив насловната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје – како првостепен кривичен суд, а со која сум огласен за виновен за мои дејствија – напад на службено лице при вршење работи на безбедноста при што изречена ми е алтернативна мерка – Условна осуда со утврдена казна затвор во траење од 1 година, а која нема да се изврши доколку во рок од три години не сторам ново кривично дело. Воедно, задолжен сум да платам вкупен износ од 77.313 денари кои се однесуваат на застапувањето на полномошникот на „оштетениот“,“ појаснува тој.

Во меѓувреме, Петар исто така е осуден и за третата постапка во врска со поднесоците за првичниот случај, каде што е обвинет за навреда на службено лице.

“Постапката се одвива без мое знање (свесно се фингира дека ми е доставена покана за рочиште, а не ми е доставена, за да не се појавм на рочиштето), и на 01 ноември 2021 е донесена во мое отсуство – и со неа сум осуден на глоба од 250 евра, плус 1,000 ден на име судски паушал.“

Во една ваква состојба, што е она на што може обичниот човек да се надева во борбата против системот? Според Петар, мора да се направи многу повеќе за да се покрене свеста и кај граѓаните за нивните права, и кај властите за нивната одговорност кон граѓаните.

“Најпаметно ќе беше да ја прифатам првичната пресуда – но јас сакав да ја истерам правдата. Однесувањето на полицајците беше очигледен безобразлук и корупција. И што е најстрашно, ова трае со децении и си трае и понатаму, а во сето ова и граѓаните остануваат разединети и исплашени.“

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *