·

Инфлуенсери – некаде меѓу популарноста и етиката

Ако во кафеана постои песна која слови за најскапа, денес во општеството имаме и таков збор – придавка, опис, епитет… ништо од наведените не е погрешно, но не е погрешно ниту ако кажеме дека тој збор денеска општествата го доживуваат како некоја титула. Исклучок не е ниту нашето, па и кај нас станува престиж да го понесеш епитетот инфлуенсер. Или на „нашки“ – влијателен човек. Дека не заостануваме зад светот кога се инфлуенсерите во прашање, доказ се интернетот, социјалните мрежи, па и разни награди кои во Македонија се доделуваат на овие луѓе.

Но, на што влијаат? Или, барем на што се трудат да влијаат? Постои ли етика која треба да биде испочитувана, до кои граници смее да оди јавното делување и обраќање? Боговите на математиката ќе речат дека бројките не лажат, а онаму каде се големите бројки на т.н. следбеници, таму е и големата одговорност што се пишува, објавува и прави. Така барем би требало да биде. Бирајќи ги соговорниците за оваа сторија, се водев од еден објективен и еден субјективен критериум – зад себе да имаат голема „свита“ која ги следи, и барем досега да немаат сериозни дамки во тоа што го прават. Така филтерот ме донесе до Божидар Божиновски, познат и како Моџо Килингтон, Цеце Николова и Кристијан Станковски, далеку попрепознатлив како Бомбакис. Освен следбениците, ги поврзува уште една работа – сите имаат зад себе лични борби: „клинч“ со депресија и анксиозност, растење без родители во СОС Детското село, победен рак…

Првите знаци на популарност на социјалните медиуми Божидар ги доживува пред речиси десет години на Твитер, станувајќи препознатлив по црниот хумор и псевдонимот Моџо Килингтон, своевиден омаж на прерано починатиот и култен Џим Морисон. Со текот на годините алтер егото Моџо Килингтон полека исчезнува, а на сцената настапува самиот тој – Божидар Божиновски, користејќи го специфичниот и мрачен смисол за хумор за да го тргне вниманието кон суровата реалност и општествените катастрофи со кои се соочува Македонија.

Во моментот на разговорот, зад Божидар се околу 50 илјади следбеници на социјалните мрежи, три книги и солидна сценаристичка работа на проектите „Фчераши новости“ и „Преспав“. Вели дека на своите објави не им придава голема важност, но мило му е ако некој од нив извлече некоја позитива, поука, насока…

Имаше времиња кога споделував повеќе содржини кои беа лични, за борбата со депресијата и тука имаше многу убави моменти на поддршка, но и она што е поважно дека многу луѓе кои имаат депресија, панични напади, анксиозност, ми пишаа со нивни лични искуства, па разменувавме мислења, кога требаше се храбревме, се создаде некоја мрежа на луѓе кои минуваат низ истото со цел да поминеме полесно. Иако тоа е одамна, се’ уште сум во контакт со многумина, и од поучно или корисно најмногу би ми значело на тој план да сум помогнал да не се чувстуваат дека само тие врват низ такви состојби. Понекогаш има утеха во тоа да знаеш дека не си сам низ она што врвиш.“, ни вели на почетокот од разговорот. Неговата „колешка“ Цеце на 25 години има животно искуство кое тешко би го изедначил и некој двојно постар. Порасната без родителска грижа, уката за животот ја стекнувала во СОС Детското село и низ самостојна борба. Денес ја препознаваме и преку новинарската работа, како девојка која без грам комплекс проговори за борбата со алопецијата, но можеби најважно – како основач и „прва дама“ на здружението „За тебе“ (4U), кое за цел има да ги изведе на добар пат токму децата кои ја делат нејзината судбина. Вели дека и покрај ваквото си-ви и бројните акции со голем одзив кои ги покренала, воопшто не се доживува како инфлуенсер.

Цеце Николова

„Многу би сакала за себе да можам да кажам дека сум личност која прави и поттикнува убави промени, сепак тоа е големо „обвинение“. Сметам дека треба многу „да направиш“ во животот за да станеш влијателна личност. Јас имам 25 години, само што почнувам, хаха. Сепак, благодарам што така ме доживувате. Животната приказна ми е главниот мотив за да го основам Здружението за млади во социјален ризик „За тебе“. (4U). Јас растев без родителска грижа, а сега им помагам на младите кои растеле исто како мене. Не можам да се замислам себе во поинаква улога во општеството – ете, сè си има своја причина. Се обидувам да влијаам со мотивациски говори за позитивни понеделници, среќни утра, уште посреќни на вежбање, најсреќни кога сме на диета и бескрајно вљубени во себе, хахаха. Секако не. Се обидувам да влијаам преку споделување на детали од мојот живот од кои сум извлекла некои скапи поуки. Тоа беше и главниот мотив за основањето на невладината „За тебе“ (прва во Македонија), на која јас сум претседател, на само (тогаш) 22 години и помагање и поддржување млади лица кои растеле без родители и родителска грижа во нашата земја. Од мојот пример може многу да се научи “, ни дава Цеце увид во својата приказна.

Кристијан Станковски уште во своите дваесетти морал да го „полага“ најтешкиот „испит“ – борба со ракот, која фала му на Бога, завршила со негова победа, и која е еден од темелите на неговата книга „Живот“. Денес е препознатлив под псевдонимот Бомбакис, односно момчето кое со пораки испишани на картон се обидува да внесе како што вели, позитива меѓу луѓето. Некогаш е тоа цитат, некогаш некоја мудрост, некогаш шега, некогаш мисла со подлабока порака…

„Па да, се доживувам како влијателна личност, но над самиот себе. Само делиме исто мислење со луѓето, и ги сакаме истите промени за кои јас се борам еве веќе долго време. Нема што човекот да избира животна приказна за себе. Има некој кој веќе го направил тоа – дедо Боже. Нам ни преостанува да се бориме со се’ она што ни се сервира, сите препреки за на крај да кажеш – се изнаживеав. И пак ќе кажам – не влијаам врз луѓето, само споделувам искуство за да можат тие подобро да се снајдат ако се наоѓаат во некоја слична ситуација како мојата. Ако те сакаат луѓето и те следат , треба тоа да се искористи на позитивен начин, нормално. Затоа што околу нас има многу омраза, злоба, љубомора, завист, мора некој да ја држи позитивата на ниво.“, го заокружува запознавањето Бомбакис, давајќи ни одговор и на тоа на кој начин се обидуваш да направиш промена, да влијаеш? Со истото прашање се враќаме на адресата на Божидар.

Божидар Божиновски – Моџо

„Не сметам дека имам некакво влијание врз општествените процеси. Малку се единки кои можат да влијаат врз нив, а јас не сум еден од нив. За жал или за среќа, не знам. Она што е општо прифатено и е мета на потсмев се инстаграм инфлуенсерките и во многу мал број машките инфлуенсери. Овде би застанал во нивна одбрана затоа што за да се постигне тоа е потребно многу време, труд, пожртвуваност и знаење. „Само се сликаат, секој може тоа“, а сепак не сите живеат од своите слики и реклами за истите. Колку што знам цели тимови работат зад нив и тоа што општо изгледа многу лесно, всушност не е. Да беше, веројатно сите би живееле од селфи. Уште малку за инфлуенсерството – се сеќавам кога Твитер беше овде во зародиш, а не воено поле на две партии, па немаше многу корисници и кога некој ќе собереше 1000 следбеници се честиташе „влијателност“. Сега гледам дека многумина таа шега ја сфатија сериозно, па и себеси како некои фактори во општеството во годините што следеа. Поривот е истиот од кога знам за себе и пред интернетот и пред социјални мрежи и пред таканаречената влијателност – борбата против неправдите. Тоа е борба против ветерници, однапред изгубена генерално, со ретки битки кои можеш да ги добиеш. Сепак алтернативата е многу посурова – молк пред неправдите, пред џелатите, пред нивните пци. Може мојот глас да не значи ништо, ама тоа е максимумот што го имам и додека имам сила ќе викам. Ако не можам да променам ништо, барем знам дека сум се потрудил. Живееме во време на општа апатија, на меланхолија, на страв и неизвесност, се ближи моментот кога ќе нема што да изгубиме веќе. Стегај ремен дека е корона, стегај ремен дека е економска криза, енергетска… ременот ќе нѐ удави, ќе нѐ остави без водух. А некои пред замислените државни и локални „партиски величини“ побрзо би престанале да дишат отколку да го кренат својот глас. Дури и добиток кога го носат на колење до последно се опира, се бори за живот, во неправедна битка. Нас нѐ носат во пропаст, а ние маршираме во молк гледајќи ја бездната.“, ни посочува со неамбалажирана искреност, па и гнев.

Народот вели „мали деца – мали проблеми, големи деца – големи проблеми“. Расте ли и одговорноста за објавеното со бројот на „следбеници“, постои ли воопшто?

„Се разбира дека одговорноста мора да постои. Штом некој „го следи“ тоа што го правиш, повеќе од јасно е дека носиш одговорност за тоа што го споделуваш, без разлика дали е реклама или приватна содржина. Сакале ние/вие да прифатиме/те или не – улогата на инфлуенсерите е огромна, ако не и најголема. Попрво ќе го видат (и поддржат!) мислењето на инфлуенсерката Миа Костова на одредена тема, отколку на претседателот Пендаровски, на пример.“, недвосмислена е Цеце, а одговорот го дополнува Бомбакис: „Па реално, одговорноста е голема, улогата на инфлуенсерите исто така. Сепак можат да променат доста работи. Само што, сметам дека сите си гледаат за себе, никој не се сака меѓусебно, си прават лице, и тоа е она што (инфлуенсерите) не ги соединува за да направат нешто големо. Мислам дека и тие не се свесни што прават во моментот, ама од после кога ќе се сетат што направиле, сигурно не им е сеедно. Зошто за секунда можеш да бидеш на линч од јавноста, а тоа не е нималку добро.“

Божидар лично се има соочено со одговорноста од непромислен „клик“. Нема проблем да признае, но ја открива и другата страна на паричката.

„Поаѓајќи од сопствено искуство и моменти на неодговорност, за кои и се извинив, мислам дека на сите кои не сме функционери или на позиција да менувавме или влијаеме на општествените текови паѓа иста тежина на зборот – тежината која сами, преку нашите морални и етички механизми си ја создаваме. Секој збор, а и секој молк носи одговорност. Повеќе од инфлуенсери или опинионмејкери, или што и да е на интернет, ме интересира одговорноста на оние кои навистина имаат влијание во општеството – писатели, музичари, актери, спортисти, луѓе на кои се угледуваат младите или барем би требало. Тој молк повеќе ме фасцинира од целата гласност околу нас. Едните уплашени да не им избегаат фондови од Министерство за култура, другите да не ги изгубат тезгите по разни општински пивтијади, третите и четвртите веќе се над оваа состојба, снимаат реклами за казина и брзи кредити…

Самата нивна поголема општествена тежина носи и поголема одговорност на нивниот збор, а и на нивниот молк. Сепак со сила никого не можеш да го натераш да  каже нешто за сите неправди, писателите и музичарите го губат јазикот што симболично со нивниот молк и е веќе изгубен, идолите на младите кои играат фудбал меѓу камења и по цел ден се на кошарка ги тераат во казино… ние другите само галамиме, без посилна верба во промена, а со надеж дека барем еден ден ќе можеме да кажеме дека сме биле на вистинска страна кога требало. Сепак од сите наши извици, од сета оваа болка околу нас погласен е молкот и ќе дојде време кога ќе се срамиме пред идните генрации дека со затворена уста сме оставиле да нè уништат. И тогаш со наведната глава ќе молчиме затоа што ќе немаме одговор.“

Ако кажеме дека сивилото е секаде околу нас, се чини нема да претераме. Должни ли се инфлуенсерите да влијаат на позитивен начин?

„Се разбира дека не треба да влијае негативно, но и лажно позитивно мнооооогу (ми) пречи. Затоа би рекла дека една личност која има влијание врз општеството на било каков начин, пред сè треба да биде реална – првин пред себе, а потоа и пред другите.“, ни вели нашата дама соговорник, давајќи му подлога на Божидар кој посочува и на одредена „узурпација“ на овој простор: „Сите како граѓани сме должни да дејствуваме позитивно, повеќе со дела отоколку со зборови, а ако не можеме тоа барем да не правиме штета. За жал социјалните мрежи се еден вид пазар, каде што се продава тоа некое влијание, за општа штета и за лична корист. Имаат мерак партиите да имаат свои „влијателни“ да им ги потврдуваат нивните ставови пред повеќе публика, да спинуваат вести, да прават хајки. Сепак мала држава сме, многу лесно се знае од кај тече водата и мислам дека таквите влијанија се минорни, тоа е круг на истомисленици кои цело време се јачаат едни со други, затворени во тој имагинарен свет. Не можеш да бараш од некого да сфати како стојат работите ако работа му е да не сфаќа.“

Претходното прашање самото не’ води до наредното – ја злоупотребуваат ли некои својата влијателност, одат ли во погрешна насока?

„Дефинитивно! Тоа го анализирам во последно време. Ќе ги заследат поголем дел луѓе и тука им се крева егото, суетата и летаат во облаци. Прават непромислени потези, дури и примитивни, но тоа е… нека се живи и здрави.“, како од топ и без задршка одговара Бомбакис. Цеце пак, смета дека таквите несомнено постојат, но не треба да се губи времето на нив: „Да бидам искрена, не следам инфлуенсери кои не ми се допаѓаат поради некои причини, така што, никогаш не наоѓам време да видам некој како „во погрешна насока ја носи својата популарност“. Секој има право да прави што сака. И копче unfollow има.“

Во овој контекст, со Божидар веднаш ги споменуваме коцкарниците, обложувалниците, брзите кредити… нешто што некој би го ословил како современ канцер на заедницата. „Тоа е како на наркоман да му нудиш дрога. Коцката е буквална дрога, ги активира истите подрачја за задоволство со дрогата. И коцкарниците и брзите кредити се мамка за исто такво брзо пропаѓање. Многу семејства се растуриле, останале без дом, заглавиле со години кај извршители заради коцкарски долгови и неможност да ги враќаат брзите кредити, кои сепак не се без никакви трошоци како што се рекламира. За жал во ваквите кампањи учествуваат и поголеми личности од само инфлуенсери – спортски херои, разни водители и актери и сепак секој со својата одговорност. Ако можат да спијат мирно и да се радуваат на пари кој некој ги изгубил или ќе ги враќа со големи камати за да добијат хонорар, тогаш тоа е нивен проблем. Фактот останува дека и коцката и брзите кредити се нуспојави на сиромаштијата која ни е системски наметната и желбата да се дојде брзо до финансиска добивка. Таквата системска сиромаштија си најде и свои маскоти па нека им е со среќа. Иако не сметам дека сме толку лесни да не’ убедат да се коцкаме или да креваме брзи кредити некави спортисти, водители и актери. Повеќе од реклама на коцкарниците и лихварите ова е антиреклама за протагонистите во нив.“

„Ѓаволот“ е секогаш слаткоречив во своите убедувања. Има ли „ѓавол“ пред чии зборови никако не би потпаднале, односно постојат ли реклами и соработки кои никако не би ги прифатиле?

„Да, обложувалници и брзи кредити. Лесно се достапни и имаат огромна добивка и без реклами од инфлуенсери.“, уверливо се надоврзува Цеце на таргетираните „дроги“ од страна на Божидар, додека Бомбакис потврдува дека веќе имал такви искуства: Многу соработки сум одбил, а многу соработки сум раскинал пред време затоа што сум сфатил дека не е тоа мој стил и дека не верувам во тоа што сум го рекламирал“. На иста бранова должина е и Божидар: „Освен коцка и брзи кредити, не би прифатил банки (кои некако од сите овие причини за сиромаштија се изземени како „респектабилни институции“ иако се далеку од тоа), фирми поврзани со олигарси и политичари, политички партии, во основа сè она што се коси со моите идеали и начин на живот“. Ни напоменува и дека влијателноста знае со себе да повлече и некои „отрови“, олицетворени во закани: „Мислев дека нема да го дочекам тоа, ама годинава ме демантираше. Имало секогаш, во време на ВМРО-ДПМНЕ беа јавни, „риплај“ на твит „Ќе те заколам со штрафцигер“ и слично, кои нормално не ги сфаќав сериозно. Годинава од друга страна се осилија повеќе. Не би сакал да верувам дека е по владина или партиска директива ама имаше повици од разни „граѓански активисти за слобода“ и „реномирани новинари“ до оние со кои соработувам да ме отстранеле. Дали имале некакво влијание тие повици не знам, а и не се замарам. Имаше и во таа вжештена атмосфера со Бугарија сериозни закани кои беа пријавени до МВР и морам да признаам беа сериозно сфатени и професионално обработени. За жал новата власт од старата место да научи како не треба со слободата на говор ги научија сите нивни финти и ги надоградија со арогантност својствена само за нив.  Сепак, слободата не може никој да ти ја подари, треба да се избориш за неа. А овие закани и притисоци се мала и неважна цена за она што генерации го плаќале со крв и животи да немаме овде султани, цареви, кралеви и нивни вазали, за да ја живееме оваа слобода. Жално е што во овие 30 години создадовме нови владетели уште покрволчни нивни робови и пци кои би го бранеле својот господар до смрт.“ На самиот крај, се трудиме да ја извадиме позитивата од инфлуенсерскиот „еснаф“. Што сметаат за свој најголем успех отако станале препознатливи за јавноста?

Кристијан Станковски – Бомбакис

Тоа што досега добив еден куп пораки во кои пишува дека некому сум послужила како позитивен пример за да направи одредена промена во својот живот, за која долго време се подготвувал/плашел/измачувал. Успех е да знам дека со моето јавно зборување на некои работи, сум помогнала некому. Освен тоа, тоа и мене ми помага во некои сосема други работи и процеси во мене.“, заклучува Цеце. Ниту заклучокот на Бомбакис не е поразличен: „Тоа што сум помогнал на многу луѓе, сум израдувал многу луѓе, им го правам денот позитивен како што велат тие, да имав моќ искрено на сите би им помогнал. Но во овие околности – колку можам, толку се трудам…“. Божидар завршува со конкретен пример: „Тоа што за една вечер со помош на пријателите на Фејсбук собравме средства за операција на едно девојче. Тоа ми е посебно драго што можев да бидам од помош, а и секогаш кога ќе добијам порака дека некому сум му измамил насмевка ми е особено мило. Затоа што живееме во време каде што ретко се смееме, тажно време, па ова ме радува искрено.“

Народниот мудрец вели „Внимавај што посакуваш, може и да ти се оствари“. Ако оваа мудрост ја примениме на 21 век, време на технологии достапни секому и време на луѓе со секаков ментален склоп – мудрецот на инфлуенсерите денес сигурно би им кажал „Внимавај што објавуваш, може и да се оствари…“.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *