Кога во Македонија би почнало снимањето на серијал „Македонски апсурдни приказни“, во кој секоја епизода би обработувала некоја апсурдна појава од нашето општество, и легендарните „Македонски народни приказни“ би занемеле пред неговата шареноликост и недискутабилна долговечност.
Сепак, не можеме да се оттргнеме од впечатокот дека еден од најголемите апсурди, е што земја благословена со плодност и вредни раце прочуени надалеку – во голем дел умира од глад. „Во Македонија половина милион луѓе живеат на работ на сиромаштијата“, „Над 30 илјади лица од кои третина деца живеат под прагот на сиромаштијата“, „Стотици илјади граѓани на Македонија живеат со еден оброк дневно“, „Македонија фрла 12 илјади тони храна годишно“… ова не се обиди за црна креативност, туку наслови од македонските медиуми изминативе 4-5 години, повикувајќи се на истражувања на ООН, УНИЦЕФ, „Фајненс тинк“ итн. Истите медиуми, во исто време, известуваат и дека Македонија фрла илјадници тони храна… некому вишок, некому спас. Зошто е тоа така? Има ли решение, можеме ли да ги нахраниме гладните сограѓани – и како поединци, но уште поважно – како држава која се декларира за социјална? Одговорите ги побаравме од оние кои неуморно на терен даваат пример од кој треба да учи и самиот државен систем, и кои му имаат фрлено ракавица в лице на гладот – организациите кои самоиницијативно собираат помош во храна и ја насочуваат каде е најмногу потребна. Тропнавме на вратите на „Банка за храна“, „Ретвитни оброк“ и „Легис“.
„Банка за храна“ гладните ги храни веќе 14 години, а од 2011 се дел од Европската федерација на банки за храна – ФЕБА, во која членуваат 341 банка за храна од 30 европски земји. Изминативе десет години собрале и поделиле над 2200 тони храна, или според ФЕБА формулата – над 7 милиони оброци, кои стигнале до преку 5500 семејства во потреба. Само минатата 2022, собрале 290 тони храна и 9 тони хигиенски средства – помош споделена со над 1170 семејства. Активностите ги помогнале повеќе од 3500 лица. Активистите на граѓанската иницијатива „Ретвитни оброк“ пред самите себе поставиле задача секој петок да подготват од 150 до 300 оброци. Мисијата засега е успешна, а зад неа стојат граѓани, организации, компании, училишта, цркви… секој петок десетици граѓани подготвуваат стотици оброци, а како по некое непишано правило – секогаш различни волонтери. Невладината „Легис“ пак, од 2009 има две главни мисии – хуманитарна и заштита на човековите права. Активно учествуваат во бројни хуманитарни мисии во странство, на три континенти – пружаат хуманитарна помош на македонските граѓани во вид на храна, хигиена, облека и правни совети, но најпознати се по иницијативата за промена на законот за азил во 2015 година, овозможувајќи им на бегалците да не бидат повеќе илегални.
На почетокот, заеднички констатираме дека од година в година, бројките показатели на сиромаштијата се се’ пострашни… ништо помалку страшни оние кои откриваат колку храна се фрла. Ваквата ситуација натерала илјадници граѓани спасот да го побараат пред нивните порти.
„Повиците за храна за нас се секојдневие, нема ни сабота ни недела, ниту пак празник ниту делник! Гладот и сиромаштијата како општествени феномени се двигатели на очајот и безнадежноста! Но име еден феномен кој никој не може да го изброи, а уште помалку го види, а тоа се скриените сиромаштија и глад! Затоа мора да внимаваме со бројките за кои претходно ги цитиравме наодите на дел од институциите, за кои споменав дека се можеби точни, но… со почетокот на пандемијата во 2020 до ден денешен бројот на апели и барања за помош се зголеми за повеќе од 300%, бројни беа поедници/ки кои од разни причини ги изгубиле работните места, или работи од лична услуга (чистење по домови, келнери, итн…) во време на пандемијата, денес и сега најбројни се истите тие плус бројот на повици и барања од оние кои се вработени но се со ниски примања. Секако дека не можеме да одговориме на сите повици и барања, а и голем апсурд е да можеме да помогнеме на сите, ниедна држава во светот не може да го прехрани своето население кое има потреба од помош пред се’ во храна, така и нашето општество тоа не го може, а и ние кои со максимални напори и заложби се трудиме да обезбедиме доволно донации.“, ни ги предочува предизвиците Душко Христов, првиот човек на „Банката“.
„Кога човек страда за храна, тоа не е сиромаштија само од економска категорија, туку и духовна, социјална, културна и персонална. Таквиот човек не е лишен само од основните потреби, туку е осиромашен од човечкото чувство на достоинство и вредност. Затоа нам како граѓанска иницијатива токму тоа ни е желбата, да ги пресретнеме овие наши сограѓани, прво во базичната потреба – храна, но и понатаму со нашиот гест како сограѓани да им покажеме дека некој се грижи за нив, дека некој ги согледува нив и ја споделува нивната болка. Како што Мајка Тереза ја опишала оваа состојба – човекот е гладен за леб, но уште погладен за љубов. Ние секако сме далеку од тоа да им ги решиме животните проблеми, но во тој ден кога им ја даваме храната ние велиме „Тука сме за тебе.“ Не можеме да направиме сѐ, но тоа што можеме да го направиме, ќе го направиме. Уверен сум и дека што и да се случува во иднина, ако успееме да одолееме на панични реакции кои водат во конзумерска себецентричност, тогаш ние како општество, како граѓани ќе растеме во грижата едни за други и ќе ги надминеме сите кризи што би дошле. Можеби ќе поминеме со помалку и потешко, но важно е дека ќе поминеме.“ , вели Кристијан Калинов од „Ретвитни оброк“.
Мерсиха Смаиловиќ, еден од „мозоците“ на „Легис“, ни открива дека состојбата е прилично песимистична, а скорешната пандемија само долеала масло на огнот на лошата слика.
„Секојдневно се соочуваме со барања од граѓаните за помош. Повиците и пораките на социјалните мрежи не се само од Скопје, туку од цела Македонија. За жал, немаме капацитет да одговориме на барањата надвор од главниот град, освен кога имаме специфични донации за кои донаторот изразил такво барање, како во случајот на донациите од дијаспората минатиот декември, каде што донаторот освен донацијата испрати и список на семејства од различни градови низ земјава. Успехот за одговарање на потребите на нашите граѓани е правопропорционален со донациите кои ги примаме од страна на граѓаните, фирмите и институциите. Па така, нашите активности се сведуваат на делење стотици лебови секој ден, трета година по ред. Бројот на лебови кои ни се донација од една скопска пекара е константен, а повремено бројката се качува сходно добиените донации или приклучувањето на друга фурна при овој проект. Понатаму, имаме список од стотина семејства на кои месечно им дистрибуираме пакети со храна, а на два до три месеци и хигиена, согласно донациите. На годишно ниво имаме два проекти, а тоа се секојдневна дистрибуција на 200 топли оброци или ифтари во текот на месецот Рамазан, како и рамазански и бајрамски пакети со храна. Вториот е дистрибуција на месо од курбани за време на деновите од Курбан Бајрам, кога дистрибуираме по околу 5 килограми свежо месо за стотина семејства од Скопје и околината, а некогаш и низ земјата, во зависност од висината на донациите или проектот.“
За да ја исполнат мисијата, не размислуваат два пати на чие ѕвонче да го стават прстот, чиј телефон да свртат.
„Претежно тоа се оператерите со храна – производители, дистрибутери и трговци. Значителна помош имаме и од поединци и меѓународни организации, домашни организации и секако помал дел и обем од институциите. Во одредени моменти имавме и 22 компании кои не’ помагаа, но денес и сега, поради економско-енергетската криза тој број се намали (секако од оправдани прични за самите помагачи) и сега е помал од десет компании. Но, за волја на вистината, зголемен е бројот на одредени јавни установи – основни и средни школи – домашни и меѓународни, градинки, па дел и од компании кои не се во директна врска со секторот храна ни пристапуваат со свои предлози и помош во храна, а тоа не е баш и толку ретко во последните неколку месеци. Претежно добиваме донации во масло, оцет, брашно, шеќер, сол, макарони, шпагети, леќа, грав, супи, бисквити, мал број на конзерви гулаш, риба во конзерва, паштета или пак конзервиран зеленчук. Големи количини на храна пред се’ во кондиторски прозиводи – смоки, чипс, ресана, разни слатки, чоколади, мајонез, кечап, сенф и разни други слатко-солени производи добиваме од нашите македонски производители – Витаминка, Винчини, Виталиа, Даути Комерц, маркетите на Тинекс, КАМ, Стокомак, Веро, Рамстор, МИН-ЕКС и други. Во рамки на нашето делување во Општина Кавадарци и околината имаме поддршка од СЛОГА-ПРОМ од Кавадарци и во смрзнати производи – риба и пилешко. Годините наназад имаме еден феномен, а тоа е присобирање на готова храна од разни настани – свадби, организирани кетеринзи, разни прослави и други јавни собирања кои беа се’ почести во изминатиот период. Во просек во изминатите години на годишно ниво сме собирале и делеле над 15 илјади готови оброци од такви настани.“, открива Христов.
„Огромна е листата на соработници и партнери на „Ретвитни Оброк“. Се имаат вклучено околу 5000 волонтери изминативе 8 години! Начинот на соработка е во донирање на храна и намирници, во подготовка на таа храна и во логистиката и дистрибуцијата на храната. Имаме волонтери од најразлични возрасти и позадини. Од фирми, банки, училишта, организации, граѓански сектор, локална власт, претседателот на Македонија со неговото семејство и соработници од неговиот кабинет, институции, големи и мали компании…. но морам да спомнам дека задачата на „Ретвитни Оброк“ е редовно, секоја недела поддржана од три редовни партнери – „Љубезност“ кои го вршат делот на дистрибуцијата на храна, „Светулка Нора“ која редовно обезбедува намирници кога тоа недостига од донациите и евангелско-протестантската црква „Гласност“, која ни го отстапува просторот за да можеме да ја подготвиме храната.“, ги посочува Кристијан нивните партнери.
Кога треба да се нахранат гладните, контактите не ги штеди ниту „Легис“.
„Храна добиваме во вид на донации од граѓаните, фирмите, од партнерски организации од Македонија, како што се и неколкуте платфрми за борба против сиромаштија, или ја купуваме сходно проектите кои ги имаме во годишниот план. Неретко се случува други организации да ни достават веќе зготвена храна која не ја искористиле на своите настани, а ја платиле. За истата имаме можност веднаш да ја поделиме и да ги израдуваме корисниците. Се работи за пакети со спакувани основни намирници, овошје, зеленчук, месо или готвени оброци за време на месецот Рамазан.“, наведува Мерсиха.
Организациите се трудат со сите сили да помогнат, но бројките се неумоливи – според Извештајот за индексот на фрлена храна на ООН од минатогодишниот октомври, граѓанин на Македонија годишно фрла 83 килограми храна. Храна која недвосмислено не само што би можела, туку би морала да биде употребена на добробит на сиромашните.
„Низ годините наназад, а и денес, ние сме во постојана анкета со нашите корисници, а на истата се одговара на мал број на прашања кои ни ја даваат сликата за нашата совест и однос кон храната! Анкетата ја правиме на примерок од над 2600 испитаници во текот на една година, и можеме да кажеме дека имаме релевантен одговор и слика за фрлањето храна во Македонија. Бидејќи читателите сакаат бројки – во Македонија има околу 520 илјади семејства, а за податок за анализа ја земаме бројката од 300.000 семејства кои имаат барем малку да си дозволат и обезбедат храна за своето семејство во текот своето живеење. Врз база на поставеното прашање што најмногу се фрла, бројките го покажаа овој феномен: најмногу се фрла леб и лиснати призводи, зеленчук, овошје, сувомеснати производи, млечни производи, итн. Ако се вратиме на бројот на опфатени семејства од околу 300.000 – нашите показатели велат дека просечно семејство во текот на една година фрла храна во вредност од над 18.000 денари, односно во просек по 50 денари дневно. Ако овој податок изразен во евра го помножиме со бројот на семејства ќе видиме дека ние во Македнија како семејства фрламе над деведест милиони евра и тоа само од нас домаќинствата! Можеби изгледа нереално, но ете нека е и за 50% помалу од горе споменатиот податок – тоа се огромни несовесни и непоромислени загуби во храна од нас – самите граѓани.“, ни прави Христов математика која делува уште попоразително.
Мерењата од Извештајот со недоверба ги гледа и Кристијан.
„Се плашам дека нивната проценка е дарежлива, мислам дека бројот е дури и повисок од тоа. Комплексен е одговорот зошто е тоа така, но главните поенти за ова може да се поделат во две категории – лична и колективна одговорност. Како конзумери треба да се научиме на поодговорен однос кон храната, односно да купуваме попресметливо и да се потрудиме да го пренасочиме вишокот храна. Не е потребен „Ретвитни оброк“ за тоа, секој од нас има соседи, роднини, пријатели… кои се во потреба. Треба да ги надминеме социјалните стигми и да понудиме помош а и да примиме ако тоа е потребно. Во однос на колективната одговорност, имаме еден магичен круг во кој вишокот храна полесно е да се однесе во „Дрисла“ отколку на нечија трпеза. Моменталната поставеност за законите ги охрабрува производителите, дистрибутерите и продавачите на храна (маркетите) вишокот храна да го фрлат. На „Дрисла“ за да се уништи тон храна, чини, мислам, 50 евра. Со тоа може да се повратат парите по правилник за крш и растур. А од друга страна имаме премногу долга, комплицирана и дисфункционална постапка за повраток на данок за донација. Исто така имаме лошо регулирана одговорност за храната при донација и сето ова ги обесхрабрува големите играчи во бизнисот со храна да донираат.“
Зборовите на Мерсиха само ставаат печат на она што во својата пракса го доживуваат Душко и Кристијан.
„Виновникот не може да е еден и да се посочи со прст. Една е одговорноста на производителите или на дистрибутерите на големо и на мало кои радо ги фрлаат прехранбените продукти по истекот на рокот, чекајќи продажба и профит до последен момент, отколку да ги донираат до хуманитарните организации како правни субјекти кои понатаму би ја менаџирале дистрибуцијата на иститие до крајните корисници. Во околината на „Легис“ има три супермаркети. Честопати сме сведоци на тоа како се фрла храна од нив во контејнерите, а некои од нашите корисници секојдневно чекаат за да земат од фрленото, без разлика на рокот или на состојбата на производот. Тоа воопшто не е достоинствено. А поголем дел од таа храна се фрла и уништува на депониите, сходно прописите, што е исто така една вина на системот. Ние се заложуваме за промена на законите и прилагодување кон тоа да наместо фрлање и уништување на храна, истата да мора да се донира пред истекот на рокот, во поволен број денови за да може да се дистрибуира и безбедно да се конзумира. И во едната и во другата ситуација, човековиот фактор е вклучен и нивната свест за солидарност и емпатија се клучни во одлуките за регулирање на овие барања кои многу пати до сега сме ги доставиле. Исклучок од ова се Виталија и Витаминка, кои редовно донираат со разумен рок за дистрибуција и конзумација, што е од голема корист за нашите сограѓани од висок социјален ризик.“
Сведоштвата на нашите соговорници ни ја покажаа „грмушката каде што лежи зајакот“ – добро законско решение, за општа добробит и на хуманитарците и на сиромашните. Во 2019 веќе имало обид да се изготви Закон за донирање на вишоците храна, но веќе четврта година тој не е мрднат од нацрт. Покрај релевантните министерства, во работата тогаш учествувала и „Банката за храна“. Христов вели дека причините за пасивизацијата не му се познати, но за поздрав е новата иницијатива на Министерството за земјоделие да се продолжи онаму каде што се застанало и законот да се доработи без недостатоци – за тоа би било потребно вклучување на операторите со храна, земјоделските здруженија и стопанските комори, што не било случај во 2019. „Банка за храна“ се надева на повик во работната група, каде веќе се наоѓа „Ретвитни оброк“, кои велат дека ќе се борат беспоштедно законското решение да гарантира вишоците храна да завршат како оброк на трпезата на некој сиромашен сограѓанин.
Секако, оваа сторија не може да помине без да ги поставиме овие прашања и дилеми до самото Министерство за земјоделие. Уште на стартот ни посочија дека се сериозни во намерата да ја „истуркаат“ работата, и дека ќе ги повикаат сите релевантни чинители, вклучувајќи ја и „Банка за храна“.
„Вклучувањето и поддршката на здруженијата на граѓани и хуманитарните организации, економските оператори, државните институции и граѓаните, може да биде голем исчекор во креирањето на инклузивни политики и градење на одржливо општество. Целта што треба да се постигне со ваквото законско решение е извлекување на вишок на храна од целиот ланец на исхрана, и редистрибуцијата на храната до сиромашните граѓани. Дополнително, да се воспостави и институционализиран систем на донација на храна низ целата држава, а воедно ќе се овозможи и превенција на отпад и фрлање храна, со што ќе се намалат негативните ефекти врз животната средина.“, стои во нивниот одговор.
Одговор кој можеби не ги напушта дипломатските рамки на кои сме навикнати, но и одговор со призвук на ветување – ветување за кое сигурно како за сламка ќе се фатат оние чии звуци на стомакот, ниеден човек не заслужува да ги има…