·

Деветте круга на македонските студентски домови

- Овде е грч ладно, душа се тресе... а и цревата ми се тресат од тоа што го изедов сабајлево. Башка мрачно, влага по ѕидовите, а право да ти кажам, и некоја реа ме „удира по нос“. А да не зборувам дека цело време имам чувство дека некој не’ следи. Жити се’, Вергилиј, кој круг од пеколот е ова? Не се сеќавам на ваков...
- Е мој Данте, не е ова круг од пеколот. Денеска шетаме низ студентски дом во Македонија...

Да беа Данте Алигиери и Вергилиј ликови од 21 век, овој дијалог и оваа рута на прошетка ќе беа сосема реални. Цели седум века по ненадминливата „Божествена комедија“, македонските студентски домови во добар дел наликуваат на нејзиниот пекол. Уште на стартот знаеме дека не мала бројка од вас кои ќе читаат, ќе помислат дека претеруваме – па како и Данте, одлучивме да се обратиме на водич. Со тоа што Данте го има(ше) Вергилиј, а ние имаме неколкумина. Се разликуваат по тоа што доаѓаат од секаде каде со пикадо стрелка би ја погодиле територијата на Македонија, а ги спојува една иста мака – како достојно да ги протуркаат студентските денови додека не влезат во барабанот на „сериозниот“ живот. Имиња имаат, но и немаат. Имаат затоа што ги добиле по раѓањето, на крштението…, а немаат затоа што често тие имиња завршуваат во некои тефтери, а тие тефтери во некои канцеларии каде постојат црвени фломастери. А црвениот фломастер скоро никогаш не значи нешто добро. Затоа имињата ќе останат скриени, а за скептиците – овие сведоштва и овие фотографии не се на духови, фантоми, измислени ликови. Тие им припаѓаат на реални луѓе, кои поради македонската стварност, се соочуваат и со реални стравови. „Пиедесталот“ го држат студентските домови „Стив Наумов“, „Пелагонија“ и „Гоце Делчев“…

„Како студенти, секојдневно се бориме со ладното, премрзнати сме, немаме каде да одиме во тоалет, немаме топла вода за капење… ова се само основните работи кои по Законот за студентски стандард му се се гарантирани на студентот. Да не зборуваме за подобрување на исхраната, интернет, обезбедување, перење алишта, читална и се’ останато што му треба на еден студент во нормални времиња.“, ја започнува својата исповед студентка корисничка на „услугите“ на еден од овие домови, и продолжува во ист здив.
„Уште кога моите родители студирале, ми кажувале дека условите не се толку сјајни. Но тие ги паметат само убавите времиња. Време на социјализација, дружба, единство. Денес веќе ни тоа го нема. Сите затворени во собите. Соседот не те ни поздравува кога ќе те сретне…“
Есенва, во која нема ден да не ги слушнеме „магичните“ зборови рестрикции и штедење, се чини само одмогнала во ионака тешката ситуација.
„Ваквата состојба се влоши на почетокот на оваа академска 2022/2023 година, кога буквално имавме забрана да уклучиме решо за да си направиме некое кафе или супа, или некоја брза храна за вечера, бидејќи мензата затвораше во 18:30 ч. – таму наводно имало некој проблем и немале струја, но всушност им беше наредено да имаат се’ исклучено. Кутрите вработени. На крајот на јуни оваа година, беше најавено дека летово ќе се реновира третата зграда, односно ќе ги реновираат тоалетите. Цело лето ништо допрено. Почнаа набрзина да ставаат ве-це школки почнувајќи од денот на почетокот на вселувањето на студентите во новата академска година. Деновиве излезе и некоја страница на инстаграм за реалната ситуација на студентските домови (studentski.mk), и таму можат да се видат ужасните тоалети и се’ што е поврзано со студентските домови. Многу другари се жалат на уринарни инфекции – зборувам за ешерихија коли, стрептокока, циститис и други сериозни инфекции. Од петти кат на втора ламела мора да се симнете до долу и да одите до прва ламела на трети или четврти кат само за физиолошка потреба. Замислете за капење! Студентите се јавуваат на најблиските другари во бараките, некаде во Автокоманда. Имаше случаи каде студентите одеа да се капат и до Дебар Маало и слични оддалечени места… се имаме за помош обратено до самата управа. Управниците велат дека така им е наредено од директорот на Државниот студентски дом – Скопје во чија надлежност се домовите, а пак нему му е наредено од МОН, што значи рестрикциите доаѓаат од Влада.“
Ако досегашното сведоштво на нашата соговорничка ви предизвикува мачнина и лутина, ова е моментот да се снабдите со некој витамин. Она што следува, сигурно нема да ви направи да се почувствувате подобро.

Марио Јанески

„Некои од портирите се толку безобразни што на своја рака си земаат за право да ни влегуваат во соба и да изигруваат „шерифи“, да ни бараат по шкафови и куфери дали имаме скриено решо или калорифер, што е противзаконски. Еден од портирите се закануваше дека ќе не’ исфрли од студентскиот… употребуваше многу заканувачки, навредувачки пораки, дури врз некои студенти врши психичко насилство велејќи дека ништо не му можеме, дека тој е во иста партија со директорот. Истиот тој портир противзаконски се доближува до вратите на студентите и им ги слуша разговорите, а потоа јавно ги изнесува. И безбедноста во „Стив Наумов“ е на многу ниско ниво. Се шетаат манијаци, влегуваат по ходниците, гледаат по прозорите на студентите. Ние пријавуваме и бараме од управата да се постават камери како во „Гоце Делчев“, а тие ни се смеат и ни велат „Вас од декември ќе ве избркаат дома, нели гледаш каква криза е, тие камери и обезбедување сакале!“
Една мака обично не доаѓа сама, а студентите со кои разговараме ни ја потврдуваат и оваа народна умотворина.
„Се знае и дека години наназад постои непотизам. Кога некоја партија е на власт, „пикаат“ нивни луѓе први во домовите, дури и да не ги исполнуваат условите, дури и да се со повисоки примања од нормалните. Има случаи каде студентот веќе нема право да седи во домот, меѓутоа тука е со врски и си живее – не плаќа и зема место на студент кому навистина му треба местото и нема финансии да си плати стан. Истите тие се „шпиони“ на управата, односно пренесуваат сѐ што се случува во домот – кој правел забава, кој учел, кој се подготвувал за протести, кој најмногу зборува лошо за домот, односно кој ја зборува вистината… и се’ им пренесуваат.“

На истата страна со нашите јунаци е и Марио Јанески. Не живее во студентски дом, но голем број од пријателите му се сместени во нив, па со свои очи видел како изгледа ваквото секојдневие. Не можел да се прави слеп пред него, па денес е активист за правата и стандардот на студентите.

„Условите во студентските домови за жал се и многу полоши од она што може да се забележи на социјалните мрежи деновиве. Тие повеќе наликуваат на услови за преживување отколку на услови за живот. Ова е состојба која трае со години, се продлабочува и станува се’ полоша и полоша и која за жал би можела да ескалира периодов со енергетската и економската криза. На прсти се бројат инвестициите и зафатите во студентските домови кои се направени изминатите години. Капацитетите се недоволни, условите се катастрофални – почнувајќи од храната, греењето, водата итн. Меѓу другото, постојат и низа други проблеми за кои ретко се зборува. Јавна тајна е дека за дел од сместувачките капацитет во домовите се прават партиски списоци во локалните штабови на партијата која е во дадениот момент на власт. Знаеме дека им е забрането да користат лифтови, грејни тела, фрижидери и слично, притоа и во некои домови излегоа ценовници со казни доколку се прекрши нешто од дадените насоки. Често се случуваат и кражби за кои никој не одговара, дел од вработените биле арогантни, а доколку некој се побунтува од студентите за условите во домовите, добиваат закани дека може да бидат избркани од домот.“, потврдува Јанески. 

„Од убаво, поубаво!“, ќе рече нашиот народ иронично, опишувајќи го „подобрувањето“ на одредена состојба. Но во сржта на нашиот народ е и како што се вели, да бара чаре. Го има ли? Ако да, каде?

„Ако за надлежен го сметате МОН, кај нив сигурно не. МОН е институција која не ја интересираат баш образованието и напредокот. Од Управата секогаш добиваме одговор – така ни е наредено. Никој не е на наша страна. Оставени сме самите на себеси. Го нема ни претседателот на студентските домови кој со години не е реизбран, немаме познавања што прави и како прави, членовите не им ги знаеме, не знаеме ни како е избран, реизбран, бидејќи знаеме дека со години е еден ист. Тој инаку не е веќе студент, а си има своја соба во „Гоце“. Брачна, за еден. Се јавуваат луѓе од страна, студенти, медиуми за да дознаат повеќе за ситуацијата. Еве јавно ги повикуваме невладините организации за млади и студенти, да не’ поддржат и да ни бидат мост до институциите кои се одговорни за ова, а не ги засега.“, први одговор ни даваат нашите паталци од почетокот на сторијата, изнесувајќи сериозни обвинувања кои надлежните ќе мораат да ги проверат. На лице место.„Самите студенти од студентските домови имаат претставник кој треба да ги застапува нивните права, но тоа е само формално. Како што дознаваме, де јуре речиси како да не постои ништо – студентите не знаат кој е претставник, нема негов реизбор, нема средби, состаноци и слично. Ништо поразлично не е ниту со студентите општо на универзитетот. Студентското институционално организирање беше тотално пасивизирано последниве години, а реформираното организирање сега познато како Универзитетско студентско собрание покажува доста слаби и мали знаци на отпор. Речиси 90% од студентите не знаат кој е нивниот студентски лидер, не знаат за нивните права, обврски и можности. Затоа јас лично апелирам на поголема вклученост на студентите во борбата за подобар квалитет на студии и живот. Ако институциите се неми, студентските тела атрофираат, тогаш должност е на секој еден студент да се вклучи активно во процесот. Дали тоа ќе биде индивидуално, колективно, активно, пасивно или на некој сосема друг начин не е важно. Важно е да се крене гласот.“, се надоврзува Марио, кој ни посочува дека еден од начините да се влијае во насока на подобрување е нов Закон за студентски стандард, и дека тој и негови соборци веќе почнале да работат на оваа проблематика. „Моментално заедно со други активисти поделени во работни групи во рамките на нашата организација работиме на подобрување на Законот за студентски стандард, па и формирање на нов закон ако е неопходно. Квалитетот на студирањето генерално во поширок контекст и квалитетот на животот на студентот во Македонија мора да се подобри! Иако сме прилично песимисти во однос на тоа каква повратна информација би можеле да добиеме од надлежните институции, сепак нема да се откажеме и ќе одиме до крај.“, заклучува тој.

„Изгорени“ од искуствата со студентските претставници изминатава деценија, голем број од студентите повеќе немаат доверба во нив, па не се ни интересираат кој седи во челната студентска фотелја, а со тоа и кој е првиот кој треба да застане на нивна страна. Пред месец и половина, таа обврска на свои плеќи ја презеде Славчо Темелковски – 22 годишен апсолвент на Економскиот факултет при УКИМ, кој од оваа академска година е на претседателската функција на Универзитетското студентско собрание (УСС) кое го наследни некогашниот СПУКМ. Поупатените знаат дека веќе неколку години низ кошаркарските паркети во Македонија, во рекетот се бори со играчи од преку два метри и сто килограми… но борбата која допрва му претстои е далеку потешка, пообемна, поодговорна.

Славчо Темелковски – Фото МИА

„Една од главните заложби на ова студентско собрание е подобрување на условите во  студентските домови што е во директна корелација со подигнување на студентскиот стандард. Јас како претседател лично успеав да поминам низ сите домови и одблизу да ги видам проблемите со кои се соочуваат моите колеги, а и во самиот состав на УСС има студенти кои се дел од студентските домови па директно ми ги пренесуваат состојбите и сите промени кои се случуваат. Така што, многу добро сум запознаен со сите проблеми во студентските домови и активно работиме за наоѓање решенија. Како најголеми проблеми моментално би ги издвоил хигиената во одредени студентски домови, квалитетот и обемот на храната како и условите за живот кои им ги наметнуваат на студентите како дел од рестрикциите воведени поради енергетската криза. Веќе не знам по кој пат ќе кажам, но ќе го повторувам додека не го слушнат нашиот глас – образованието, вклучувајќи ги и сите активни чинители во него, е последната гранка од општеството која треба да биде на удар на енергетската криза!“, го почнува разговорот Темелковски со став кој студентите сигурно сакаат да го слушнат, но и да го видат во пракса.

Уште од првиот ден тоа е став до кој целото УСС се држи – нема само да ги лоцираме проблемите и да седиме од страна туку напротив, за истото ќе истапиме со конкретно решение и акција. Во поглед на студентските домови гледам неколку клучни фактори кои можат да помогнат: Законот за младински стандард каде директно со тој документ можат да се подобрат условите во домовите, самите студенти да се вклучат активно да споделуваат пробеми и јавно да говорат со цел полесно да наидат на засегнати страни кои сакаат да помогнат и на крајот самата држава активно да се вклучи на начин што ќе се издвојуваат поголеми средства за подобри услови во домовите. Ова се трите клучни фактори во целиот процес на подобрување на условите. Ние како УСС сме дел од работната група за креирање на Законот за младински стандард, каде директно баравме дефинирање на тоа што значи квалитетна храна, хигиена и сл., а побаравме во Комисијата за примање на студенти во домовите да има и член претставник на студентите со цел потранспарентен пристап и уште многу други работи за кои допрва ќе дискутираме. Исто така, побарана е и работна посета на студентските домови и барањето е испратено до МОН, од каде очекуваме позитивен одговор и целта е заедно со нив да се најде решение на лице место.“

Под негово претседателство веќе е организирана и една јавна дебата – вели дека е задоволен од одзивот на студенти, но позадоволен е што тие „без влакна на јазикот“ ги искажале своите проблеми, маки и барања. Но утописки гледано, дури и веќе утре физичките услови да се подобрат – што правиме со оние етичките, моралните? Темелковски ни вели дека е свесен за стравот кај своите колеги, и дека е подготвен на тоа поле да води бескомпромисна борба.

„Како УСС сроведовме анкета на кој одзивот беше доста солиден, со голем број на одговори. Со неа само ги потврдивме голем број од работите кои веќе ги знаевме, но имаше и многу работи со кои не бевме запознаени и интересни податоци кои излегоа од самата анкета. Би напоменал еден податок – само 19,36% одговориле со целосно име и презиме на анкетата. Стравот, пасивноста и сл. се резултат пред се’ на амбиентот и атмосферата кои владеат во општеството последниве 20 години – тука голема улога има и недовербата во институциите, и тоа е она за кое што ние како УСС многу се бориме, студентите навистина да веруваат дека можеме да бидеме нивниот глас во општеството. Мораме заедно да работиме кон таа слобода на говор, изразување, елементарни услови да се обезбедат за сите студенти и мислам дека само така може да очекуваме просперитет на општеството – доколку студентите се на прво место, бидејќи на крајот на денот за 5, 10, или 15 години од сега тие треба да бидат тие кои ќе носат нови и многу посериозни одлуки. И за крај пак ќе повторам, образованието е столбот на секое општество и како такво треба да се негува и да се развива. Околу прашањето за конкретни закани и притисоци – доколку има таква ситуација, еве го мојот број – 072 207 744, и бројот на студентскиот правобранител – 072 543 466, и ги замолуваме сите кои се соочиле со такво искуство веднаш да го споделат со нас!“, заклучува Славчо, кој „фајтот“ научен во кошарката убаво го пренесува на хартија, која сепак не смее да остане безвредно и „мртво слово“.

Ако на крајот од сето ова се прашувате зошто нема став од надлежните – затоа што ова не е писание во кое тие ќе ни даваат дипломатски одговори. Ова е писание по кое тие треба да тропнат на нечија врата, а не некој да тропа на нивната до истоштување.

Некој, пратен далеку од дома да стекне ука и да врати дома гордост.

Некој, за чие образование некој друг можеби се задолжил.

Некој, за чија надградба некој друг можеби продал имот или работи од сентиметална вредност.

Некој, кој за да го освои светот со знаење, некој друг можеби останал со трпеза на која се’ е избројано…

… некој, кој кога тој свет ќе го освои, први да го тапкаат по рамо и да му стиснат рака пред камерите ќе дојдат оние кои му го купиле билетот за низ деветте круга.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *