Се појавивме на медиумскиот простор за да бидеме сетилата и штитот на обесправените, а нашата мисија по помалку од една година е препознаена и преку награда.
Нашиот новинар Ристе Каратановски со својата сторија „Една слика – илјада зборови! „Еден“ знак – цела галаксија!“ се најде помеѓу наградените новинари кои пишуваат токму за „невидливите“ – признание кое годишно го доделува Македонската платформа против сиромаштија (МППС). За приказната во која Ристе ја доближува борбата на толкувачите на знаковен јазик да бидат врската со светот на глувите лица, од МППС посочија дека во ниту еден момент немале ниту промил двојба дали таа да се најде помеѓу седумте наградени.
Она што е особено важно да се знае, е дека жирито кое го доделува признанието „Гласник на невидливите“ е составено токму од луѓе кои низ животот на разни начини биле „невидливи“. Ни порачаа да не се откажеме од нашите заложби, а порака до нив и целото општество имавме и ние:
Оваа награда ќе ни послужи како мотивација наредните стории да бидат уште подобри, и да го дадеме најдоброто од себе за никој да не биде „невидлив“!
На сторијата „Една слика – илјада зборови! „Еден“ знак – цела галаксија!“, потсетете се ТУКА.