·

Тие се иднината на Македонија! Но себеси се гледаат што подалеку

„Иднината останува на младите“, ќе чуеме честопати… Но кога станува збор за младите во Македонија, колку тие самите ја гледаат својата иднина во татковината?

Александар, Климент и Дарко се ученици од втора година средно во електромашинскиот центар “Св. Наум Охридски“ во Охрид. Тројцата уште од сега ги знаат своите идни професии – мечтаат да бидат веб дизајнери, програмери и софтерски инжинери.

Но за младите охриѓани ова не се само соништа и тие веќе стануваат јаве – а сведоштво за ова е проектот на кој тројцата заеднички работеа изминатата година и со кој успејаа да го освојат првото место на натпреварот GreenTech Entrepreneurship Challenge.

Климент Маријаноски

За време натпреварот нивниот млад тим успеа да ја развие TrashPinger, апликација за мапирање на диви депонии од различен размер, која победи во категоријата најиновативно решение во полето на зелените технологии.

Додека зелените технологии се од огромно значење за иднината на човештвото и професиите како софтверски инжинер и програмер се едни од најпопуларните нови професи во Македонија, тројцата ученици за жал сопствената иднина ја гледаат што подалеку од државата.

„Во иднина сакам да основам своја компанија која ќе биде наменета за изработка на  компјутерски системи во автомобилите. Таа компанија би била лоцирана надвор од  Македонија, како на пример во Словенија, Германија или САД“, раскажува Климент.

Александар пак сака да биде програмер, но исто така надвор од татковината. „Во иднина се гледам како програмер кој би работел во странство“, додава тој.

Дарко Крлески

И за третиот млад охриѓанец и иден софтверски инжинер, дестинациите како Германија или САД се далеку попримамливи отколку Македонија. „Во иднина сакам да работам како програмер или софтверски инжинер кој би работел  на некоја добра работна позиција во САД или Германија“, ни објаснува Дарко.

Што е она ги обесхрабрува младите како Александар, Дарко и Климент од тоа да останат во Македонија и преку ваквите модерни професии да продолжат да придонесуваат за градењето на една побогата економија?

Според Бојан Кордалов, комуниколог и координатор на Програма во рамки на Институтот за добро управување и евроатлански перспективи (ИДУЕП), една од организациите која работат со младите и нивното дејствување, самото македонско општество мора да направи многу повеќе за да го задржи ваквиот кадар.

Поголеми плати и помалку корупција

Пораката која како општество треба да ја испратиме кон младите луѓе е дека тие одлучуваат, имаат слобода и имаат можност да се изразат во рамки на она што го работат. Ако упорно се однесуваме кон младите луѓе на работните места, како што нашите и претходните генерации беа третирани – како буреконосачи, чираци, записничари… не треба да не чуди незадоволството и желбата за иселување“, вели Кордалов.

Бојан Кордалов

Покрај лошата економска состојба во која што државата се наоѓа веќе подолго време, дополнит

елна мотивација за иселувањето на младите од Македонија е и тоа што живееме и во време кога компаниите ширум светот кои се ИТ инду

стријата нудат огромен број на шанси и можности, особено за професиите кон кои целат тројцата млади охриѓани.

„Она што најчесто е поедноставно за нив е да го изберат аеродромот во Скопје и билетот во еден правец, отколку да се борат и докажуваат пред авторитетите. Дали е тоа добро или лошо може и е во ред да дебатираме, но тоа не ја менува оваа реалност“, потенцира Кордалов.

Властите често тврдат дека државата превземаат “политики и атрактивни мерки за намалување на младинската невработеност и подобрување на квалитетот на животот на младите”. Но што значи ова во пракса за младите?

Тројцата ученици раскажуваат што според нив е потребно за да останат во земјата – а тука ги набројуваат некои од вообичаените горливи проблеми како што се нискиот стандард, големиот степен на корупција и лошите услови за работа – предизвици со кои Македонија се бори веќе со децении и не успева никако да ги реши.

Александар Спасеновски

Ако има подобри услови за живот би останал. Сакам да видам развој во државата  што би го подигнал стандардот за живот и работа како што се поголеми плати,  подобри услови за работа и слично“, вели Александар.

 „Подобра плата, помалку корупција, подобра едукација, подобар општествен  систем“, додава Дарко.

 „Да се поголеми платите во Македонија, да се отворат повеќе компании кои се  занимаваат со програмирање, да се инвестира во подобри медицинска опрема, почиста околина, построги правила и најважно од се политиката да престане да се меша во се“, раскажува Климент.

Поттикнување и негување на претприемнички дух

Неодамнешни истражувања исто така покажуваат дека само во последните две деценции земјата ја напуштиле повеќе од 150 илјади млади лица. Тендециите пак укажуваат на тоа дека оваа бројка постојано расте и дека таа допрва ќе се зголемува.

Составен дел од ова е и проблемот на младинската невработеност во Македонија, чија стапка во 2020 година изнесувала 35,7 проценти и една од највисоките во Европа.

Еден од начините за намалување на двата проблеми – иселувањето и младинската невработеност, е токму со развивањето на различни програми кои ќе го поттикнат претприемничкиот дух кај младите.

Во конкретниот случај, пак, претприемничкиот дух е нешто што Александар, Климент и Дарко веќе го имаат и што може да се послужи како позитивен пример на долг рок за остатокот од младината.

„Државата и општините преку различни програми треба да финансираат млади луѓе кои ќе се пробаат како претприемачи, а на крајот секој од нив преку стекнато практично искуство ќе може да избере дали се гледа како претприемник, вработен во приватна компанија, јавен службеник, фриленсер или нешто сосема друго“, објаснува Кордалов.

Претприемништвото треба да биде нешто што ќе биде вродено во сите млади во Македонија доколку земјата сака да оди напред, смета пак Игор Маџов од Стартап Македонија, организација којашто го поттикнува претприемничкиот менталитет и развојот на македонскиот претприемничка заедница.

„Младите професионалци се клучни во оваа трансформација, и затоа тие треба да се опремат што е можно порано со алатки со кои ќе можат на предизвиците да им пристапат на еден претприемачки начин. Учеството во програми преку нудење решенија за нивната генерација, потоа отворање стартапи или покажување интерес за интрапретприемништво во постоечките организации е она што може да ја направи разликата. Претприемничкиот менталитет треба да биде вродена способност за новите генерации“, порачува Маџов.

Во развојот на младинското претприемништво во земјава пак лежи и надежта за тоа дека Македонија во иднина може да стане и првиот избор за потенцијалите налик Александар, Климент и Дарко.

Еден од неговите советите на Кордалов на темата пак служи и како своевиден заклучок за тоа каков треба да биде правецот во кој ќе се движи државата – предводена од млади луѓе со признаени вештини, со прифатена слобода и флексибилност да одберат вработување или самовработување во Македонија, наспроти барање излез и заминување во странство.

„Да даваме шанса, да градиме свесни и зрели личности од најмали нозе, да ги оставаме и да погрешат на таа возраст, бидејќи само така може да создадеме генерации кои ќе бидат критички, отворени, меѓутоа и подготвени да преземаат одговорност во работата и општо во животот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *