·

НЕ БИДИ ЃУБРЕ – ОД ЕКОЛОШКА ИНИЦИЈАТИВА ДО „МИНИСТЕРСТВО ЗА СЕ’“

Тешко дека низ историјата ќе сретнете поизвикан израз од патриотизмот. Големи умови се обидувале да дадат големи толкувања… но се чини дека сите тие ќе застанат во неколкуте обични реченици изговорени од легендарниот српски и балкански книжевник Момо Капор и великанот на руското и советско глумиште Никита Михалков. „Патриотизмот не е идеологија, тој прашање на домашно воспитание“, ќе рече Капор, а Михалков телепатски ќе дополни: „Патриотизам не е кога викаш УРА, туку кога ќе засадиш јаболко, ќе ја поправиш оградата, или ќе го погалиш кучето“. 

Во време кога во Македонија токму тоа УРА честопати е мерило колку ја сакаш, и во време кога надлежните без „срам и перде“ ги посочуваат како лажни фотографиите и видеата на медиумите и активистите па и се закануваат со тужби, постои една група луѓе кои својата љубов кон неа ја искажуваат токму по „рецептот“ на Капор и Михалков. Не очекуваат ловорики, не се водени од материјален мотив, не се „палат“ на позиции, пофалби и тапкања по рамо. Тоа е граѓанската иницијатива „Не биди ѓубре“. Повеќе од четири години, својот патриотизам го искажуваат така што се грижат за животната средина чистејќи ја, па дури и на места каде нормален човек би се замислил дали да стави нос и рака. Ирена Ристиќ е име непознато само за некој целосно отцепен од технологија и социјален живот – актерка со повеќедецениска и меѓународна кариера, првенка на Драмскиот театар од Скопје, со завиден број награди во своите витрини. Во иницијативата која функционира на база на добра волја и пријателство, и не постои хиерархија, шеговито велат дека таа нивната „прва метла“. Мотивите се јасни… но какви се резултатите? Четири години се цел еден олимписки циклус, време во кое драматично се менуваат светските текови. Колку за тоа време еколошки мрдна „Не биди ѓубре“, граѓаните, надлежните? 

„Буквално ништо, буквално сме на истата точка каде бевме и пред 4 и пол години, за жал. Ниту од граѓаните чија бројност би требало да расте па да опаѓа до наше целосно расформирање, ниту од страна на институциите иако сме имале состаноци и со градоначалници, нивните советници, советници на советниците – ништо не е сторено. Ниту пак од Министерството за животна средина… едно големо разочарување. Фејсбук групата која ја создадовме истиот ден кога беше првата акција кај Клиничкиот центар, денеска брои 11.500 членови од кои активни сме шестмина кои во пракса се гледаме еднаш неделно. Другите 11.494 навистина не знам што бараат таму.“, со нескриено разочарување, но и нервоза ни вели Ирена. 

„Што бараат… ни ракоплескаат со емотикони, демек „браво, браво“, а за овие скоро пет години се немаат еднаш појавено на акција. Барем јас не се сеќавам некој да дојде самоиницијативно и навистина да покаже поддршка. Чест на исклучоци, секако.“, дополнува Јасмина Симоновиќ, популарната „генерална секретарка“ која и покрај „милионот“ секојдневни обврски, скоро никогаш не испуштила акција. 

Свеста на граѓаните е првиот камен на сопнување, првата искра кон депонискиот пожар. 

„Не е метафора кога ќе кажеме дека могумина ајде што не доаѓаат, туку очекуваат и до дома да им дојдеме да им зачистиме. Не ги следат внимателно објавите, па мислат дека сме ние комунално претпријатие должно не да покажува симболично како работите треба да изгледаат, туку да одиме до крај – сме имале коментари „ама ваму назад не исчистивте“. Ете, позади зграда не сме им исчистиле… а не би биле толку остри со службите чија работа е токму одржувањето на хигиената. Една наша активистка еднаш даде идеја додека постоиме да чистиме една иста локација, што е генијално, бидејќи од седмица в седмица ѓубрето се повторува. Тоа значи дека граѓаните кои тоа ѓубре го испуштаат на земја, ниту некој влијае на нив, ниту ги едуцира, ниту ги казнува. Тоа целата наша работа ја прави јалова. Ние сме мало парченце од системот кое служи да алармира, но ниту сме комунално, ниту министерство за животна средина, ниту министерство за екологија. Барањата кон нас се огромни, иако не знам зошто, постојано за нешто не прозиваат, а никој не ги прозива надлежните кои треба да се тука за секој еден сегмент кој трокира.“, објаснува Ристиќ, недвосмислено укажувајќи кој е тој што од споменатата искра пали вистински пожар.

Сите наши состанчења и координации со било кој градоначалник и нивните служби биле про форма. Се испостави дека сето тоа е колку да се рече дека имаат некаков допир и се во дослух со активистите, но тоа не вроди со никаков плод. Дури ни нашето инсистирање на тој Закон за комунална полиција… еве го префрлаат со години од фиока во фиока, а таму е клучот – кога ќе почне да се казнува, полека ќе почне да се менува и свеста. Паралелно да се одвива и едукција – да се влијае на малите, а да се казнуваат големите. Како и да е, ние комунална полиција или позорникари се’ уште не гледаме. Инаку во законот си постои ставка дека за фрлен пикавец се казнува со 50 евра… кој е некогаш казнет?“, ни поставува реторичко прашање. 

Јасмина се надоврзува откривајќи ни податок за кој не сме сигурни дали е смешен, или за плачење:
„Не само тоа! Кај нас се предвидени и казни за екоцид! Законот не функционира за обичен пикавец, а камоли за екоцид кој е практично крајната форма на уништување на животната средина! Си ги уништуваме планините, реките, езерата, градската средина… ние немаме каде да се свртиме а да не гледаме некоја форма на екоцид.“ 
Во прилог на кажувањата на нашите соговорнички оди и еден тазе податок на Заводот за статистика – Македонија е рекордер во една крајно непопуларна „дисциплина“. Во време кога светот го напушта производството на пластика и пластични артикли, ние го зголемуваме – минатата 2021 индустријата за пластика во Македонија го постави рекордот на производство на пластични шишиња со 416 милиони парчиња, Или 1,1 милион пластични шишиња дневно. Производството (и потрошувачката) е дуплирана за десет години, а за само една година е зголемена за цели 130 милиони парчиња, односно за речиси една третина. Со вакви поразителни бројки и однос, каква да биде сликата? 

Ако видиме како изгледаат училишните дворови, дворовите на здравствените установи, тогаш ни е јасно од каде да почнеме. Ако дворот на Клинички центар изгледа како напуштена депонија, што да очекуваме од излетиштата, шеталиштата или местата каде луѓето нема кој да ги контролира? Чарето е во едукацијата. Нека се воведе предмет во кој барем еднаш во две седмици децата ќе учат за екологијата, домашното воспитување… да се воведе од министерството за образование, бидејќи состојбата е алармантна. Говориме за сериозни депонии во градски подрачја, каде се’ би требало да биде по конец. Родителите и училишниот кадар како да не сфаќаат дека децата гледајќи го тоа се навикнуваат, и ќе им биде чудно ако биде чисто наместо да „испаничат“ ако се создаде депонија“, даваат конкретни идеи Ирена и Јасмина. Што за тоа време прават надлежните, кои не се малку? Се обиделе ли нашите јунаци да дојдат до нив, тропнале ли на нивната врата? Или врати… 

„Нѐ барале и двете најголеми политички партии и нивните младини, но тоа секогаш некако „чудно и случајно“ се погодувало пред избори. Ни било сугерирано да се формализираме, но според мене самата формализација би значела непотребно губење време и енергија на еден куп бирократија, кои би можеле да се потрошат на нешто сериозно, видливо и едукативно. Ние бевме заинтересирани и за соработка со основни и средни училишта, но не можеме ние толку да ги форсираме колку што се тие незаинтересирани. Се има случено да наставниот кадар од едно скопско училиште, во графата за слободни активности наведува дека соработувале со НБЃ а јас во животот не сум ги видела – што е скандалозно, значи тие луѓе го злоупотребиле нашето постоење а не дошле ниту наставниците, ниту децата!, вели Ирена, откривајќи и дека многумина од оние кои доаѓале, доаѓале од некои нееколошки побуди.

Многупати сме послужиле, но сега веќе не дозволуваме, како рекламно пано на разноразни лични амбиции, некои не’ доживувале како агенција за осамени срца па си ги нашле и животните партнери, а не пратиле ниту парче торта, а не па нак акции после да доаѓаат.“, се насетуваат во нејзиниот глас иронија и разочарување. 

Овие апели на активистите не се од сега, не се ниту од вчера. Петта година диогенистички го бараат човекот кој ќе ја сфати сериозноста на состојбата. Но наместо тоа, граѓаните почнуваат да им се обраќаат за работи кои бајаги ја надминуваат екологијата, со што „Не биди ѓубре“ станува буквално „министерство за се’ “. 

„Точно и без претерување. Ни се обраќаат и помагаме околу опожарени домови, болни луѓе, изгубени миленици, луѓе без кроз над главата… се’ и сешто. Многупати досега сум сакала да кренам раце од се’, бидејќи преголема одговорност е да се обидеш да спасиш живот на човек или куче… живот е живот. И многупати сум апелирала на граѓаните, бидејќи друга алатка освен апел немам, да научат да ја користат државата! Зашто кога ќе дојде некое барање до Не биди ѓубре“, јас тоа го сфаќам сериозно – влегуваме во акција и правиме се’ како група да помогнеме околу дадениот проблем. Она што треба да се случува, е државата да одговара исто толку брзо и одговорно на барањата на граѓаните. Да го следи нашиот пример. Тешко е и комплицирано, но таа ги има сите алатки, ресурси и логистика тоа да го прави помоќно и поефективно од нас кои го трошиме своето приватно време за да помогнеме на нашите сограѓани на било која тема.“, напоменува Ирена само дел од проблемите кои пристигнуваат во „поштенското сандаче“ на „Не биди ѓубре“, на што Јасмина додава уште еден прилично голем проблем кој проаѓа под радарот на институциите.

Многу болно прашање е и тоа бездомните кучиња и животни. Секојдневно се среќаваме со малтретирани животни, изгладнети… и со тоа никој не се „замара“. 

Граѓаните толку имаат доверба во оваа иницијатива, што освен што се обраќаат за се’ што можете и не можете да замислите, даваат и донации за разни активности. Не им пречи што иницијативата нема официјална сметка и не е регистрирана. Ова е недвосмислен пораз за довербата во системот и институциите, но од каде довербата во Ирена и нејзината еко-дружина? 

Нашата работа, не само еколошка, предизвикала луѓето да ја имаат оваа голема доверба во нас и постојано да ни се обраќаат за сешто. Институциите можат од нас да земат пример за брз одговор, реализација и транспарентност. Почнувајќи од собирање вреќи, кој број и на која локација, па се’ до донации – која сума е собрана, за што и каде и како се потрошени средствата. Ниедна донација не е примена а да не е објавена на фејсбук групата пред сите – која сума е примена, на што ќе биде или е потрошена и тоа до ситни детали, како и колку пари останале потоа. И луѓето знаат дека парите ќе бидат употребени за целта за која се собираат – е тука е таа доверба.“, велат нашите хероини.  

Eден од оние кои ја препознале чистата побуда на „Не биди ѓубре“ е и Влатко Митревски – Зајче. Човек препознатлив по својата музика, но и по својата хуманост и активизам во се’ што значи подобрување на општеството. 

Кон „Не биди ѓубре се приклучив поради искрената побуда за почиста околина и подигање на свеста кај граѓаните. Тие во голем дел не ја сфаќаат нејзината важност“, вели тој, ставајќи до знаење дека е свесен за многу повозвишената општествена улога на иницијативата од еколошката.

„Огромно е значењето на ваквите здруженија, особено за младите. „Не биди ѓубре“ може да служи и како едукативен центар – за грижата за животната средина, за борбата тоа да се постигне, но и за целокупниот хуманитарен ангажман кој го покажуваат“. 

Низ над 200-те акции на „Не биди ѓубре“ досега поминале илјадници граѓани, стотици личности од јавниот живот – уметници, спортисти, новинари… некои се задржале пократко, некои подолго, но не сите граѓани имале (и имаат) разбирање на искреноста на иницијативата. Се’ уште можат да се пронајдат скептични, па дури и злобни и малициозни коментари. Ирена и Јасмина велат дека најдобро е да се игнорираат, бидејќи сработеното и помогнатото доволно говорат. Додека скептичните и злобните бараат инспирација како да фрлат дамка на постоењето на „Не биди ѓубре“, од иницијативата веќе го подготвуваат вториот хуманитарен базар, каде веќе в недела (13.11.) добронамерните ќе можат да купат секакви ракотворби и продукти. Парите, секако, ќе завршат во хуманитарни цели. Овојпат со нив ќе се спасуваат и помагаат бездомни лица, самохрана мајка, дете со церебрална парализа, болен новинар и мајка која се бори со рак. По првиот базар пред некој месец, наша сограѓанка отиде на операција на ногата во Швајцарија. 

На крајот од илјада пати водениот разговор, што во канцелариите на „тобоже“ заинтересираните чиновници, што пред камерите на медиумите, што на состаноците и акциите на „Не биди ѓубре“, неизбежно е да го поставиме прашањето на кое веќе некаде во себе го знаеме одговорот – има ли надеж дека некој од надлежните ќе се одважи некаде низ сметот, депониите и смогот да го чуе гласот на активистите? 

„Не знам што работат тие луѓе таму во Министерството за животна средина… пред три години ни рекоа дека ќе не’ викнат на средба за да им ги кажеме замерките како би можеле да дејствуваат. Еве уште чекаме…“, завршува Ирена пред Јасмина гласно да го каже тоа што сите го мислиме: „Крајот не се гледа. Македонија уште долго ќе биде и валкана држава. Институциите, од највисоко па до најниско ниво, треба да сфатат дека ние никогаш нема да влеземе ниту во ЕУ ниту било каде бидејќи се целосно незаинтересирани за прашања како екологија и животна средина… 

И додека низ толку посакуваната Европска Унија зелените партии веќе поодамна имаат сериозен удел во државната политика а самата Унија испоставува и барања кои се однесуваат на заштита на животната средина, во Македонија тоа прашање не се ни наѕира. 

Веројатно депониите толку почнале да ги „штипат“ за очи и уши надлежните, што не можат да го видат и слушнат приоритетот на овој проблем. 

Или ќе се сетат пак кога ќе дојде изборна година…   

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *