·

„Доза среќа“ – вистинска среќа!

Пред некое време, смислувајќи и истражувајќи за потенцијални теми за пишување, една драга личност ми предложи да ме запознае со една госпоѓа која би се вклопила во некоја од моите стории. Ме „спои“ со госпоѓата, поразговаравме. И не само што се вклопуваше во некоја сторија и тема. Госпоѓата заслужува целосна сторија, само за неа.

А дали е само за неа сторијата или за сите оние кои имаат така чисто срце, таква енергија, дух, борбеност, но и таква мотивираност тоа го пренесат и споделат со сите други… одлучете вие.

Со гордост кажувам дека имав привилегија да се запознаам со една човечка величина и имам чест да пишувам за госпоѓата Сузана Стојановска. Или Сузе, како што таа сака да и се обраќаат.

Чудни и тешки приказни животот знае да ни сплете и тогаш да поминеме низ оние најтешки предизвици. На нас останува да се избориме со нив и да излеземе многу посилни од тоа. Но, џабе сме посилни ако тоа не го споделиме со друг, ако не му помогнеме и насочиме оној кому му е потребно тоа. Тогаш ја достигнуваме величината. И да ја започнеме животната приказна на Сузе…

Сузе е мајка на Никола, дете со Даунов синдром. Пред 7 години, кога Никола имал 12 години, татко му на Никола ги напушта.

„Многу пати до сега сум ја раскажувала мојата животна приказна. Секогаш е истото чувство. Оној момент кога останавме сами со тогаш, 12 годишниот син Никола, кој е дете со Даунов синдром. Сама, невработена, под кирија. За среќа, никогаш не подлегнав на тоа чувство, остана само во сеќавање моментот“.

Во ситуација во која Сузе останува самохрана мајка, таа добива уште поголема сила и желба за борба. Но, предизвиците со кои се соочува стануваат сто пати поголеми. Со тоа и грижите за она што за секоја мајка е приоритет.

„Она што ме плашеше беше психичката состојба на Никола, кој поради состојбата има многу малку говор и понекогаш дури и за мене не е разбирлив. Размислував… Што да направам, како да му помогнам да ја надмине ситуацијата?

Решението го знаев. Длабоко во мене, многу пред тоа, размислував за децата без родители. Да, тоа е тоа ќе земам дете кое ќе најде топол дом, безрезервна неограничена љубов и Никола ќе има другарче. Засекогаш“.

И се изгледа „така едноставно“ да се каже, па до некаде и нецелосно промислено да се направи. Сепак, Сузе сосема трезвено и смирено, ги започнува првите подготвителни чекори за споделување на она што со споделување само се зголемува, на љубовта.

„Веднаш се распрашав за постапката и условите да станам згрижувач. Во меѓувреме почнав да го подготвувам Никола. Требаше да знае дека мора да ме дели со другарчето, се што е негово, играчки , книги… ќе мора да ги дели со неговото другарче. Започнав да одам на обука за згрижувачи во Детско село. Без таа обука не е возможно да се биде згрижувач. Сето ова траеше околу една година.

И токму на 31 декември 2017, еден пријател ми кажува дека има дете без родители во училиштето за слепи лица. Дете кое нема каде да оди за време на распустот  затоа што интернатот не работи. Веднаш отидов во училиштето да прашам што да направам да го земам кај мене. Од таму назад во Центарот за социјални работи, кој е надлежен за децата без родители. Барав да ми дозволат да го земам, веднаш. Ми требаше уште некој документ. А 31 декември. Тоа беше страшна трчаница. И успеав! Новата 2018 ја дочекавме заедно. Никола, Денис и јас“.

Новогодишните желби се остваруваат само тогаш кога се посакуваат со цело срце. Никола пресреќен. Денис со нов  дом. Но, како што вели Сузе, адаптацијата и стекнувањето на целосна доверба е долготраен процес. На самиот почеток не знаеле ништо за Денис. Сепак, без никакви притисоци, кога Денис ќе се почувствувал доволно опуштен да зборува за себе, блискоста во семејството растела.

„Денес пет години подоцна имам две момчиња кои совршено се согласуваат и надополнуваат. Никола е очите на Денис, а пак Денис е јазикот на Никола. На моменти кога Никола сака нешто да ми каже, а јас не можам да го разберам, тука е Денис кој со неговите сетила развиени до совршенство ми “преведува“.

Двајцата се многу различни во нивните интереси и можности. Никола е многу активен, учи во Гимназија за фискултура и е трета година, одличен пливач (со многу освоени медали), оди на танцување, учи знаковен јазик. Денис е по пасивен, ама затоа е одличен музичар, свири на хармоника и клавир. Знае да „скине“ песна по прво слушање“.

И како што веќе спомнавме, колку повеќе се споделуваат знаењата, љубовта и искуствата, толку е човекот побогат. Некогаш маката ќе те натера. Граѓанскиот активизам на Сузе започнал веднаш по раѓањето на Никола. Низ различни форми, за општо добро и за подобрување на се она што е неопходно за интеграција на лица со Даунов синдром или со атипичен развој.

„Од моментот кога се роди Никола истражував за децата со даунов синдром и што нуди нашата држава како поддршка. Пред 19 години за жал речиси ништо. Излезот го гледав во невладиниот сектор. Времето минуваше, ние родителите разменувавме искуства, баравме чаре. Сите со даунов синдром и сите различни.

Како граѓански активист учествув во сите иницијативи за подобрување на  животот на лицата со атипичен развој, за измена на законски и подзаконски акти. Буквално туркавме на мускули. Сето тоа одеше многу бавно“.

Како родител, а и како човек кој дирекно е инволвиран и засегнат, на кого и динамиката на изнаоѓање на решенија и имплементација на стандарди кои овие лица ги заслужуваат, Сузе размислува деноноќно како да се подобрат и олеснат работите. Доаѓа до онаа идеа која е се’, само не една „доза среќа“. Скромна, каква што Господ ја дал, Сузе формира невладина организација која го добива токму тоа име – „Доза среќа“.

„Имав многу идеи кои можеа да се реализираат единствено преку невладина организација. На сите ни требаше „Доза среќа“. Во 2018 година и официјално регистрирана НВО Дневен центар Доза Среќа. Зрното од врвот на планината се стркала како лавина. Многу работилници, проекти, настани. Здружението има 20-тина деца-лица со Даунов синдром и многу поддржувачи. Соработка со базенот Борис Трајковски кој ни овозможува два пати неделно безплатни термини, соработка со ИТК Македонија -пливачки клуб кој без надоместк работи со нашите корисници, тренери кои долги години работат со лица со посебни потреби. Меморандум за соработка со ЦСР-Скопје за користење на просториите на дневниот центар во попладневите часови што е од суштинско значење за реализирање на нашите активности. Бројни тематски работилници за животни вештини, арт терапија. Од сето ова ќе го издвојам успехот со лековити растенија. Случајна средба со Др Драган Јованов кој изрази желба да работи со децата. Формиравме инклузивен тим. За две години, 26 златни медали на светски натпревари за млади иноватори каде сме единствени со атипичен развој, многу признанија од стручни жириа. И како резултат на сето ова, годинава сме добитници на 13 Ноемвриска награда што ја доделува Град Скопје. Гордост“.

А поддршката и бројните признанија и награди се сосема заслужени како резултат на добрата и искрена работа и залагање за некого да направите среќен. Она што душа топли е среќата и насмевките на децата при сите активности кои ги имаат, нивните чувства.

Денис ја предводи музичката група-оркестар. Тој-хармоника, Никола-тапан, Коста-гитара, Дарко-дајре,Ива-фрула, Ева-тарабука… Долг е списокот. Учествувавме на фолклорен фестивал во Турција и кај нас во Куманово. Изминатава година реализиравме четири проекти – еден поддржан од Град Скопје, два од Министерство за култура и еден од Министерство за животна средина. Голема благодарност до сите.

Погоре го спомнав знаковниот јазик кој го изучува Никола. После две години курс покрај нашата комуникација има подобрување во надминување на моментот на фрустрација од неможност да се искаже. Со проблемот со говор се соочуваат поголемиот број деца со Даунов синдром, па од тука и идеата да изучуваат и останатите деца знаковен јазик. Сето тоа го ставив на хартија како проект, на повикот на Град Скопје, аплицирав. За наша среќа, одговорните го препознаа моментот на потреба од еден ваков проект и го одобрија. Резултатите се фантастични. Вклучени се многу деца кои го поминаа првото ниво на изучување основни знаци. Покрај тоа научија и неколку песни со кои веќе се имаме претставено пред пошироката јавност како и една инклузивна претстава „Ежето Снеже“, која ја играа во Театар за деца и младинци“.

И дека среќата не познава граници, „Доза среќа“ и буквално го применува. Соработуваат и со здруженија од Бугарија, Србија и Турција. Надминуваат, покажуваат и се пример како треба, како се може да се постигне кога се има чисто и големо срце, идеа која не познава граници, како онаа на Џон Ленон, додека ја пишува познатата Imagine.

„Самото има „Доза среќа“ не’ “обврзува” да делиме среќа. Наша традиција е на одредени празници или значајни датуми да подаруваме рачни изработки (кои ги изработуваме на работилници во текот на годината). Токму тогаш кога на човековата душа најмногу и е потребно. За Нова Година, Осми март, Велигден…

Токму како денеска, во Сити мол, што имавме акција на подарување на рачно изработени џуџиња и новогодишни и божиќни украси. И исклучително ни е мило што присуствувавте и се уверивте каква е детската среќа“.

И Сузе може да зборува уште многу. Но, се надеваме дека сосема доволно е и ова, да разбудиме нешто од Сузе и кај вас, нешто Леноновско. Не велиме дека не сте со отворени срца, не велиме дека не ширите среќа. Напротив, само сакаме тоа да биде на уште повисоко ниво, затоа што така и вие ќе бидете посреќни.

И за крај, не само на оваа прекрасна инспиративна животна приказна, туку и за крај на годината. Нека следната биде поубава, сите ние здрави, живи, насмеани…

Среќна Нова Година ви посакува тимот на Creative Voice!!!

И замислете некоја прекрасна желба за Нова Година, убава, чиста и несебична.

Се остваруваат!!!

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *