·

Секој еден од нас е вреден

“Секој еден од нас е вреден и нашата цел е да ги тргнеме предрасудите и да го покажеме тоа!“

Четириесет и три годишниот Дуле Димчевски е бренд во својот роден град Виница – работејќи во областа на ИТ и графички дизајн повеќе од 20 години, познат е меѓу сограѓаните како “Дуле што печати“ или “Дуле со компјутерите“. Во далечната 2005-та Дуле во родната Виница отвора и интернет кафе, станувајќи еден од пионерите во овој бизнис во Македонија.

Дуле Димчевски со студентите од БОА

Како лице со телесна попреченост, Дуле вели дека тој не се срами од тоа што е и веќе со години се обидува да го развие својот бизнис. Но, постојат и низа предизвици со кои Дуле дури и сега, после децении на работа со графички дизајн и ИТ, постојано се соочува.

Па така, за Дуле него нема ништо понавредливо од тоа некој да го сожалува и потценува.

“Најлошо е кога ќе слушам од некој “Абе немој, остај го греота е“.

Не сум греота – едноставно зборот греота е понижување – на пример кога ќе речат “гревче е, дајте му да исштампа нешто“. Имам слушнато кога ќе речат “греота е дајте му да исштампа 2,000 флаери… На таквите им враќам капарот и принтам 4,000 флаери за да видат што можам да направам“, раскажува Дуле.

Ова е само еден дел од секојдневната дискриминација којашто Дуле ја доживува во поглед на тоа кога бара работа. Се случувало да биде повикан на интервју за работа според неговите квалификациите и она што го има сработено онлајн, но откако дошол да поразговара со менаџерите лице во лице, ситуацијата се променила.

“Лично ми се случило на неколку интервјуа – на пример се пријавуваш онлајн, решаваш задачи, им праќаш CV и те викаат на разговор. Но кога ќе отидеш на тој разговор и кога ќе видат дека си лице со попреченост, одма има друг муабет во стилот на “нели ви кажаа дека веќе има избрано кандидат за таа позиција, дека вашата задача не е сработена како што треба“, и други изговори“, вели Дуле.

За сето ова да се промени и лицата со телесна попреченост да добијат еднакви шанси во нашето општество, потребна е многу поголема свест и разбирање од страна на поголемиот дел од населението, потенцира тој.
Во последната година пак, Дуле е дел од еден таков проект наречен Best Online Assistant (БОА), кој работи токму на ваквата проблематика, односно како на лицата со телесна попреченост да им обезбеди непречен пат кон работата во областа на дигиталниот маркетинг.

Што е БОА? Станува збор за дигитална академија, односно курсеви за дигитален маркетинг каде што лицата со физичка попреченост може да стекнат знаење за дигитални вештини кои потоа тие може да ги користат за полесно да најдат работа.
Курсевите траат четири месеци и се верификувани од страна на Центарот за образование на возрасни. БОА исто така на лицата со попреченост им обезбедува кариерно советување и потоа ги поврзува со компании каде што тие може да работат или привремено, од дома, или пак со полно работно време во компаниите, во државна администрација или пак други организации.

“Факт е дека како општество се уште не сме доволно образовани за да ги сфатиме лицата со попреченост и се уште ги гледаме како од втор или од трет ред. Имам искуства и кога сум бил на работа, таму луѓето не гледале дали јас можам да го сработам тоа што го работам туку како изгледам, дали рацете ми се со спазми, дали ногата ми е крива, дали знам да се избричам – сето тоа го гледаат, а не дали можам нешто да сработам. Поради тоа многу од луѓето со попреченост не сакаат да се појавуваат во јавност, па затоа ние направивме платформа преку која тие ќе можат да работат од дома – дома можат да прават што сакаат, не е битно дали се во пижами, не им е срам, тие си работат и после тоа го даваат на менторите кои им даваат совети околу тоа како нешто е сработено“, раскажува Дуле.

Идејата за БОА и можностите за работа во дигиталниот маркетинг

Умот позади БОА е Елизабета Јовановска, претприемач со долгогодишно искуство од област на маркетингот, кој до идејата за проектот доаѓа пред две години.

“Во 2020 година имав прилика да учествувам на изложба и конференција во Обединетите Нации, каде на нашиот штанд дојдоа да го посетат многу лица во количка и всушност тоа беше момент на будење. Што му треба на еден Дигитален Маркетер? – столче, компјутер, желба за постојано учење, желба за работа и време. Лицата со телесна попреченост го имаат сето тоа и после неколку анкети и истражувања кои ги направив се роди идејата да ги поврзам професијата и хобито и настана БОА, со кој навистина почнавме да ја истакнуваме способноста на лицата со попреченост, да ги тргаме предрасудите и да покажеме дека секој еден е вреден“, раскажува Елизабета.

Процентуално некаде околу 15 посто од светското население се со лица со некаква попреченост, но во поразвиените земји има толку повеќе услови за нив и тие повеќе се социјализираат. Во земјава и регионот пак, предрасудите од општеството ги насочуваат во тоа да се обидат неколку пати и се откажуваат после тоа, вели таа.

Ова го потврдува и Дуле, кој сега исто така е дел и од основниот тим на БОА.

“Многу ретко луѓето го разбираат јазикот на луѓето со попреченост – не ги разбираат, не го знаат пристапот, а тука луѓето во БОА го знаат тоа и тоа ме исполнува, постои разбирање, имаме елан и дух за работа. За едно лице со попреченост тоа е најбитно, да се има разбивање и трпение“, потенцира Дуле.

Годинава БОА веќе има 40 студенти – лица со телесна попреченост кои ќе бидат идни сертифицирани дигитални маркетери, а до крајот на годината се планирани уште две групи.

“Во категориите на услуги веќе можете да најдете copywriters, project writers, translators, data entering, social media administrators, graphic design и категориите се шират постојано, според талентот на лицата кои го имаат. Можеби Ковид пандемијата имаше негативен ефект во многу индустрии, но нас ни го забрза процесот на прифаќањето на работа од дома, учење од дома“, додава Елизабета.

Додека главната идеја за БОА е на Јовановска, самата вели дека немало да може да ја реализира без поддршката од страна на својот тим, кој на почетокот вклучувал тројца, а сега пак шест луѓе, од кои три се лица со телесна попреченост.

Еден од нив е и 28-годишниот Дејан Митев од Виница, кој долги години претходно работел во дигиталниот маркетинг како пишувач на содржина (content writer), а курсевите на БОА само му помогнале да го развие своето искуство и да добие и официјален документ со кој се потврдува тоа. Подоцна, самиот тој станува и дел од тимот на БОА и во моментот ја води Фејсбук страната на проектот.

“Имам претходно работено маркетинг и контент пишување и ја најдов обуката за онлајн маркетинг и се согласив да учествувам. Потоа Бети виде знам многу повеќе од тоа што беше предвидено да се учи со програмта бидејќи истото тоа или веќе го имав научено или пак и работено. Сега ја одржувам Фејсбук страната на БОА и им помагам на останатите членови во врска со сето она што им е потребно“, додава Дејан.

За Дејан ова е и прво официјално вработување, откако претходно поголем дел од времето работел на фриленс проекти, а во земјава имал и неколку неуспешни обиди за вработување. Сега пак, преку вештини што Дејан дополнително ги добива преку работата во БОА, тој вели дека и самиот веќе се чувуствува како поконкурентен на пазарот на труд.

“Тука сме поделени во групи и секоја група си работи на посебни задачи, како на пример има една група за изработка за хартиени кеси, додека мојата група на пример е одговорна за Фејсбук страна и на тој начин и учиме заедно и работиме, стекнуваме искуство, после тоа добиваме и диплома за завршена обука и тука веќе стануваш и многу поконкурентен на пазарот“, раскажува тој.

“Ние сме многу, но многу малку во јавноста - и тоа мора да се промени“

За Јовановска, она што го прави БОА носи бенефит за сите засегнати страни во равенката – лицата со физичка попреченост, компаниите, и нашето општество во целина.

“Бенефитите кои ги имаат лицата со попреченост се надоградба на знаењето според новите трендови и потреби, стекнување со нови вештини, можности за заработка, вработување, заштита од злоупотреба на труд, директно поврзување со недискриминирачки компании, активен ангажман. Придобивките пак за компаниите се нов пазар за пласирање на своите производи производи или услуги кај кои ги освоиле симпатиите преку давање позитивен пример на еднаквост, додека пак придобивките за опшеството се подигнување на свеста за еднаквост, отварање на погледите за вредноста на секој поединец, менување на ставови на луѓето кон попреченоста, помагање на другите да ги трансформираат своите перцепции, односно да го гледаат човекот, а не попреченоста“, објаснува таа.

Токму видливоста на лицата со телесна попреченост е еден од најголемите проблеми, а според Дуле тука одговорност понекогаш не е врз другите, туку и врз самите родители кои имаат вакви деца.

“Ние сме многу, а многу малку не има во јавноста. Можеби државата вели дека има 1,500 такви лица, но ние сме многу повеќе. Има родители што се срамат што имаат деца со хендикеп. Кога ќе одите кај нив на гости тие таквите деца ги ставаат во другите соби а не да седнат со вас и да си поразговараат. Исто така познавам и луѓе што не ги носат децата на лекар, едноставно таа е дијагнозата и така си тераат со животот. Срамота е да немаат време да ги носат децата на физикална, на бања, во јавност или нешто слично“, раскажува Дуле.

Неретко родителите кои имаат деца со физичка попреченост ваквиот метод го применуваат и кога станува збор за вработувањето на нивните деца, односно дозволуваат тие да бидат искористени, додава тој.

Имено, Законот за работни односи содржи и посебни одредби кои се однесуваат на лицата со попреченост – а членот 122 предвидува дека лицата со попреченост вработени на скратено работно време го уживаат правото на задолжително социјално осигурување, на ист начин како и лицата вработени на полно работно време.

Но, според Дуле има многу проблеми кога станува збор за тоа како компаниите го применуваат овој закон.

“Државата дава поволности за оние компании кои вработуваат лице со попреченост, како на пример да не плаќаат придонеси и слично. Па така, има “преваранти“ кои ќе вработат такво лице, ќе го пријават и на сметка ќе му пуштаат по 10 илјади денари, а родителите си ќутат бидејќи мислат дека тие пари секако ќе им се најдат. И после две години таквите лица ќе ги отпуштат и тоа е тоа – а ова е понижувачко. Ми се има случено и мене – ако сум зафатен во нозете не сум зафатен во рацете и главата па да мислам дека 10 илјади денари ќе бидат доволно за било што“, вели Дуле.

Истовремено, една од главните мисии на БОА исто така е и да ги сопре ваквите случаи и да им овозможи на лицата со физичка попреченост да го добиваат токму она што ќе го сработат, и ништо помалку.

Според нејзе БОА досега има постигнато и значителен ефект бидејќи, дел од компаниите и опшеството веќе стануваат свесни дека позади попреченоста има способност, бараат кадар а и се информираат за можностите и бенефитите од вработувањето на лице со попреченост.

“Преку дигиталниот маркетинг ги истакнуваме талентите за тоа кој за што е добар и кој што може да направи – тие не сакаат луѓето да ги сожалуваат туку да си работат, да си бидат еднакви, да можат да излезат да почастат, да си фатат девојка, да излезат – тоа се еднакви можности, а попреченоста е само медицински модел“, вели Елизабета.

 

Од сето ова произлегува пораката дека лицата со попреченост не сакаат да живеат од милост на другите –  тие едноставно сакаат да бидат еднакви и да имаат рамноправни можности како и сите останати. И додека можеби судбината си поиграла со нив на различни начини, никој од нас не ни дава право да ги гледаме поинаку од нас самите, од тебе, од колегата, бидеќи секој има право на достоинствен живот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

One Response

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *