“Големината на човештвото не е во тоа да се биде човек, туку во тоа да се биде хуман“, е една од најзначајните мисли на индискиот пацифист и борец за човекови права Махатма Ганди. Но колку ваквите мисли и зборови можат да се преточат во реалност кога станува збор за земја како Македонија?
Според податоците на Државниот завод за статистика, повеќе од 450 илјади граѓани во Македонија во 2020 година живееле под прагот на сиромаштија во 2020 година – претворено во проценти ова значи дека стапката на сиромашни лица од вкупното население е речиси 22 проценти, и оваа бројка постојано се зголемува.
За Моника Ризовска Таневска, токму оваа страшна статистика се покажа како најголемиот мотив за нејзиниот проект којшто има за нема како да помогне во ублажувањето на сиромаштијата во Македонија.
По професија маркетинг менаџер, но и голем вљубеник во технологијата, Моника и нејзиниот тим во 2020-та година доаѓаат до идејата за создавање на Ways2Help, платформа која ги поврзува они што сакаат и умеат да бидат хумани и оние на кои најмногу им е потребна помош.
“Ways2Help е дигитална платформа која го олеснува донаторското искуство и има за цел да помогне на социјално загрозените деца и семејства. Покрај можностите за онлајн донирање, платформата нуди и опции за редовно плаќање на режиски сметки за струја и вода, донации на училишен прибор, храна и санитарни производи”, раскажува Моника, која е ко-основач и гласноговорник на тимот од единаесет членови.
Идејата за реализацијата на оваа платформа дошла за време на “StartUp Weekend Covid Edition“ настанот, за време на кој учесниците работеле на идеи околу развојот на различниот тип на стартапи и бизнис модели. Моника и остатокот од тимот дошле идејата за Ways2Help платформата за помалку од 48 часа, како најдобар начин преку кој ќе можат да ги поврзат компаниите, организациите и поединците кои сакаат да им помогнат на социјално загрозените семејства и деца.
“Нашата цел беше да ги искористиме нашите технички и маркетинг вештини за да им помогнеме на ранливите групи и мило ми е што го постигнавме тоа. Чудата се случуваат кога не се ограничуваме и кога си даваме простор да научиме нешто ново“, потенцира Моника.
Семејствата кои се дел од акцијата Ways2help #ПлатиСметка се избрани според нивните месечни примања, работоспособност на членовите во семејството како и нивната здравствена состојба, при што се гледа нивната финансиска можност да ги покријат своите трошоци на месечно ниво, како и тоа дали припаѓаат во категоријата на социјално загрозени семејства.
“За нас беше навистина битно секоја донација да оди во правите раце и сето тоа да е транспарентно. Со цел да се осигураме дека оваа акција ќе биде од помош на оние на кои им е навистина најпотребна, започнавме соработка со организација која секојдневно нè известува и гарантира за веродостојноста на сите семејства на кои досега активно помогнавме со „Плати сметка“ но и со донација на храна, лаптопи, облека и училишен прибор“, вели Моника.
Соочувањето со тешките човечки судбини и напорите за олеснување на нивната состојба
Преку секоја примена донација, тимот на Way2Help успева барем за момент да им помогне на многумина кои се соочиле со тешки човечки судбини, како што се на пример следните случаи наведени на вебсајтот на платформата.
“Самохрана мајка со три деца има заостанато сметки за вода , бидејќи еден период поради ковидот беше останата без работа. Сега повторно почна да работи но сметките сеуште бавно ги отплаќа поради дополнителните долгови и тековните трошоци.“
“Девојче студент на факултет последна година, со болен татко живеат со минимални примања откако починале мајка и и баба и запаѓаат во долгови. Потребна е помош во плаќање на сметките.“
“Починал сопругот па едниот син и починува од удар, потоа другиот син го удира кола и е неспособен за работа. Од нејзината минимална пензија живеат и обезбедуваат туѓа нега за синот.“
“После мозочен удар, жената останува неподвижна и има финански проблеми за покривање на сметки.“
“Сопружници со две мали дечиња отпуштени од работа во февруари. Не добиле никаква помош заради невработеност од aгенција, иако биле пријавени 2 ипол години, затоа што работодавачот кажал дека сами ја напуштиле работата.“
“Самохрана мајка живее под кирија со минимална плата и со долгови за школувањето на ќерката. Двете штедат вода со цел да им дојдат што помали сметки но и овие мали сметки не се во можност да ги платат.“
Донаторите пак, иако лично не ги знаат семејствата, преку ваквиот опис се запознаени со нивните приказни. На овој начин, секој што сака да помогне може да се запознае индиректно со семејството на кое директно значајно допринесува, потенцира Моника, додавајќи дека откако донаторите ќе платат одредена сметка задолжително е тие да достават доказ, за да тимот потоа да има поголема прегледност и евиденција за она што е донирано.
“Денес благодарение на Плати Сметка акцијата и срдечноста на сите донатори усреќивме и дадовме надеж на над 200 семејства. Броиме скоро 5 милиони или над 73.000 евра вкупно платени сметки и донации на сметки за струја и вода. Исплатата на овие сметки е повеќе од само доказ на хуманоста на нашиот народ туку е и причина и мотив за поинакво утре за семејства кои долги години немале струја, топлење и светлина и олеснување додека не најдат работа и не застанат повторно “на нозе”, нагласуваат од Ways2Help.
Според Моника, досега платрофмата најголема помош добива од приватните компании и индивидуи донатори.
“Навистина сме позитивно изненадени што и покрај инфлацијата и големите поскапувања на цени на основни суровини и струја, постојат луѓе кои несебично придонесуваат, донираат, се хумани, добри, и несебично спремни да помогнат без разлика дали со помош преку волонтирање, споделување на акциите, донација на облека, храна, или исплата на сметка“, додава таа.
Од почетокот па сè до денес, Ways2Help исто така има организирано акции за собирање храна за бездомни лица. Со последната акција за Донирај Конзервирана Храна беа донирани над 93,2 килограм конзервирана храна, 75.8 килограм различни производи на храна, 3,7 килограми хигиенски средства, и 27 килограми облека.
“Акциите Плати Сметка, Донирај училишен прибор, се уште еден доказ дека луѓето сакаат да помогнат но и да знаат каде допринесуваат, битна им е довербата, веродостојноста, и транспарентноста, а впрочен се што досега правиме е во таа насока, да ја потврдиме довербата и да покажеме дека заедно може многу да помогнеме. Ние навистина не очекувавме дека толку брзо ќе најдеме донатори кои се спремни безусловно да помогнат, без возврат, анонимно. Сакаме да ги охрабриме и другите организации да стапат во контакт со Ways2Help и да најдеме заедно и други начини за помош на сите оние на кои им е најпотребно“, вели таа.
Што се однесува пак за идниот развој на платформта, визијата на Ways2help е активно и здружено да се дигитализира и олесни целокупното донаторското искуство во Македонија, со цел да се помогне на што е можно повеќе социјално загрозени семејства.
“Она што секојдневно нè мотивира, е чувството дека слободното време го посветуваме на нешто кое предизвикува неизмерна среќа и исполнетост кај донаторот, но и враќа желба за живот и претставува светла точка во тунелот за социјално загрозените семејства и индивидуи. Дополнително, желбата да обезбедиме еден транспарентен процес на донирање за донаторите и дека ќе успееме да овозможиме повеќе начини да се помогне преку дигитални решенија и поддршка на организациите. Во моментов посветени сме кон подобрување на платформата и зголемување на функционалности како и зголемување на соработки и проширување на Ways2Help и во останатите земји на Балканот но и да ги зголемиме и подобриме функционалности“, заклучува Моника.
Додека проектите како Ways2Help и сличните иницијативи се светла точка во тунелот на социјално загрозените семејства, тие исто така се сведоштво за се потешката состојба во која запаѓаат се поголем дел од граѓаните во Македонија – со што алармот за неопходноста за итно подобрување на економските услови во кои живееме станува се погласен и нешто за кое треба да се бориме сите ние.