·

Една слика – илјада зборови! „Еден“ знак – цела галаксија!

Се зависи од аголот од кој се гледаат нештата. Од перспективата. Сепак, за некои нешта, за некои дела, не постојат поинакви гледишта. Некои дела се едноставно генијални. Како „Деветата симфонија“ на Бетовен. И што е најинтересно, Бетовен познатата „Ода на радоста“ ја пишува сосема глув, не можел да слушне ниту нота. Сепак, не постои поинакво гледиште освен тоа дека станува збор за едно од највеличествените дела во музиката. Бетовен и пред тоа имал проблеми со слухот. Но, наоѓал начин да комуницира со јазикот на нотите, на музиката.
Бетовен не е единствениот кој имал некогаш проблеми со слухот. Моментално, во светот има околу 70 милиони лица со оштетен слух и говор. Тие секојдневните зборови и звуци ги замениле со гестикулации. Нивниот мајчин јазик е знаковниот.

Нема точни податоци од кога датира знаковниот јазик. Прв пат се среќава во Сократовите списи, некаде 5 века пред новата ера. Првата азбука составена од знаци ја запишува шпанскиот монах Педро Понце де Леон во 16тиот век. Денеска, во светската федерација на глуви лица постојат околу 130 различни признаени знаковни јазици, а неофицијалната бројка е околу 300 различни природни знаковни јазици. Значи, покрај унифицираниот знаковен јазик кој се користи воглавно за меѓународни состаноци, во светот нема само еден знаковен јазик.

Со донесувањето на Законот за употреба на знаковниот јазик, од август 2009та, македонскиот знаковен јазик се признава како потполно природен  начин на комуникација, еднаков на говорот, а со тоа и се признава и се регулира правото на глувите лица да се изразуваат слободно на својот мајчин јазик. На знаковен јазик. А со тоа, македонскиот знаковен јазик е еден од оние 130 официјално признаени јазици во светот.

Јелена Милосављевиќ е еден од толкувачите на знаковен јазик во Македонија, „слухот“ и „говорот“ на околу 4000 илјади целосно глуви лица или со делумно оштетен слух, кои го користат знаковниот јазик. И како што Бетовен ги чувствува нотите и музиката, барем дел од овие 4000 лица ги гледаат и чувствуваат знаците на Јелена. Се информираат, добииваат помош при комуникација, им го олеснува секојдневието на повеќе начини.

На самиот почеток на нашиот разговор, пред да почне да ни раскажува за нејзиниот живот и за нејзината професија, Јелена сакаше да започне со една порака за сите, за целото општество.

Нејзината приказна како толкувач започнува пред повеќе години, а од 2018 е и официјално сертифициран толкувач на знаковен јазик во Македонија. Дознава за обуките кои се организираат од Сојузот на глуви и наглуви лица во Македонија. По кратко „убедување“ со најблиските, се решава да започне со обуката.

„Не ми беше воопшто тешко да се одлучам. Знаев дека го сакам тоа иако не помислував дека тоа еден ден можеби ќе ми биде работа. Уште како мала, ама баш мала, застанував пред телевизор кога имаше вести на знаковен јазик на МТВ и се преправав дека ги толкувам вестите. Значи, желбата потекнува од најрана возраст. Пред да започнам со обуката, веќе имав познавање на знаковниот јазик, но не доволно. Сакав да се надоградам. Обуката е поприлично обемна и се изведува во шест циклуси. Со оглед на важноста на знаковниот јазик и каде се употребува, критериумите се навистина високи, особено за последните два циклуси со кои од „говорник“ станувате и сертифициран толкувач и обучувач. Видете, да бидете толкувач на знаковен јазик, не значи само „школски“ да го научите. Мора да имате „нешто“ во себе, да знаете да покажете емоција, експресија, да бидете креативни во изразувањето и да го сакате знаковниот јазик, но напорната работа е неопходна“ – вели Јелена.

Веднаш потоа започнува и нејзината кариера како толкувач на знаковен јазик. Детските соништа и игри стануваат реалност. Почнува да толкува вести во Телевизија 24. Но работата и потребите за толкувачи се буквално во секоја пора на општеството. Ангажманите и обврските на Јелена се зголемуваат. Со насмевка ни раскажува за нејзиниот ангажман во младинското здружение „Млад знак“ во кое бескрајно верува дека ќе биде двигателот на промените кон подобра иднина за глувите лица.

Јелена ни откри дека е, меѓудругото, и асистент на Драган, дете со оштетен слух во деветто одделение во ООУ „Владо Тасевски“. Секојдневно е со него во училиште, му помага во обврските, во домашните задачи. Колку и да пишуваме сега за нивниот однос, Јелена кога ни рече „Драган е дете кое ќе ве освои на прв поглед, при првата средба“, кажа многу повеќе.

„Драган го познавав и пред тоа. Првата средба ни беше на фудбалскиот камп на Реал Мадрид во Скопје каде што учествуваше и тој. Веднаш го препознав потенцијалот кој ова дете го има. Следната година слушнав за потребата од асистент во училиштето во кое учи. Добив предлог и без двоумење прифатив. Непроценливо беше чувството кога видов како децата комуницираат со Драган. Прекрасно е што една убава иницијатива прерасна во преубава приказна. Драган посетува редовна настава и ги менува сите стереотипи за децата со некаков хендикеп. Цело одделение изучува основен знаковен јазик затоа што чувствуваат дека сите треба да бидеме еднакви. Кога ќе видите дека деца размислуваат вака, едноставно имате надеж дека сите предрасуди може да бидат надминати и дека иднината може да биде многу поубава“.

А дека Драган е навистина срце дете се уверив и лично. Со помош на Јелена (бидејќи за жал и како мој минус, немам познавање од знаковен јазик) поразговаравме и со него. Едноставно зрачи со позитивна енергија, културен, скромен, ни кажа што за него значи Јелена и како тој ја гледа

И бидејќи веќе навлеговме каде се е потребно толкувањето на знаковен јазик (а верувајте, логиката наведуваше дека секаде е), моравме да поразговараме и за предизвиците со кои толкувачите и глувите лица се соочуваат, но и за се она како знаковниот јазик станува неизоставен дел од општеството.

„Изминативе години беа полни со предизвици и премногу важни за целото човештво. Имавме пандемија која наметнуваше информирање на сите граѓани на дневно ниво. Секој ден прес-конференции, препораки, мерки… Сите граѓани заслужуваа да бидат информирани навремено, па така и лицата што користат знаковен јазик. Буквално, секојдневните ангажмани на толкувачите за време на пандемијата, како да ја разбудија свеста и кај медиумите за потребата на толкувачи во здравствениот систем“.

Од овој месец Министерството за здравство обезбеди толкувачи на знаковен јазик кои стојат на располагање на сите глуви и наглуви лица во Македонија. Започна проектот „Мое Здравје“, со кој толкувачите ќе обезбедат превод при посета на државните здравствени установи. „Мое здравје“ е тука за сите оние кои имаат потреба од толкувачи од понеделник до петок, од 8 наутро до 19 часот.

„Ова е огромен чекор. Замислете само, при наједноставна посета на матичен лекар какви се пречки може да се јават. Првата бариера се јавува на самиот шалтер за регистрација на пациенти. Па запазувување на редоследот за влез кај докторот, па отежната комуникација во објаснување на проблемот кој пациентот го има. Да не ги спомнуваме потешкотиите доколку пациентите имаат потреба да повикаат „Брза помош“ или да се обратат на специјалистички преглед“.

Логиката се повеќе наведуваше дека има уште мал милион сфери каде се потребни толкувачи на знаковен јазик. Неколкупати го користиме зборот логика, затоа што нема пологично од тоа во 21 век сите луѓе да можат непречено да комуницираат. Размислувајќи, прашањата сами си доаѓаа. И некако спонтано дојдоа оние две, логични.

– Колку толкувачи сте во Македонија? Како успевате да постигнете се?

Иако ги имаше одговорите и Јелена, сепак ме упати до можеби и најрелевантната личност за овие одговори, до нејзиниот ментор при обуката за знаковен јазик, а воедно и Председателката на комисијата за знаковен јазик, до госпоѓата Викторија Волак. А Викторија така едноставно, а така детално ги појасни сите нешта.

„Ајде од почеток. Официјално, сертифицирани толкувчи и преведувачи на знаковен јазик сме 30-тина луѓе во Македонија. Доаѓаме до првиот предизвик на толкувачите. Најпрво, 30 е премала бројка, а згора на тоа, не сите од тие 30 работат како толкувачи. Активни се половина. Јазикот лесно се учи, но уште полесно се заборава. Зошто не работат како толкувачи? Па затоа што кај нас поголем дел од толкувачите на знаковен јазик функционираат како „freelancers“, односно работат хонорарно и немаат ден работен стаж за тоа. Таа ситуација придонесува голем дел да си бараат друга професија. Вториот предизвик е што се уште имаме премал број на сертифицирани толкувачи и воедно обучувачи. Доколку сме 100, многу полесно ќе „произведеме“ нови 30 отколку сега. А имаме и секојдневни ангажмани да го направиме животот на оние кои имаат потреба од толкувачи поедноставен. Сепак, се трудиме, имаме и постојано обуки во сите нивоа за нови кадри, за нови толкувачи. Се обидуваме да ги надминеме и финансиските потешкотии со кои се соочуваме понекогаш“.

Викторија Волак

Како што кажа Викторија, предизвици има, потешкотии и проблеми исто така има. На повеќе нивоа, од повеќе страни. Сепак, она што на неа, како на еден од поискусните толкувачи на знаковен јазик, и влева надеж за промени и за подобра иднина и општество, се младите луѓе и нивната свесност за знаковниот јазик и инклузивниот пристап за глувите и наглувите лица.

„Додека имаме личности како Јелена, надеж за подобра иднина има. Не само за глувите и наглувите лица, за целото општество. Убедена сум дека одиме во вистинска насока. Можеби бавно, но се движиме“.

Е сега, кога веќе се навративме на Јелена, ќе се навратиме и на почетокот на разговорот со неа. Таа имаше порака за сите нас. Се надеваме дека ја разбравте. Освен ако не сте и вие дел од она големо мнозинство кое не го зборува знаковниот јазик. Не станува збор за техничка грешка или случаен пропуст.

„Со само еден научен збор на знаковен јазик, можете некому денот да му го направите поубав“гласи поракта која Јелена сакаше да ви ја испрати. Така едноставна, а така силна, порака по која нема да имаме изговор зошто да не научиме сите ние барем некој збор, барем некоја фраза.

Со Јелена, само сакавме да ви го доближиме чувството на оние луѓе кои би дале се, само да можат да искомуницираат со вас, а не можат. Сакавме само на момент да почувствувате како е кога нема да разберете кога некој сака да ви каже нешто. Особено нешто навистина важно. А Јелена секојдневно кажува и покажува нешто такво. Таа се повеќе ја буди свеста во целото општесво за она колку е важно сите луѓе да имаат еднакви можности. Браво девојко!!!

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

One Response

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *