·

Спорт, рекреација, почист град, здрави навики… Конечно решение – ВЕЛОСИПЕД!

Навраќајки се во детството, во оние најрани години, иако како некои бледи слики, сепак цврсто се врежани во нашите сеќавања  преубавите моменти кои биле со огромно за нас значење. Со значење на љубов, со чувство дека сме сакани, буквално како цел свет да бил наш во тие моменти. 

Индивидуално, секој си има свои омилени моменти од тоа време. Сепак, како заедничка емоција, веројатно е моментот кога го добиваме на подарок првиот велосипед. Чувството дека Жил Верн претерал со оние 80 дена за пат околу светот, дека ние со нашиот  велосипед можеме подобро, побрзо. 

Па некако поклопувањет во тие години со легендарниот хит на „Рибља чорба“, „Амстердам“, со почетните стихови „Неко ми је украо бицикло“, песна пуштана буквално секојденвно по они 2-3 ТВ програми кои тогаш ни се нудеа или по радио станиците, направија од нашите велосипеди светост која ја чувавме, да не ни го украде некој „бициклото“ наше.

А никој од нас, така мали, не го сфаќаше значењто на насловот на песната и каква е поврзаноста на велосипедите со Амстердам. Епа денеска, 30 години подоцна, прочитав една занимливост. Амстердам е град со повеќе велосипеди отколку жители и 515 километри вмрежана велосипедска патека (од прилика, доколку тргнете на север од Скопје, би стигнале до Нови Сад).

Амстердам

А ние? Скопје? Македонија? Веројатно ако се споредиме со Амстердам, како да се споредуваме со друга планета, универзум, време… Да ја изоставиме споредбата со „големите“ во оваа област и да видиме што имаме ние и што кај нас се прави на ова поле.

Најголема и најпозната граѓанска иницијатива кај нас е „На точак“. Веќе 10 години активни, но она што ме изненади пријатно и што „ме купи од прва“ е тоа што кога стапив во контакт со активистите, а тие веднаш се согласија да зборуваат за движењето, е она што не сакаа да одат со индивидуална промоција, име и презиме. Едноставно, Сандра и Дарко од „На точак“. И самите кажаа, важна е идеата, не поединците.

„Неформалната граѓанска иницијатива „На точак“ започна април 2012-та година од група ентузијасти, точакољупци со цел подигање на свеста за велосипедот како секојдневно урбано превозно средство и достигање ниво на рамноправен учесник во сообраќајот во Скопје. 

„На точак“ се сите кои возат велосипед, кои сакаат достоинствен, функционален и безбеден Велоград“.

Она што е специфично за движењето е што тие се држат исклучиво за градскиот велосипедски превоз и за подобрување на сообраќајниот режим низ градовите. Значи, здравиот живот и спортските активности се една работа, а велосипедите како средство за циркулирање низ градскиот метеж сосема друга. 

И она што мене ми падна на ум, поприлично често се организира „протестно“ возење на велосипеди низ Скопје наречено „Критична маса“.

Критична маса е ”месечно протестно возење”, собир на велосипедисти кои заедно возат одредена рута по улиците од својот град, со цел да бидат видливи и пратат порака дека градот треба да ги земе предвид како учесници во сообраќајот, со издвоена, безбедна инфраструктура, да ги мотивира останатите сограѓани да го користат велосипедот, како и да актуелизира одредена конкретна тема поврзана со урбаниот велосипедизам. Во Македонија се одржуваше секоја последна среда во месецот, но последната „Критична маса“ беше јубилејно извозена на 24ти септември 2022 година, по повод 10 години од првата „Критична маса“.

А дека ситуацијата  за градски велосипедски сообраќај не е сјајна ми потврди и една моја добра пријателка, жена која е велосипедист, која своите лимити ги поместува секојдневно, а нејзините резултати од ден на ден се подобри. 

Лидија Савеска е жена што својот секојдневен живот и рутина не може да ги замисли без велосипед, нешто низ Скопје, а голем дел и по оние алтернативни или off road тури. 

„Низ Скопје не сакам многу да возам“ – вели таа.

„Иако редовно учествувам на сите градски организирани возења, мислам дека Скопје нема патеки како што заслужува еден главен град.  Сепак, многу повеќе ми лежат оние возења надвор од градот. А знаеш што има ново? Го надминав личниот рекорд за извозени километри за една година. 19000 за 2022-ра“.

Само да илустираме, Од Скопје до Пекинг, Јоханесбург или Владивосток имате по 11-12000 километри. Па видете вие колку се 19000. Да овој резултат има уште поголема тежина, а Лидија е особено горда на тоа, таа има 54 години.

„Со возење точак почнав да се занимавам кога го запознав сегашниот сопруг, Петар. Тој ме навлече на возењето. Се зачленив во групата „Explore Macedonia Tour“, која брои околу 2000 членови. За почеток си купив поедноставна верзија на велосипед, основна. Веднаш се вљубив во возењето. Чекор по чекор одеше и купувањето и „модернизацијата“ на опремата и велосипедите. Преубави места има Македонија, а адренаклинот и чувството да се посетат возејќи велосипед се посебни. Нема каде не сме биле. Охридско Езеро, Маврово, Струмица, планински предели, Прилепско, помали места, преубави селца, врвови… Прекрасно е. И ќе додадам повторно, најмногу ми пречи градскиот метеж, додека излезам од град. На работа кога одам, речиси секој ден, трасата ми е надвор од градот. Хром-Аеродром преку Нерези, Водно, Сопиште…“.

Лидија Савеска

Повторно разговорот не доведе до оној урбан велосибедизам, односно велосипедот како превозно средство. Прашањата за Сандра и Дарко беше логично. Се менува ли нешто на подобро? Како се движат работите? Што предлагаат тие како подобрување за градскиот сообраќај?

„Што се промени во овие 10 години? Три напред едно назад. Пребавно се приближуваме до целта – Скопје безбеден и возлив велоград.

Велосипедите денеска се побројни на улиците, ослободени се јавни површини кои беа узурпирани од коли како паркинзи. Но, за жал сѐ уште постојат.

Вело мрежа има по главните булевари, но има и новопроектирани улици и булевари со субстандардни и нефункционални патеки.

Имаше и субвенции за велосипеди за кои не е измерен ефектот и е занемарен редоследот. Прво изградете инфраструктура, па давајте субвенции за велосипеди, односно ”Build it and they will come” и ”Исчистете ја куќата, па после викајте гости”.

Има и правилник за стандардизирана велосипедска инфраструктура, кој е речиси целосно изработен, но сѐ уште не официјализиран и воведен во пракса. 

Мора да има и обврска за задолжителни велосипедски паркинзи пред јавни установи, но и гаранции дека тие паркинзи се употребливи и безбедни за паркирање на велосипедот“.

Едно време имаше убава идеа и започна со реализација, можност да се изнајмат велосипеди (на пример од точка А и да се остават на точка Б) низ градов и општините. Но, не се водеше доволно грижа, делумно од одговорните, делумно од самите граѓани, менталитетот… и за жал, оваа преубава иницијатива згасна“.

А како што и од „На точак“ и Лидија велат, велосипедизмот и возењето им е составен дел од секојдневниот живот, нема откажување. И не само поради самите нив, туку поради создавање поздраво општество и почист и функционален град. Целата нивна „борба“ бара и поддршка, пред се институционална. Ја имале, се надеваат на уште поголема соработка.

„Од позначајни соработки со институции може да се издвојат оние со Град Скопје, Општина Центар, Општина Карпош, Јавно претпријатие Улици и патишта (УиП), Министерство за транспорт и врски, Министерство за внатрешни работи, Регионалниот центар за животна средина (РЕЦ), Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), Европската велосипедска федерација (ЕВФ), амбасади (холандска, шведска, британска) како и соработка со организации, компании, креативци, индивидуалци.

Освен во Скопје, критичната маса се одржувала и во Тетово, Гостивар, Битола, Прилеп, Струмица, Кочани и Штип.

„На точак“ организираше и учествуваше на неколку домашни и регионални настани, поврзани со урбан велосипедизам, граѓански активизам и промоција на велосипедот како транспортно и рекреативно превозно средство. 

Мора да продолжиме со уште посилно темпо и да ја оствариме нашата цел. За доброто на сите се работи“.

И ја побарав уште еднаш Лидија, телефонски, да се договориме нешто околу фотографиите кои би ги објавиле во оваа сторија. Се разбира, ја начекав на точак, некаде возеше. По врнежливо и студено зимско време. 

„Па што ако врне? Во здраво тело, здрав дух. Ако не извозам денеска, празен ми е денот. Нема врска дали вее снег, дали е 40 степени во август. Нема пречки, нема изговори. Рекордните километри од лани мора да бидат подобрени“.

И како што Лидија има желба да ги подобри резултатите, сите ние мора да ја подобриме перцепцијата за велосипедизмот, за возењето точак низ урбаните средини. 

Мора да го подигнеме нивото на свесност за придобивките кои би можеле да ги имаме доколку сфатиме дека велосипедот не е хир на некоја мала група, дека не е превозно средство за сиромашни, дека возејќи велосипед се чувствуваме посреќни.

Данска не е сиромашна земја. Статистички, Данците се најсреќни луѓе во светот. Во Данска најупотребувано урбано превозно средство е велосипедот. 

Да го примениме нивниот рецепт!

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *