·

За чистата душа, за нивната светост, за децата!

Некаде по завршувањето на еден од вечерните натпревари на светското првенство во Катар, се подготвував за спиење. Опуштено, со некој добар блуз во позадина, земав да пролистам што има по социјалните мрежи. Наидов на една од оние мудрости на Мајка Тереза, скопјанка, жена, олицетворение на еден поубав свет. „Секое дете е непроценливо вредно. Тоа е дар од Бога“ – ќе рече таа.

Мојата задлабоченост ја прекина ѕвонењето на телефонот. Десет и кусур, гледам, Весна, адвокатката. Мора да е нешто важно.

Рикардо, па кај си? Ме заборави. Што бидна со вториот дел од сторијата? Имаш ли соговорници, да не ти треба помош нешто? Знаеш дека може да сметаш на мене ако  треба некој предлог…

(Првата сторија можете да ја прочитате тука.)

Весна, па тоа е премногу важна тема, а поприлично „бутната под тепих“ да биде заборавена. Дел истражување, дел поради временско усогласување со соговорниците, знаеш како оди сето тоа. Имам соговорници, ти благодарам. Ирена ќе зборува за неа, актерката, ја знаеш. А чувствувам дека ќе се обратам повторно кај Маргарита за психолошкиот аспект. Не е никако заборавена тема. Нормално дека мора да има и втор дел. Сакам да биде за децата на разведените родители, нивните предизвици, но и предизвиците на родителите, психолошката состојба кај децата и институционалната поддршка од одговорните во ваквите ситуации. Раскажи нешто, имаш искуство.

Весна Тренкоска Апостолски

Искуство имам до сега, сепак, предизвици се’ уште има. Во осетлив период се, во пубертет. Како и да е, имам поминато многу ситуации, со оглед дека децата беа цело време со мене. Татко им не беше во државава. Буквално цело време го поминуваа со мене. Среќа, моите ми помагаа колку што можеа, па и повеќе од тоа, но децата ме бараат мене, јас сум им мајка и тие сакаат најмногу време да поминуваат со мене. Преку работната недела, работни обврски, воншколски активности, носење, зимање… Го носев синот на фудбал на тренинг кој траеше 1 час и одев дома да поспијам пола саат и пак да одам да го земам… колку сум била изморена. Преку викенд немам работни обврски но имам други ангажмани околку домот, децата, намирници, мои лични обврски.  Преку работната недела, работни обврски. Преку викенд, што попрво. Сум доаѓала во ситуации каде што децата доаѓале со мене и на места каде што мама би требало да оди сама (козметичар, фризер…). Како и да е, а и се покажало како исправно, за децата е подобро да имаат навистина среќен родител, професионално, приватно, на секој можен начин. Најверојатно недостигот на еден родител ќе се чувствува, а должност на другиот е да се потруди да го надополни тој недостаток колку што е можно повеќе. Сепак, таков недостаток секогаш постои и децата го изразуваат дирекно или индирекно. Ете, една ситуација сеуште ја помнам. Се подготвуваме, како и секој ден, за градинка. Наеднаш ми вели син ми „мамо, денеска нека ме земе од градинка Дејан (сопругот на сестра ми)“. Јасно ми беше веднаш што тоа значи и што е тоа што недостасувало во тој момент. Имам многу читано на таа тема, сметав дека е неопходно. А и редовните посети на психолог многу ми помагаат, не само мене, туку тоа се обидувам да го имплементирам и на децата потоа. Нивниот правилен психолошки развој ми е приоритет.

Еден од родителите кои се свесни за важноста на прашањето за психолошкиот развој на децата кои имаат разведени родители е и актерката Ирена Илиевска. Иако соочена со безброј предизвици и ситуации, мал милион обврски, како приватни така и професионални, Ирена со задоволство прифати да сподели дел од својата приказна и искуство со читателите на Creative Voice.

„Па нормално дека ќе издвојам време, премногу важна е оваа тема, а премалку се зборува во јавноста за неа. А се повеќе луѓе се соочуваат со вакви ситуации. Како мајка сум свесна за важноста на психолошкиот и емотивниот развој на детето. Тоа е број еден предизвик за мене. Нема ништо поважно. Во целиот тој вртлог на докажувања и барања правда, децата мора се потрудиме да останат недопрени. Навистина, тешко е, но тоа е предизвик пред кој нема изговори и секако дека тоа ми е приоритетот во животот“.

И навистина, ако се размисли убаво, најчесто психолошкиот развој на децата е запоставен во моментите на разводи и разни комплицирани ситуации со кои родителите се соочуваат. А децата, всушност, се и можеби оние кои се најранливи. Се обратив повторно до психологот и психотерапевтот Маргарита Николовска. Сепак, стручниот осврт кон вака осетливо прашање е неизбежен и нешто на кое мора да му обрнеме внимание. Таа ги потврди само дел од моите претпоставки, но ни даде и дополнителни појаснувања.

Маргарита Николовска

„При разводот многу внимание треба да се посвети на децата зашто Децата емоционално се повеќе ранливи и кршливи од возрасните. За децата двајцата родители играат голема улога во нивниот свет, особено за малите деца каде родителите и најблиските се целиот свет.

Иако разводот може да биде решение за конфликтите во бракот, сепак тој може силно влијае на децата во семејствата каде што родителите се развеле и кога децата одржуваат добри односи со двата родители. Правени се истражувања кои следат деца и по десет години по разводот кои укажуваат на тоа дека разводот на родителите влијае на тоа како децата се гледаат себе си и како го гледаат светот воопшто.

Доколку по разводот родителите на детето се во добри меѓусебни односи и ја делат (несразмерно или сразмерно не е толку важно), одговорноста за грижата за детето, ова му помага на детето да развие независност и побргу да созрева.

Кај „лошите“ разводи, каде разводот не ги разрешил конфликтите , туку тие се уште траат додека расте детето и тоа е сведок на хостилност на родителите еден кон друг и уште полошо кога пораките за другиот се директно насочени кон детето, детето е во најтешка положба и му требаат да развие добри механизми за справување. Сепак и во вакви ситуации децата на најразлични индивидуални начини успеваат да се справат и да изградат поголема резилиентност. Од негативна страна, овие ситуации можат да доведат до негативни механизми на справување како што се злоупотреба на супстанци, антисоцијално однесување и да доведат до проблеми во менталното и физичкото здравје на децата.

Важно е родителите да посветат посебно внимание на децата и за време на разводот и по него иако е тешко за нив, затоа што и самите се справуваат со тешки ситуации и чувства.  И уште поважно е по разводот конфликтите да не продолжат зашто тие ситуации прават најголема штета на децата. За време на разводот родителите треба да покажат посебно внимание и грижа за потребите на детето и да се уверува дека и двајцата родители ќе бидат тука за него.

Некои истражувања пак кажуваат дека по првичниот шок и неверување, чувствата на анксиозност и лутина кај повеќето деца траат до две години, а кај мал број на деца траат подолго од тоа“.

Како што Маргарита ни ги објаснуваше основите, само дел од овие комплексни ситуации, мене почнаа да ми се отвараат две големи прашања. Првото, при спомнувањето на „лоши“ разводи (а за жал, факт е дека голем број од разводите се токму такви), што се случува со семејното насилство, пред се психичкото (за физичкото се повеќе се зборува, се повеќе е законски опфатено)?

И второто прашање, со оглед на тоа дека живееме во не баш економски развиена држава и не секој може да си приушти приватни психолошки советувања кои се неопходни, каква е институционалната помош за родителите кои се соочуваат со разводи, со психичко насилство, со ситуации кои бараат од нив надчовечки напори да се постават на вистинскиот начин?

За второто прашање се обративме до Министерството за труд и социјална политика. За жал, молк. Никаков одговор. Можеби се презафатени да ни одговорат на некои прашања.

Но, Ирена има врме, не е презафатена. Ирена, на која најверојатно и е потребна токму ваквата поддршка, која работи две или три работи паралелно, која има мало дете за кое  безусловно се грижи и му ја пружа целата љубов на овој свет, која поминува низ безброј маѓепсани правни и институционални кругови. Е таа Ирена ни зборуваше за нејзините искуства.

Ирена Илиевска

„Искрено се прашував од каде да почнам да ти кажувам и како мозам да ја заокружам приказната, а да биде редоследно опфатено се она за кое сакаш да зборуваме. И морам да ти признаам дека е многу комплицирано. Чувството е како да се работи за вртлог на кој не можеш да му го фатиш почетокот и не знаеш каде му е крајот.

Од една страна имате институции кои се немоќни да направат било што бидејќи, како што и самите вравработени кажуваат, законите ни се застарени и непроменети 50-тина години. Се прашувате, од друга страна, дали можеби токму тие луѓе се оние кои треба заедно со нас да направат некаква промена?!?

Од друга страна имате и закони на кои теоретски може да се потпрете и кои се во ред. Но, честопати добивате имагинарна шлаканица и сфаќате дека од теоријата до праксата долг е патот, а некој секогаш оди по оној „скратен пат“, а некој останува на „листата за чекање“. За жал и тоа се случува, знаеме. Останува само да се вооружате со најмоќното оружје, а тоа се фактите и правдата. Убедена сум дека само таа непопедлива.

За волја на вистината, во институциите има и луѓе кои ќе ве сослушаат, кои достоинствено си ја работат  работата. Ни останува заеднички да ја извојуваме победата и законите да ни бидат чекор поблиску до правдата“.

А како со личност која сосема отворено зборува на овие теми, со Ирена поразговаравме и за насилството. Вели дека сосема нормално е човек да размислува и на таа тема, па и да се пронајде дека во одредени ситуации бил и актер, односно се соочил (свесно или не) со истите.

„Долго време се трудев да одговорам на прашањето, што е потешко, психичкото или физичкото насилство?

Меѓу другото, правно гледано, првото многу тешко се докажува, но и тоа како се докажува, второто многу полесно. И двете се тешки, а најтешко му е на тој што ги поминува.

За физичко насилство голем дел од институциите веднаш реагираат, а за психичкото патот до вистината е подолг. Физичкиот насилник има само едно лице, користи физичка сила и прави злодело. Останува одлуката на жртвата да реагира веднаш и да го санкционираат.

Психичкиот насилник има повеќе лица. Може да биде добар со сите, човек со манири, ведрата личност на работа, омилениот колега, џентлмен или дама, а вам да ви ја „цица крвта како со памук“ додека вие пропаѓате. Дома, во четири ѕида може даде тотално спротивната слика од она што е во општеството. Доколку насилникот е и добро упатен во законите, многу е тешко да се докаже ова злодело, додека жртвата секојдневно пропаѓа.

Се присетив во моментов на едно предавање додека студирав на ФДУ, каде професорот многу добро го посочи токму овој пример. Буквално, психичкиот насилник може да биде било каде околу нас, а ние да не го препознаеме.

Инаку, предметите психологија и психопатологија се задолжителни на факултетот, како во понатамошните кариери би можеле да се доближиме до улогите кои професионално би ги толкувале.

Во секој случај, сметам дека фокусот на родителот, без разлика на одосот со поранешниот партнер, мора да биде насочен пред се кон децата и нивниот правилен психолошки развој затоа што тие се иднината и темелот на едно подобро општество“.

И навистина, додека ја слушав Ирена како зборува, некаде низ глава ми се вртеше мислата и ми стануваше јасно дека некои работи не може да се променат преку ноќ. За тоа е потребно време. Време во кое би требало да искреираме подобра иднина, поубав живот. А тоа најверојатно ќе го креираат оние кои сега се деца. Деца кои не барале да бидат родени. Тоа била одлука на родителите. И без разлика на нивниот однос сега, дали се во брак или разведени, нивна е ОБВРСКАТА да се грижат за децата, за нивниот психолошки развој, креирајќи прекрасни личности во иднина. Детскиот развој и среќа МОРА да бидат еднонасочна улица за која нема алрернатива, во која не постои его.

А институционалната одговорност за овие прашања… посакувам промена, голема. Пред се’, поради децата.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

2 Responses

  1. Eh…. koga ova ne bi bil Balkan!!!
    I zena, majka, biznismenka, sestra, kerka, snaa I sto uste ne…. I ona ne e dobra zena, posto mazive se kao mali deca.
    Ke izleze u kafana so drugarite sekako I ke se pojavi curka mlada, ubava, sredena tip top ( spiela do 15.00) orna za zabava I zurki. On se zaljubuva za “nea’ on stanuva celiot svet ( koga ke se razbudi posle 15.00) maloto dete isrustrirano od soprugata za koja” ne postoi”. I on si zaminuva so nekoja koja go saka ama spie do 15.00 h.
    Kade e greskata vo zenata ili vo mazot ( gore narecenoto malo dete).
    Prasanje za 1 mil dolari?

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *