·

Од бајка до кошмар: Голготата на една жртва на семејно насилство во Македонија

Животот на нашата хероина во оваа сторија само до пред неколку години изгледал како бајка. Бракот со љубовта на својот живот и станувањето мајка беа само дел од радостите за 25-годишната ресенчанка и нејзината надеж за една иднина исполнета со многу љубов, разбирање и среќа. Веднаш по венчавката, таа се сели во Струга каде го започнува својот нов живот со сопругот.

Но како што честопати се случува, малку е потребно за работите да почнат да одат на лошо и бајката полека да се претвори во кошмар.

Веќе првите месеци од заедничкиот живот и бракот почнале да наговестуваат за тоа што понатаму ќе се случува. Односот на сопругот почнал нагло да се менува и таа веќе започнала да ги чувствува првите последици од психичкото, а потоа и физичкото насилството коешто започнало редовно да се случува во нивниот дом.

“Искрено кажано одлуката да ја напуштам таа куќа не се случи во еден момент, туку најдобро кажано неколку месеци подоцна откако започнавме да живееме заедно. Започна со вербално и физичко насилство, а продолжи со континуирани закани и уцени дека ако го напуштам – ќе му наштети на моето семејство.”, вака младата девојка ја започнува својата сторија.

Постојано живеејќи во страв, ваквото насилство таа го трпела повеќе од две години и се уште чувствува последици од истото. Како што вели, потребна е голема храброст за човек да може да се соочи со една ваква состојба и конечно да преземе некаков чекор.

“Иако сметав дека имам силен карактер што не трпи ваков тип на однесување од нечија страна кон мене, за жал сепак во одреден временски период и јас станав жртва на лице со психички проблеми.”, вели таа.

Заробена во еден мрачен круг на постојано злоставување и неконтролирано однесување од страна на сопругот, се одлучува да стави крај на сето ова и повторно да воспотави контрола над својот живот. Но и тоа не значело крај на постојаните закани кои ги трпела девојката и нејзиното семејство.

“Оттаму, тоа што решив да го напуштам домот во кој трпев насилство – не помина без последици по мене и моето семејство, ми беа потребни две години да се соземам. Не би рекла дека сум се соземала 100%, не е лесно, но на добар пат сум. Свесна сум дека најтешката битка за војување е таа со самата себе, зошто не е лесно од толку негативни емоции притиснати во себе и трауми да се продолжи понатаму.”

Три години подоцна, како жртва на семејно насилство, таа сега се наоѓа и во една жестока битка за старателство врз својот малолетен син, кој во моментот живее со таткото и се наоѓа далеку од прегратките на својата мајка.

Бескрајните лавиринти на македонските институции

Лавиринтите низ кои таа сега поминува се покажуваат исто толку трауматични како што бил и нејзиниот брак и на еден начин се повторуваат сите оние мачни емоции низ кои таа поминувала во изминатите неколку години.

“Не беше доволно тоа што го претрпев, требаше не знам по кој пат да го доживееам истото од нивна страна.”, вели младата мајка.

Најпрво тука бил самиот однос на вработените од центрите за социјална работа задолжени за предметот, а кои неколкупати се обиделе да ја премислат за воопшто да се откаже од целата процедура.

“Наместо да си ја вршат должноста, Центрите за социјална работа во Ресен и Струга се иживуваа врз мојата ситуација и на различен  начин вршеа притисок да се откажам  од постапката. Се сеќавам, вработена во ЦСР Струга ме “советуваше“ како да се вратам кај сопругот и дека тоа му било момент на бес и тоа се случувало во секој брак и дека ако продолжам да си ги барам правата – ќе го изгубам старателството.”

Состојбата станувала се побизарна со тоа што дури и самите вработени почнале да добиваат закани од тогашниот сопруг – а сето тоа поминувало без никаква реакција или било каква постапка од нивна страна.

“Тој и вработената во ЦСР Струга разговараа на телефон, тој и’ се заканува – таа не превзема ништо, a од друга страна вработен во ЦСР Ресен ми укажуваше дека тука фунционира на принципот кој колку пријатели на функција има и дека сум немала никакви шанси. Се криеја пријави и други документи, поради што морав за случајот да ги алармирам за Народниот Правобранител и Хелсиншкиот Комитет.“, додава таа.

 Токму овие две тела се главните столбови на поддршка којашто таа ги добива во судската постапка – каде се соочува со како што вели, бизарни одлуки кои не можат лесно да се објаснат. Следниот пат пак, во главната улога било Министерството за труд и социјална политика, кое ја потврдило одлуката за синот да остане да живее со таткото.

“Министерството за труд и социјална политика како второстепен орган – го прифати „образложението“ во решението на ЦСР Струга каде се констатира дека, цитирам: „поради нарушени партнерски односи, вонбрачната заедница престанала да функционира, а малолетното дете останало да живее со таткото. Видно од образложението на Решенијата на центарот за социјална работа и министерството – стои дека така се одлучило затоа што „детето останало да живее со таткото“, божем дете на една ипол годишна возраст свесно може да одлучи со кого да остане.“,  револтирано раскажува младата ресенчанка.

Според Зоран Василевски, правен советник при Хелсиншкиот Комитет, на хартија, односно онака како што што налага Законот за спречување на насилство врз жените и семејното насилство, низа институции се должни да постапуваат ургентно и со должно внимание, преку утврдениот мултисекторски пристап и интегрирани политики во справувањето со семејното насилство.

“Сепак во во делот на спроведувањето на законските заштитни механизми, лесно воочлив е јазот меѓу теоријата и практиката, имајќи ги ги во предвид низа надлежности и обврски на Центрите за социјална работа, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство.“, вели Василевски.

 “Во делот на заштита на правата на децата и заштита од семејното и родовобазирано насилство, правните советници при Хелсиншкиот комитет, од сведоштвата на жртвите како и од личниот увид во нивната документација, се забележува едно истоветно и повторувачко поведение на полициските службеници, кои кривичните пријави против сторителите ги заведуваат како поплаки, што во практиката значи обврска на полицискиот службеник да земе само изјава од сторителот и да го опомене да престане со загрозувачките дејствија, наместо да биде поднесена кривична пријава од страна на МВР до Основното јавно обвинителство. Ваквото непостапување или несоодветното постапување на полицијата е обесхрабрувачко за жртвите, а за сторителите истото е охрабрувачка пракса затоа што добиваат чувство на неказнивост,“ понатаму објаснува тој.

Дороти Пачкова

За граѓанската активистка за права на жените и претседателка на здружението “Една може“, Дороти Пачкова, прва причина поради тоа што законите не функционираат во пракса е тоа и можеби не ги решаваат основните причини за родовата нееднаквост и семејното насилство.

“Многу важно, вака како што се поставени, не превенираат насилство и родова нееднаквост. На пример, законите не решаваат прашања како што е токсичната машкост, што многу придонесува за култура на насилство и злоупотреба. Од друга страна пак, законите не функционираат во пракса затоа што пречесто не се спроведуваат доследно и ефективно. Службениците за спроведување на законот ги немаат потребните ресурси и време е да сфатиме дека не функционираат старовековните обуки кои им се извршени, за соодветно да ги истражат и гонат случаите на семејно насилство, и се уште не ги ни сфаќаат сериозно дојавите за злоупотреба.“, вели Пачкова.

Дополнително, како што објаснува Пачкова, законите во одредена мера не функционираат во пракса бидејќи тие често се предмет на толкување и имплементација од страна на поединци и организации со свои предрасуди и агенди, а сето ова доведува до нерамномерно спроведување и неконзистентна примена на законот, што ја поткопува неговата и онака кревка ефикасност.

Која е функцијата на центрите за социјални работи?

Сторијата и сето она ние поминува жртвата на семејно насилство во прашање ја става и самата функција на овие центри за социјална работа – дали тие се тука за само да констатираат кај кој родител живее детето во моментот, па согласно тоа носат решенија, или пак нивната функција е низ една сеопфатна постапка да носат решенија за доверување на детето согласно одредбите од Законот за семејството, и во интерес на неговиот нормален психофизички развој.

“Конкретно, синот тогаш имаше едвај 15 месеци и констатацијата дека „останало да живее  со таткото“ значи дека не по своја волја останало да живее со таткото, туку таквата ситуација е последица на други фактори кои центарот за социјална работа и министерството тенденциозно ги премолчува“, објаснува мајката.

Откако таа поднесува жалба на ваквата одлука, во јули минатата година од Министерството добива одговор дека жалбата се одбива како неоснована и дека детето се доделува кај таткото.

Оттука, таа објаснува дека одговорот кој е понуден од страна на Министерствотото содржи само една паушална констатација дека се работело на предметот и дека биле преземени „сите потребни мерки и активности”, а нема ни збор за констатираното семејно насилство и поведената постапка пред Основното јавно обвинителство.

“Тука повторно ја нагласувам паушаноста на ваквите наводи, што се согледува не само од тоа што нема појаснување врз основа на што се изведени овие заклучоци, туку и уште повеќе од тоа што нема ни збор за моите родителски капацитети и услови за домување.“

Дополнително, во текот на првичната постапка и управниот спор исто така биле констатирани и низа неправилности, всушност поради кои предметот првично бил вратен на повторно одлучување.

Решението на Центарот за социјални работи од Струга пак, било образложено со објаснување дека таткото имал капацитет за да ги врши родителските обврски и дека водејќи се од возраста на детето, тоа требало да остане во неговиот дом.

“Токму од ЈУМ ЦСР Струга на 24.09.2020 година барав да ме придружуваат и овозможат да си го видам детето за неговиот прв роденден на 28.09.2020 година, затоа што таткото своеволно, со закани и притисоци, без одлука на државен орган, а единствено со физичка сила си ги присвои сите права врз детето.“, раскажува таа.

Во моментот единствениот контакт и грижа која таа може да му ја понуди на својот син е во првата и третата недела во месецот, со тоа што таа го зема детето во петок, а го враќа кај таткото во недела.

Во целата состојба среќна е само поради едно нешто – а тоа е што во пеколните години од бракот детето било мало, па така нема да памти ништо од случувањата кои би можеле понатаму да му предизвикаат трауми.

“Како и секоја мајка така јас му посакувам на своето дете се најдобро, и никогаш да не биде  сведок на никаков насилен настан или пак да оди по постапките на својот татко. Можеби е чудно што го велам ова, но мило ми е од една страна што тој беше само едно мало невино бебе што нема да памети ништо од случувањата, или да биде сведок на нешто што ќе му остави долгорочни трауми“.

Сега, борбата за стартелството продолжува понатаму – незадоволна од исходот на последната жалба, нашата хероина повторно поднесува тужба во надеж дека можеби инстутициите ќе почнат да ја разгледуваат и нејзината страна од приказната и да донесат одлука која ќе биде базирана на фактичката состојба.

За жал, сето ова е проследено со една доза на резервираност и песимизам, пред се поради сето она што таа досега го има искусено од институциите и исходите од ваквите постапки.

“После се’ што искусив со институците најискрено кажувам дека немам НИКАКВИ очекувања од управната постапка која се уште трае, од причина што во државата не владее ЗАКОНОТ и ПРАВОТО.“

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

One Response

  1. Tazno…. zosto kaj nas nemozat da se razdelat dvajca luge na koi brakot ne im funkcionira kako priateli za da deteto ili decata imaat nekakov ponormalen zivot…. kade se tuka socialnite rabotnici.
    Za pravniot sistem I vrskite ne sakam da diskutiram toa na site ni e jasno.
    Roditelite ne se vazni…. deteto ne sakalo da bide rodeno…. oni odlucile… I sega toa mora da gi trpi nivnite nedorazbiranja I inaeti. Eh moja Makedonio… zar e tolku strasno da se zastita interesite na decata.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *