Секое патување, па и она кон бесконечноста… започнува со првиот чекор.
А секое патување е токму тој огромен чекор кон едукацијата, кон искуствата, кон спомените. Со тоа се развиваат и квалитетни личности, со отворени погледи за светот и визија за иднината. Како што ќе каже Нил Армстронг, мал чекор за човекот, но голем за човечноста.
Сепак, тој прв чекор е и најтешкиот. За жал, кај нас, во Македонија, кај огромен дел од младата популација, е вистинска авантура да се отпатува некаде. Таква земја сме, социјална, сиромашна. А мора да се стремиме кон подобра иднина.
И баш тие млади луѓе, деца, имаат потреба од помош. Помош која може да значи и светлина на крајот на тунелот, зрак на надеж дека тие може да прераснат во квалитни луѓе со визија и отвореност за вистинските вредности. А се започнало со тој мал, прв чекор на едно патување.
За наша среќа, постојат и добри луѓе кои сето ова го имаат врежано некаде во себе и секојдневно се борат да им овозможат на младите личности по некое патување. Едукативно, социјално, визионерско за поубава иднина. Во текот на учебната година или за време на летниот распуст, сеедно.
Нашата редакција реши да поразговара, да ја слушне и да ја пренесе таа борба. Борбата и желбата на Кристина Арнаудова од „Проект среќа“ и Фатма Аземовска Бајрам од „Сумнал“. Здруженија кои се стремат на разни начини и програми да им го овозможат првиот чекор на оние на коии тоа им е најпотребно.
„Проектот летен спортско забавен камп за деца со помалку можности, ,,Шарено лето“, започна 2016 година и беше замислен, конструиран како камп со 5 ѕвезди, за деца кои никогаш не биле на одмор. Се оди на одмор во хотели, неколку години во Маврово, Бистра, а последниве во Крушево ,,Монтана хотел“. Секој ден имаме многу активности, спортски, забавни, ни доаѓаат на гости познати личности, пеачи, актери, Војо и негвите животни се скоро секоја година дел од кампот, потоа имаме мотивациски работилници за децата… Значи смислен е токму за таа категорија на деца, да се почувствуваат вредни, почитувани, сакани, да видат нешто што не искусиле до тогаш, и да им дадеме на знаење со нашите активности и разговори дека се тоа е достапно, само треба да се насочат во вистинска насока, да учат и да сонуваат. Нема неостварливи соништа, потребна е само желба, работа и да не се откажуваме. Нашиот камп е поразличен од сите постоечки за деца во социјален ризик, со самата програма и место на оддржување, а секоја година го посетуваат од 30 до 50 деца, зависно од финансиите со кои располагаме.
Оваа година во соработка со Ротари клуб Скопје Север и Ротари клуб Словенија, ќе го имаме првиот инертнационален камп, и децата ќе одат на одмор во Словенија, во месец јули, а пак овде планираме едно поинакво доживување, кое ќе биде камп екскурзија, низ цела Македонија, затоа што тие деца, кои живеат во тешки услови, скоро и да немаат излезено од својот град или населба. Затоа нема да се предадеме и оваа година, ќе пробаме да направиме мало чудо, секако повторно без грант“ – вака Кристина ни ја долови за почеток нивната идеа со која го остваруваат сонот на оние души, кои без „Шарено лето“, многу потешко или воопшто нема да зачекорат по тој пат.
Здружението „Сумнал“, од кое доаѓа Фатма, е здружение за развој на ромската заедница. Користат грантови од Еразмус+ програмата. Програма наменета за децата Роми, ученици кои имаат помалку можности, но деца со примерно поведение и желба да докажат и покажат дека вредат еднакво како и сите останати во ова општество.
„Еразмус+ е програма на Европската Унија наменета да го поддржи образованието, обуката, младите и спортот во Европа. Целите на програмата во областа на образованието и обуката се: унапредување и поддршка на образованието на сите нивоа, зајакнување на врската меѓу формалното, неформалното и информалното образование и учење; подобрување на соработката меѓу образованието и пазарот на трудот, создавање на додатна вредност за европско образованиие и европско димензионирање на образованието, поддршка на соработката помеѓу земјите кои учествуваат во дефинирањто на образовните политики. Еразмус+ програмата исто така е фокусирана на јакнење на потенцијалите на младите за активно учество во граѓанското општество, како и на развојот на солидарноста и разбирањето меѓу културите.
Главните активности на Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“ досега се концентрирани на локално ниво, како и активности на меѓународно ниво, склучување на нови партнерства и реализација на проекти во соработка со партнерски организации од странство, најмногу преку програмата Еразмус+ на Европската Унија со која работиме од 2017 година.
„Сумнал“ досега има реализирано повеќе од 20 Еразмус+ проекти (младински размени, тренинг курсеви, семинари и конференции) на меѓународно ниво во соработка со организации од различни земји на кои се испратени повеќе од 300 млади луѓе, младински работници, ученици, наставници…“.
Иста целна група, иста цел, иста желба. Чиста и искрена, како детската душа. Сепак, овие две жени, вистински хероини според делата кои ги прават и идеите за кои се залагаат, имаат различни патишта и предизвици за остварување на своите цели. Главниот предизвик секако и секогаш е обезбедувањето на финансии. Ах, тие пусти пари. Кристина секојдневно лобира, се лакта, се бори, да обезбеди донации. Тоа е нејзиниот пат.
„Како здружение нашите финансии скоро 90 посто се од бизнис секторот, и од физички лица и благодарение на тие донации, соработки, спонзорства ние ја реализираме нашата програма секоја година. Програмата е голема и долга и имаме низа проекти и многу активности. Високото ниво на поддршка се должи на нашето високо ниво на транспарентост, исполнителност во проектите и видливост. Верувам дека сме едиснтвена организација која успева сето ова да го направи без ниеден голем грант во сиве години. Од една страна ја имаме огромната поддршка на народот, донаторите, компаниите, а од друга страна нашите проекти се континуирано добивани од страна на оние кои доделуваат грантови. Среќа можеме секогаш да се потпреме на донаторите, па така скоро целата наша програма секоја година, е реализирана. И по цена да не е финансирана од никаде, ние волонтерски го работиме тоа, затоа што се работи за нашите деца, за нивната иднина, образование, вештини, социјализација, и секојдневна помош, која тие не би ја добиле доколку не сме ние. Затоа никогаш не се откажуваме“.
Можеби различни начини на финансирање. Целта иста. Не за нив самите. За ВАС, за НАС. За децата. А нив, претстојниот период ги спојува уште една интересна активност. Односно дестинација. Кристина веќе го најави кампот во Словенија. Следната активност и размена на „Сумнал“ е токму во Словенија. На 22-ри мај. Сега, за некој ден.
„Ќе имаме неколку размени во следниот период. Сега на 22 мај една група ќе оди во Словенија. Преку Еразмус + програмата имаме можност да создаваме проекти за организирање на младински размени и тренинзи. Така, преку нашите одобрени проекти можеме да примиме млади и младински работници од различни земји во Европа кои се интересираат за нашата работа и темите кои ги работиме. Преку одобрениот грант од страна на Националната агенција за европски програми и мобилност која е координатор на Еразмус + програмата во нашата држава, добиваме средства кои потоа се користит за сите организациски и логистички аспекти поврзани со имплементацијата на размените. Во минатиот период имавме и акредитација за да примаме и праќаме волонтери, па имавме млади кои ни доаѓаа на размена во Скопје и Битола. До сега имавме млади од Турција, Шпанија, Романија итн. Исто така и ние испративме млади волонтери во Шпанија и Словенија.
За нашите корисници Еразмус + нуди многу можности: прво се им е без пари, прв пат патуваат сами, ги користат прв пат сите транспорти (воз, метро, авион итн), учат, разменуваат искуства, стекнуваат нови пријатели, ги подобруваат своите комуникациски вештини, особено комуникацијата на англски јазик. Ова им е можност и да посетат и видат земји со нивните културни и историски знаменитости, што обично не можат да си го дозволат. Со еден збор се враќаат мотивирани, позитивни и подготвени за нови предизвици“.
А како што децата се враќаат мотивитани за нови предизвици, предизвиците на Кристина не остануваат само на ова поле, на полето на патувањата. „Проект среќа“ работи на мал милион активности да им овозможи на децата од социјално ранливите категории еднакви можности.
„Само што заврши курсот за комјутери, веднаш почнуваме да се спремаме за премиера на претстава на ДДС Неверленд, бесплатно драмско студио за деца со помалку можности, а потоа ги спремаме камповите. Веднаш потоа е ,,Среќна школска година“, каде обезбедуваме училишни прибори за сите деца од цела Макдонија кои имаат потреба, а до сега имаме обезбедено за над 5000 деца , односно од 300 до 700 секоја година. Како здружение сме фокусирани на потребите на децата во социјален ризик, со акцент на нивното формално и неформално образование и тоа не прави едиснтвено такво во земјата. Нам ни се обраќаат и останати здруженија за помош, и тоа здруженија кои работат со грантови, што не прави од една страна горди, од друга страна тажни, затоа што ова општество децата никогаш не ги става во приоритети. Проектот ,,Оброк за секое дете во училиште“ го продолжуваме од септември, и сметаме дека тоа е можеби еден од најголемите и најзначајните проекти на кои сме работеле и кој го реализираме, а многу е потребен. Затоа што ни едно дете не смее да е гладно“.
И овој разговор наш може да трае до бесконечност. Бесконечни се и потребите, но и правата кои ги има секое дете. Биолошки или не, не е важно. Децата се НАШИ. Тие се НАША обврска и одраз на она какви личности сме ние, возрасните.
Да размислиме каква подлога им оставаме. Да бидеме утре горди на она што сме го направиле ние, за нив. А тие ќе се изборат. Верувам во тоа. Знам.
Со личности како Кристина и Фатма, на кои сите ние може да се огледаме и да научиме нешто, многу деца ќе креираат поубав свет, за нивните деца.