·

Од брзи кредити до долготрајни маки

Кога на почетокот на јули годинава 60-годишниот земјоделец Кочо Порковски од битолското село Цапари ќе добие повик и апел за помош од својата ќерка и негиовиот зет, веднаш проработува неговиот родителски инстинкт и не размислува двапати околу тоа како да помогне – важно му е само тоа да го направи што поскоро.

Проблемот со кој се соочиле ќерката и зетот навидум звучи едноставно – на Кочо му објасниле дека на нивните банкарски сметки не можат да добиваат пари од странство, и дека во моментов итно им требаат податоци од трансакциска сметка на која нивни пријатели од странство ќе можат да им префрлат пари со која тие потоа ќе можат да ја реновираат својата куќа.

Желен да излезе во пресрет Кочо веднаш се согласува и им ги дава своите податоци –  личната карта и својата трансакциска сметка.

Неколку дена подоцна овие пари пристигнуваат на сметката и Кочо оди во една локалните банки во Битола за да ги подигне средствата. Истиот ден, Кочо потоа се сретнува со ќерката и зетот, им ги предава парите и имаат заеднички семеен ручек во родното Цапари.

Како што раскажува Кочо, во тој момент е пресреќен поради тоа што успеал да помогне и да му се најде на своето дете. Истовремено, Кочо е и нестрплив и возбуден да види како ќе изгледа куќата на неговата ќерка по реновирањето и тие веќе прават планови за следната заедничка средба.

Три месеци подоцна, пак, се случува нешто невообичено. Кочо почнува да добива непознати повици од лица, претставници на различни финансиски институции кои тврдат дека тој има рати од кредити кои мора да ги покрие за да го избегне плаќањето на големите камати кои следат.

Но, Кочо никогаш не поднел барање за да земе кредити од било каде, и сето ова му доаѓа како огромен шок. Во обид да добие некаков одговор, од претставниците на овие финансиски институции тој добива објасување дека во јули електронски аплицирал и добил неколку таканаречени “брзи кредити“.

Сомневајќи се на некаква грешка и трагајќи да дознае што точно се случува, Кочо сега брза да ја исконтактира својата ќерка и да види дали можеби таа знае нешто повеќе за ова.

Но, за Кочо следи вториот шок – телефонските броеви на неговата и ќерка и зет се исклучени. Веднаш потоа оди да ги посети во нивниот дом – но нив ги нема, а куќата е празна.

Обидувајќи се најде смисла во сето она што се случува Кочо се освестува и се соочува со веројатно најтешкиот момент во својот живот – сфаќа дека е измамен од својата ќерка и нејзиниот маж.

А веќе е прекасно за било каква реакција. Иако Кочо се обидува да им објасни на финансиските институции за тоа што точно се случува, од сите нив добива идентитечен одговор – “парите се извадени од ваша сметка, со ваш потпис“

Како флешбек му доаѓа моментот од денот кога на својата ќерка и ги дава парите кои претходно пристигнале на неговата сметка, испратени од страна на нејзините пријатели.

Но, сега овие “пријатели“ сега доаѓаат по своето.

“Ми велат вие го имате подигнато кредитот, сте ја реновирале куќата. Сега мора да ги исплаќате ратите. А јас немам земено никаков кредит, нити сум реновирал нешто и навистина не знам каде се тие пари.“, ни раскажува самиот Кочо.

Соочен со една мрачна и безилезна ситуација, случајот го пријавува во МВР. Оттаму добива одговор дека се додека полицијата не ги лоцира неговата ќерка и зет против кои потоа може да поднесе приватна тужба, во меѓувреме не може да направи ништо друго.

За да не западне во уште поголем долг, тој мора да продолжи редовно да ги покрива овие рати. А со плата од 18 илјади денари, маките за Кочо допрва започнуваат.

Лесната достапност на брзите кредити.

Случајот на Кочо е само еден мал дел од многу поголем загадочен општествен проблем – злоупотребата на личните податоци и опасностите од измами, особено кога станува збор за достапноста на овие брзи кредити.

Една едноставна претрага на интернет околу тоа како да се аплицира за брз кредит во Македонија ќе ви даде повеќе резултати: “до брз кредит за само неколку чекори“, “одобрување на кредитот веднаш“, “пари на рака до 15 минути“, “аплицирајте целосно онлајн без посета на канцеларии“, “до кредит само со лична карта“ и слични останати примамливи фрази. Според официјалните бројки пак, во земјава има околу 30 вакви финансиски институции.

Се поголемиот број на вакви финансиски институции неминовно значи и зголемување на бројот на случаи на измами. Според официјалните податоци на МВР, во периодот од 2019 до 2021 година пријавени се 76 случаи на злоупотреба на лични податоци за добивање на брзи кредити. Неофицијалните бројќи пак, веројатно се многу повисоки.

Која е вистинската цена што ја плаќаат оние како Кочо, кои несвесно се измамени и влезени во мачниот должнички лавиринт? И што можат измамените, но и самите власти и финансиски институции да превземат и направат за да го ограничат овој тип на појави?

“По преземени мерки и активности во врска со настаните поднесени се 17 кривични пријави, 66 писмени известувања до надлежните ОЈО и едно известување до оштетено лице за поднесување на приватна тужба против откриен сторител.“, стои во кусиот одговор од МВР околу тоа што превземаат властите кога ќе се соочат со вакви случаи.

Creative Voice побара одговор од неколку вакви “продавници за брзи кредити“ околу тоа што прават самите тие како реакција за превенција на ваквите случаи. Официјален одговор не добивме од ниедна од контактираните финансиски институции.

Неофицијално пак, извор кој работи во една ваква финансиска институција вели дека повеќето од измамените едноставно се оставени сами на себе и немаат друг избор освен тоа да продолжат со плаќање на ратите.

 

“Скоро сите кои се измамени на ваков начин гледаат да платат колку што можат да за да не западнат во уште поголем долг и  да не мора да се соочат со извршители. А некои од нив живеат само од минимална плата, и огромен дел од оваа сума им оди само за да ги покријат ратите. Има и такви кои се решаваат да одат на суд и таму да се докажуваат, но тие постапки траат навистина долго и таму пак се соочуваат со дополнителни трошоци.“, раскажува нашиот извор.

Измамите со кои се доаѓа до овие брзи кредити се најразлични. Додека во случајот со Кочо тоа било направено од од страна на член на семејството, најголем дел од останататите измами се направени од страна на трети односно непознати лица.

Во вакви случаи, измамниците користат социјален инженеринг односно измами на социјалните мрежи, како и најразлични други начини преку кои ги манипулираат своите жртви за да дојдат до нивните лични податоци и потоа да ги злоупотребат.

На кое ниво е свеста кај граѓаните за опасноста од злоупотреба на личните податоци?

Запрашан за тоа дали е свесен од ризиците кои постојат по неговите лични податоци, Кочо вели дека никогаш не помислил дека токму него би можело да му случи вакво нешто.

Ова пак не носи до следното прашање – дали постои свест кај македонските граѓани околу злоупотребата на лични податоци и колку е лесно истите да станат мета на вакви измамници. Дали станува збор за лековерност, недоволна дигитална писменост, или пак нешто трето?

Експерти од областа велат дека домашното искуство потврдува дека свеста за тоа што се случува со личните податоци не може да се гради само врз краткорочни кампањи, туку дека треба да постои една тенденција која ќе ги натера граѓаните самите да бидат свесни и одговорни за она што се случува со нивните лични податоци.

Љубица Пендароска

“Само такви личности ќе поставуваат прашања „зошто, кому, која е целта поради која ви ги бараат или чуваат податоците!“ Ќе го проверуваат повеќекратно изворот на информации и нивната веродостојност, ќе споредуваат и слично. Несвесни граѓани се штета за себеси но и за останатите, а како сублимат и за општеството во целина.“, објаснува Љубица Пендароска, експерт за заштита на лични податоци.

Според Пендароска, во една ваква состојба државата има двојна одговорност – да презема мерки за спречување на злоупотребите на лични податоци кои во одредени случаи може да резултираат со финансиски загуби, но и да изрекува и спроведува санкции кон прекршителите.

“Властите (во општа смисла), се „другата страна на паричката“. Кај нив ја лоцирам одговорноста, но и недостатокот на активности за градење на свесно и сензитивно граѓанство кон третирањето на личните податоци. Заштитата на личните податоци е култура што се гради и потоа се негува.“, порачува Пендароска.

Од друга страна пак, раната фаза на дигиталната трансформација во којашто се наоѓа Македонија сама по себе претставува и предизвик за институциите кои се справуваат со вакви случаи.

“Денес контекстот е променет, и најдобар пример за тоа е токму земањето брзи кредити – ако во традиционалниот банкарски систем за кредит беа потребни документи, личен потпис и потврда од повеќе институции, за брз кредит најчесто е потребна мобилна апликација, слика од личен документ и слика од потпис.  Овој дигитален и брз пристап го зголемува ризикот од успешна злоупотреба на туѓ идентитет.“, вели експертот за информациска безбедност Божидар Спировски.

Дополнително, според Спировски сосема реални се и проценките дека голем дел од ваквите инциденти остануваат непријавени поради срамот кои го имаат измамените лица, додека дел се во долга истрага и докажувањето дека нечиј идентитет е украден воопшто не е лесно.

“Дури и да стаса до полициска истрага и судски процес, кој ќе успее да докаже дека идентитетот му е украден и не пробува да направи измама и да не врати кредит. Дури и да е воспоставен формален регистар кој се храни од судски одлуки, тој ќе се базира на завршени предмети и нема да ја рефлектира реалната тековна состојба туку ќе прикаже стара состојба.“, појаснува Спировски.

При една ваква ситуација која упатува на тоа дека измамените не можат да сметаат на механизмите на системот, она што може да се направи е самите граѓани да бидат едуцирани околу ризиците од злоупотребата на нивните лични податоци.

Вториот чекор би можел да се однесува на воспоставување на специјална телефонска линија на која измамените граѓаните како Кочо или пак оние кои се сомневаат во кражба на идентитет ќе можат превентивно да ги пријават ваквите случаи.

“Иако пријавата не значи дека правно проблемот ќе биде разрешен во корист на граѓанинот, водењето на регистар на ваквите пријави кој е транспарентен ќе им даде на регулаторите и на властите основ да ги воочат местата во процесите каде е потребна повеќе контрола.“, потенцира Спировски.

Сублимирано, сите овие чекори пак треба да водат и кон создавање на функционален систем кој ќе предвидува поголем увид од властите и останатите регулатори врз процесите на работење на ваквите компании, како и промени регулативата со цел да се намали изложеноста на личните документи. Сето тоа на долг рок пак може да придонесе и во спречувањето на ваквите и слични измами во кои најмногу страдаат обичните граѓани како Кочо Порковски.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *