„Сакам новинарки кои лесно клекнуваат“, и’ порача во декември 2015 на наша српска колешка тогашниот министер за одбрана на Србија Братислав Гашиќ, и ги остави сиромашни сите светски речници во обид да најдеме опис за човек кој вака се обраќа на нечија ќерка, сестра, мајка…
Низ мојот пат од 20-годишен новинарски „гуштер“ до скоро 33-годишник со свое медиумско чедо, колешките сум поделил многу работи кои не спаѓаат исклучиво во нашиот еснаф – лична среќа, кафеани, спортски мечеви, дружби, патувања, пријателство, совети, тага, животни крстосници… сум сведочел моменти кога се среќни, но сум сведочел и моменти кога ги обземале разочарување, лутина, потресеност. Нешто што не би сакал да го видам кај никого, од било која причина. А причината кај нив знаела често да биде една иста – биле заплашувани и дискриминирани само поради тоа што се жени. Нешто што за моја блиска женска личност не можам ниту да го замислам. Сум видел со свои очи, сум слушнал со свои уши. Работи за кои некој би размислил два пати ако е во прашање маж. Неодамнешните протести на жените и новинарите во поглед на безбедноста беа вистинска прилика да ги прашам своите колешки, дали во македонскиот 21 век се чувствуваат безбедно и почитувано? Дали во време на полна уста демократија се дискриминирани, ги штити ли некој?
Тропнав на вратите на Вања Мицевска, Теодора Цветковска и Славица Филиповска. Успешни, реализирани, веќе искусни, но и во групата млади. Вања е новинарка на едно од најслушаните и најфреквентните радија, Канал 77 и Македонскиот медиа сервис (ММС.мк) – од дете знаела дека новинарството ќе биде нејзин професионален повик – што за другите деца биле играчките, за неа било се’ што на кој и да е начин асоцира на говор, настап, пишување. Праксата ја почнала уште како студентка, а официјално е новинарка од 2015. Зад нејзиниот потпис се стории кои помогнале на многумина кои за жал, знаеле да бидат невидливи за оние кои треба да им помагаат.
„За нашата професија се користи секаква терминологија – занает, дисциплина и така натаму. Лично, новинарството го доживувам како еден стил на живеење зашто новинарот работи и кога не е работа. Доволно е некој во неформален разговор да сподели некаква информација и веднаш да добиеме идеја за тема, за интервју или некаква статија/сторија. Претпочитам нотесот да го носам речиси секаде и кога ќе добијам идеја да ја запишам, па потоа да размислувам кои луѓе би можеле да ми бидат потенцијални соговорници. Поради нашиот новинарски порив и инстинкт сметам дека нашата професија е баш стил или начин на живеење“, ни одговара Вања зошто токму оваа професија.
Кога другите деца гледале цртани и имале спортски идоли, Теодора чекала вести и дебатни емисии. Од медицинска сестра до новинарка која ги запознала скоро сите свои идоли, за кои вели дека ја направиле среќна, но и ја разочарале. Скромно напоменува дека годинава слави шести новинарски роденден, но како за скромни шест години, има прилично полно си-ви: работа во Центарот за истражувачко новинарство СКУП, телевизија Телма, а може да се пофали и со интернационална кариера како дел од Радио Слободна Европа во Прага. Денес, за подобрувањето на условите и правата на своите колеги се бори и од позицијата член на извршниот одбор на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).
„Сите разочарувања, сите борби за место во професијава ме направиле тоа што сум сега. Веројатно, како и мојата претходно професија – медицинска сестра, алатка и начин да им помагам на луѓето. Некои колешки и колеги можеби се пронаоѓаат и/или сонуваат (оние помладите) да известуваат од Собрание, да водат сектор економија итн…, но јас секогаш ќе ја користам професијата и „перото“ да бидам гласот на невидливите, оние кои се на маргините, а толку очајно е потребно некој да ги чуе, да им ги разбере проблемите, да ги раскаше на јавноста и во најперфектен случај да се најде системско решение. Така што би рекла, дека ние сме коректори во општеството“, не’ запознава таа со изборот на својот повик.
Славица, за блиските Цаци, влегува во десеттата година „новинарување“. Скоро седум години е дел од истакнатата истражувачка продукција и емисија „360 Степени“, а во Македонија скоро и да не постои новинарска награда која со своите истражувачки стории ја нема ставено во својата витрина – „Никола Младенов“ на МИМ, „Јашар Еребара“ на ЗНМ, награда од ЕУ за најдобра истражувачка сторија на млад новинар…
„Клучно беше доаѓањето на претставници на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во тетовската гимназија, кои во тоа време промовираа стипендии за нови студенти. Дел од моите соученици дури и гласно сугерираа дека треба веднаш да аплицирам. Така и се случи – аплицирав со есеј и по извесно време стигна известување дека сум добитничка на стипендија. Сугестиите од дома беа добро да размислам што би студирала, но фактот што мојот есеј го помина овој филтер, ми даде уште една потврда дека тоа е вистинскиот избор. Паралелно со подготвувањето на дипломскиот труд, стигна и првата понуда за работен ангажман. До денеска, не се каам што се занимавам со оваа професија. Новинарството е благородна професија, а темпото, динамиката и ангажманите неизбежно го диктираат и нашиот начин на живот. Во суштина ние сме корективот во општеството, крикот на обесправените и гласот на заборавените. Доколку со нашите стории сме од помош за обичниот граѓанин – целта е постигната“, вели одлучно.
Самоуверени какви што ги познавам, но како се граделе самоувереноста и одлучноста? Биле ли дискриминирани прво поради младоста, а потоа и бидејќи се жени? Се случило ли да не им биде доверена задача само поради полот? Македонија, рака на срце, не е баш земја која може да се пофали дека е имуна на овие „болести“. Прва ни одговара Вања.
„Конкретно со дискриминација не, но сум се соочила со гледање со потсмев и недоверба, или народски кажано „гледање од горе“. Ова се однесува на соговорници, но не и од страна на луѓе од мојата редакција. За моја среќа, никогаш не ме гледале како несозреана дури и кога сум имала многу помало искуство. Баш напротив, имаше ситуации кога ме „фрлаа во оган“ дури и кога мислев дека тоа би било преголем залак за мене, но секако со нивна помош онаму каде што треба, сѐ било завршено на време и професионално. Со дискриминација врз основа на пол се немам соочено, но сум се соочила со мислење дека не можам да научам одредени работи само затоа што тие биле од техничка природа. Јас пак по природа сум инаетлива и некако тоа ме поттикна да ја совладам задачата која беше дадена, сѐ со цел работата да не трпи и да не морам да зависам од друг“.
Реалноста на Теодора пак, е сосема поинаква.
„Со сето тоа се соочував секојдневно. Би рекла од прв ден во првата редакција во која имам стапнато. Уредниците тука сметаат дека како почетници треба да купуваме бурек и цигари и да вариме кафе. Од време на време да се отиде и на прес конференција со нарачано прашање. Недолични и мизогини дофрлања за должина на здолниште и „За кого си нашминкана?“ се прифаќаат како поздрав за добро утро. Дури и една колешка ми има кажано дека кога прв пат ме видела сметала дека сум само млада и убава, и не многу паметна за да се носам со таа работна позиција. Како што споменав, сум се соочувала и се соочувам се уште. Скоро и да сум немала интервју за работа на кое не сум била прашана дали планирам да се мажам, да раѓам деца, дали имам сериозна врска (ова тие „покултурните“). Сум морала и да се докажувам неколку пати повеќе од моите машки колеги дека ете, и јас можам да одам и да известувам од поплава или протест“.
„Криви“ погледи, но и целосно прифаќање без приговор – тоа стои во искуството на Цаци.
„Мислам дека и при првиот работен ангажман постоеше скептицизам со оглед на мојата возраст, а и кај дел од соговорниците се чувствуваше потценување, имаше случаи каде разликата во годините беше навистина значајна. И кога првпат ќе се појавите на настан сите погледи се насочени кон вас, но „ново дете“ е популарен термин меѓу новинарите, така што, барем од нив јас лично не почувствував дискриминација. Но, во доста бурно време влетав во професијата, слободните медиуми имаа десеткувани редакции, се случија студентските протести, формирање на СЈО, Шарената револуција… немаше време за некакво постепено прилагодување туку влетавме „во оган“. Директно, не сум била дискриминирана поради полот. На високоризични настани сум стоелна рамо до рамо со машките колеги. До каде што сме можеле да се пробиваме, сме се пробивале заедно. И односот на полицијата бил ист кон сите нас. И не се случило да не ми биде доделена задача поради тоа што сум жена, ниту пак некогаш сум одбила некоја задача на сметка на тоа да се прати колега на настан. Ако почувствувам такво нешто, ќе реагирам“.
Колегите се во голем дел солидарни, сакаат да помогнат, но посебна приказна се соговорниците. Понекогаш претставуваат вистинска лотарија, па не знаете со кого (ќе) разговарате. Честопати, знаат да го злоупотребат тоа што разговаат со новинарКА.
„Повеќе би рекла дека ме гледале со потценување поради возраста, сепак јас не сум од новинарките со неколкудецениско искуство. Меѓутоа сметам дека тоа повеќе кажува за соговорникот, одошто за мене. Едноставно, имаме уште многу до градење една убава култура кон медиумите, а со тоа и до еден коректен однос.“, ни кажува Вања нешто што веќе не е ниту јавна тајна.
Теодора и ваков случај почувствувала на своја кожа.
„Нема да заборавам никогаш кога директор на една агенција инсистираше да му ги пратиме прашањата за интервју. Секако дека го сторивме тоа заедно со уредничката, но подготвивме и уште неколку прашања за кои знаевме дека нема да сака да одговори, а беа клучни за приказната која ја истражувавме. Во моментот кога се почувстува „измамено“ по гасењето на камерата, ми рече „Ах бе девојче убавко, па ти колку ќерка ми си – седи таму, жени не треба да се „бафтаат“ со вакви работи“. Цаци, без да навлегува во детали, отсечно ни вели ДА.
Овие искуства, природно не’ доведуваат до следното прашања – се обидел ли некој соговорник или личност која ја истражуваат, да им се закануваат директно или суптилно само поради тоа што се жени?
„За волја на вистината, не ми се случило такво нешто затоа што сум жена. Ми се има случено по еден објавен текст од луѓе кои не се согласуваа со изјавеното од страна на личноста која ја интервјуирав. Се работеше за вести во низа и другата засегната страна од темата беше јавна институција, која не остави простор за новинарски прашања туку испрати едно соопштение од два-три параграфи“, открива Вања дел од веќе секојдневните борби со институциите. Теодора може да се „пофали“ и со такво доживување.
„Нема новинарка на која тоа не и’ се случило. Повишен тон, заканувачки пораки… постојано ѕвонење. Имаше и една сторија која ми пропадна, поради тоа што еден „голем маж“ преку друг таков ми порача дека сум била дрска и да се смирам малку.“
Ваквите „добронамерници“ не ја одминале ниту Цаци.
„Па, зборовите „Ти си млада, амбициозна, не ти треба оваа работа, со вакви теми да се занимаваш.“ Вака некако одат „добронамерните совети“ од лица засеганати од одредена тема на која работиме или од нечија продолжена рака која си зема за право да врши одреден притисок. Прашуваат за возраст, за брачен статус, за работи што не се тема на разговор. Но, искуството не’ учи дека мораме да веруваме во себе и во ниту еден момент да не покажуваме несигурност.“
Наредното прашање, она најважното, се наметнува самото – се чувствувате ли во денешна Македонија безбедни и сигурни, како жени и како новинарки? Одговорите не ни влеваат оптимизам, но страшното е што не сме изненадени…
„Општо како жена не секогаш се чувствувам безбедно, бидејќи самите државни структури кои треба да ни обезбедат заштита не препознаваат кога безбедноста е загрозена. Невладиниот сектор имаше одлични анализи кои покажаа дека јавниот простор за жените во ноќните часови не е безбеден и секоја од нас помалку или повеќе го има искусено тоа. Во однос на новинарството не сум се соочила со ризични ситуации, но сум разговарала со моите претпоставени што би преземале доколку се соочам“, вели Вања. На иста „бранова должина“ е и Теодора.
„Во оваа држава сметам дека никој не се чувствува безбедно, не сме безбедни како станари во една зграда затоа што лифтот не работи, ниту пак како пешаци, возачи, работници…. е сега на тоа додадете и дека сте жена. Луѓето мислат дека се добредојдени да ве критикуваат на база на изглед, на сексуалност, дали сте сама или не, како успеавте да имате и дете и кариера, да даваат совети кога не им се побарани. Да бев маж, ќе добивав коментари дека сум успешен и амбциозен, вака сум само уште една жена со болна амбиција или пак којзнае како се снашла „оваа“ – нешто што особено го има како предрасуда во новинарските кругови“.
За жал, ништо поведро не слушнавме ниту од Цаци.
„По последните јавно обелоденети настани, излегува дека овде жена треба двапати да размисли и пред да влезе во такси. Не се чувствувам безбедно, но од друга страна и самата работа ме исчеличи, па не дозволувам да ме надвладеат страв или несигурност. Јас и на протестот на новинарите кажав дека жените во нашата професија почесто се мета на напади за разлика од мажите, но повеќето од нив се само вербални. Важно е надлежните органи брзо и ефикасно да реагираат за секоја поединечна пријава, затоа што вербалното насилство многу лесно може да стане физичко, или да ги одврати новинарките од намерата да истражуваат за одредени теми“.
Ако тргнеме од традиционалистичкото толкување на зборот и креацијата маж, тоа би требало да биде заштитник. Дома, на работа, на улица… секаде. Колку колегите мажи им помагаат да се искорени дискриминацијата каде што ја има, колку ги штитат?
„Мислам дека колегите новинари не придонесуваат кон некаква дискриминација. Жените се квантитативно позастапени од мажите во редакциите, но не е така кога станува збор за водечките позиции во медиумите. Луѓето кои се на овие позиции треба да размислат зошто нема жени рамо до рамо со нив.“, има одговорот на Вања призвук на критика.
Теодора е поостра во согледувањата, а дава и една нова перспектива.
„Иако се (мажите) помалку во професијата, некако се чини како не прават многу да се искорени дискриминацијата, или барем да сме на добар пат да ја препознаваме, спречиме и да реагираме секојпат кога некоја жена е дискриминирана. Но, мене пострашно ми е дека сексистички коментари повеќе доаѓаат од колешки, просто е неразбирливо“.
Од Цаци го слушаме она што секоја жена би требало да го ужива на работното место
„Работам во средина каде што постои висок степен на колективен дух и високо ниво на професионалност. Од колегите – мажи, со кои што секојдневно соработувам ја имам најголемата поддршка во борбата против дискриминацијата“.
Трите, сепак, посочуваат дека новинарските здруженија се првите броеви кои ги вртат ако имаат проблеми од ваков вид. Пред сите, Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници и Здружението на новинарите (ЗНМ). Теодора како дел од раководството на ССНМ ги охрабрува колешките да пријавуваат дискриминација – правната помош е бесплатна, а досега се покажала како ефикасна. Но, приказната со довербата во органите кои треба да ги заштитуваат е сосема поинаква. Безмалку едногласно ни велат дека довербата и заштитата се слаби, институциите бавни и неагилни, а не не’ лаже ниту впечатокот дека ова го изговараат во име на сите свои/наши колешки.
Кога ќе се земе сето наведено предвид, како во 21 век, во екот на планетарната борба (барем декларативна) против дискриминацијата, ја оценуваат положбата на жената и новинарката во Македонија – држава која сака да се фали дека следи демократски текови?
„Во една прилика интервјуирав една министерка која изјави дека родовата еднаквост е прашање за кое најмногу се дискутира, а најмалку се прави и јас морам да се согласам со тоа. Родовата еднаквост, а со тоа и положбата на жените во изминатите години беше дел и од програмите на политичките партии, а на крај се сведе само на нереализирани ветувања. Положбата е унапредена, жените денес се сѐ погласни и посамостојни, но за жал ја имаме и другата страна на приказната на неедуцирани луѓе кои се полни со предрасуди, а немаат емпатија. За да посведочите на ова доволно е само да ги следите објавите на социјалните мрежи и коментарите под нив секогаш кога ќе се случи некој родово-базиран инцидент. Тогаш социјалните мрежи стануваат плодна почва за говор на омраза, а тоа многу кажува за потенцијалното насилно однесување на корисниците. Од друга страна, тука е недоволната имплементација на законите кои последниве години претрпеа добри промени, но важно е нив да ги имаме и во пракса. Кога би ги имале во пракса, новинарките исто така би биле позаштитени бидејќи дигитализацијата му даде една нова димензија на насилството, како и на начинот на функцинирање на медиумите. Новинарките се мета на говор на омраза и на вербални закани кои лесно може да се пресликаат во физичкиот (реалниот) свет и тука институциите треба да нѐ заштитат“, заклучува Вања низ апел до гарантите на безбедноста. Теодора се сложува, но дел од дискриминаторскиот пелин гледа и во женскиот двор.
„Ние каскаме зад се’ што е нормално и здраво во Европа, па и во светот. Со тоа и положбата на жените во општеството. Дали сме повеќе на уреднички позиции и на терен? Да, сме. Дали реално со тоа се бориме против родовата нееднаквост? Не би рекла. Секогаш кога сум се трудела да зборувам гласно и пишувам за проблеми кои ја засегаат жената во Македонија, сопки сум добивала баш од жени. Така што за да не бидеме само квота, треба да работиме уште могу долго. Сепак не би ги обвинувала жените, затоа што не сме ние виновни што живееме на простори каде што се гаи и каде што длабоко е вкоренет патријархатот и токсичната машкост, па така од мали девојчиња ни е вкоренето дека сме инфериорен пол, понежен, преодреден само за одредени професии итн…“.
Цаци поентира во три реченици кои ги содржат сите пасуси испишани погоре.
„Има уште многу работа. Да беше сѐ во нормала, немаше ниту протестите да се случат. Се надевам дека како општество ќе научиме дека сите сме еднакви, дека работничките права мора да важат исто за сите и дека полот, изгледот или возраста не можат да бидат повод за „пресметка“ со некоја личност.“
На самиот крај, Вања изговара една убава реченица која е најпригодна како заклучок – известувањето за женските права е известување за едни нормални, човекови права и кога сакаме да ги вклучиме во нашите написи тоа не треба да се сфаќа лично, туку како еден обид да ја искористиме нашата моќ за да ги придвижиме работите напред.
Ние мажите, ако веќе сакаме да бидеме традиционалисти и витези, како такви треба нашите колешки да ги заштитиме. Да им ја одбраниме честа, да им ги одбраниме правата и угледот. Да застанеме пред нив не за „лактање“ бенефити, туку да им бидеме штит.
Должни сме да ги заштитиме како што сакаме некој да ги заштити значајните жени во нашиот живот кога ние не сме во можност.