·

Биди промената која сакаш да ја видиш

Живееме во свет кој се бори со огромни еколошки предизвици, и во време кога поговорката „биди промената која сакаш да ја видиш“ никогаш не била порелевантна. Среде секојдневните глобалните повици за колективна акција против климатските промени, често поединците се оние кои стануваат светилници на надежта, и предводници за одржлива иднина.

Еден таков инспиративен пример потекнува токму Македонија, каде што напорите на поединците стануваат движечка сила во битката против климатските промени.

Олга Рајчиќ

Олга Рајчиќ и стартапот “Челинџер“ се олицетворнието на ваквото движење – а нивната приказна започнува во 2018, кога се раѓа идејата за оваа еколошка апликација која го наградува пешачењето или возењето на велосипед и ги мотивира корисниците да ги заменат своите автомобили со поодржливи и еколошки начини на транспорт.

Како еден од ко-основачите на “Челинџер“, патот на Олга и нејзиното животно искуство е испреплетено со искуство од семејниот бизнис, претприемништвото и животната средина.

“Никогаш немав јасна намера да имам кариера во технолошката индустрија, и наместо тоа секогаш сакав да развијам бизнис. По завршувањето на магистерските студии почнав да работам во семејниот бизнис, но секогаш барав нов предизвик во кариерата и личен развој. Гладта за знаење, нови проекти и искуства е она што ме доведе до тоа да присуствувам на Startup Weekend Skopje 2018, и на овој настан ги запознав Стефан и Теодора (ко-осноОвој викенд целосно ја промени мојата кариера и ме однесе низ моето претприемачко патување,“ раскажува Олга.

Која е мисијата на “Челинџер“? Главниот предизвик е да им се помагне на компаниите да ги мотивираат своите вработени да одбираат одржливи методи на транспорт со што ќе придонесат за здрава животна средина – а тоа го го прават преку најразлични компаниски предизвици и гемификација тимовите истовремено се грижат за себе и за планетата.

Самата улога на Олга во “Челинџер“ е да создаде заедница којашто ќе почне да негува вакви навики – и досега таа ова го прави мошне успешно, имајќи го предвид фактот дека апликацијата веќе има повеќе од 10 илјади корисници ширум неколку земји од регионот како што се Хрватска, Бугарија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, но и многу подалеку, како што е Ерменија.

Неопходноста од поголема поддршка за младите еколошки претприемачи

За Олга пак, потенцијалот што регионот го има за имплементација на слични иновативни апликации во борбата против климатските промени е огромен и истиот мора што поскоро да се искористи.

“Секоја година сме сведоци на нови иновативни апликации и технолошки решенија низ регионот кои се справуваат со климатските промени и заштита на животната средина. Соочени сме со многу празнини на пазарот поради лошата имплементација на законите, што им остава простор на креативните умови и претприемачите да побараат решенија на овие предизвици користејќи ја технологија. Уверена сум дека Западен Балкан има брилијантни млади претприемачи, особено на полето на климатската технологија, но ни треба поддршка за да ги однесеме нашите решенија на поразвиени пазари и да го прошириме нашето влијание,“ потенцира Олга.

А успесите на “Челинџер“ се мерливи и се гледаат преку намалувањето на јаглеродните отпечатоци и изодените зелени километри – бројки кои растат се повеќе и повеќе.

“Дефинитивно ни треба простор за препознавање и споделување на нашите лекции, успешни моменти и неуспеси за да учиме еден од друг и да бидеме партнери за да можеме да постигнеме поголемо влијание. Само преку споделување на нашите приказни можеме дополнително да ги мотивираме другите да станат дел од климатската технологија и да ги убедиме дека во регионот може да се градат креативни и големи нешта“, вели Олга.

За време на своите почетоци “Челинџер“ успеа да надмине и повеќе препреки – нешто што според Олга само помогнало во тоа тимот да остане цврсто насочен кон својата цел и да успее да го развие продуктот.

“Горда сум на мојот тим бидејќи никогаш не се откажавме, особено во оние моменти кога луѓето и нашите потенцијални клиенти не можеа да ја видат користа од нашиот производ и беа скептични (бидејќи се плашеа да имплементираат нешто ново). По КОВИД-19 и неколку промени во стратегијата, конечно можам да кажам дека го најдовме нашиот пазар,“ додава таа.

Еколошко поврзување на локалните бизниси и поединци

Што се однесува пак за нивните идни планови на “Челинџер“ – зголемување на бројот на функционалности и нови предизвици кои ќе придонесат за едно еколошко поврзување на локалните бизниси и поединците.

“За жал, климатските технолошки производи сè уште не се перцепираат како неопходност на Б2Б пазарот, туку претежно на нив се гледа како на добри алатки. Ова е нешто што со мојот тим се обидуваме да го надминеме во следните месеци, со додавање на повеќе функции и правење на нашиот производ попривлечен за нашите клиенти. Згора на тоа, дефинитивно ги живееме најпредизвикувачките времиња во новата историја, што прави други проблеми да бидат приоритет на агендата на секоја земја и компанија; сепак, климатските промени и начините за справување со нив се нешто за што треба да се грижиме без разлика на се,“ порачува Олга.

Во втората половина на јуни, “Челинџер“ започна и уште еден проект во соработка со Триглав Осигурување, а кој се нарекува Триглав зелена лига, односно годишен предизвик за заштеда на 365 тони на емисии на CO2.

Најактивните учесници во проектот ќе имаат можност да освојат награди на месечно ниво, додека пак тимот на компанијата со најголем придонес кон зададената цел – заштеда на 365 тони емисии на CO2 во текот на една година, ќе ја добие првата награда. Од почетокот на проектот па досега веќе успешно се заштедени 10 тони емисии.

Дополнително, ваквите проекти и иницијативи се и сведоштво дека времето за нови и креативни решенија во областа на климатските промени допрва доаѓа.

“Во следните една-две години може да има забавување во климатската индустрија, но очекувам дека оваа индустрија е нешто што ќе процвета во годините што доаѓаат. Не треба да заборавиме дека имаме агенда за цели за одржлив развој до 2030 година, каде што бизнисите, како и технологијата треба да играат клучна улога во нивното постигнување. Ова е причината зошто мојот тим има визија да го направи “Челинџер“ алатка која ќе им помогне на компаниите да бидат дел од агендата за SDGs (цели за одржлив развој). Дефинитивно треба да има повеќе инвеститори и партнери на ова поле за да се развијат овој тип на стартапи и да се зголеми нивниот број,“ заклучува Олга.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *