·

Страв и неизвесност наместо драгоцени моменти од школските клупи

Почетокот на септември минатата годината беше еден од најубавите периоди за Срна, која со нетрпение ја очекаше својата прва година како средношколка. Првиот училишен ден, запознавањето на нови другарчиња, учењето на нови работи и сите останати работи што ги нуди средношколскиот живот беа само дел од нејзините надежи за сето она што ќе го види и искуси за време на следните четири години.

„По последните две години од корона пандемијата сите бевме среќни дека конечно се враќаме во училиште и дека конечно ќе може да се дружиме, дека лошите времиња завршија!“ раскажува Срна.

Шест месеци подоцна пак, нејзината прва година како средношколка полека се претвора во сè освен среќниот период на кој се надеваше.

Уште од почетокот на школската година, па се до последните неколку недели, скопската гимназија во којашто учи Срна, како и уште многу други училишта низ земјата каде што учат повеќе од 250 илјади ученици постојано се цел на низа лажни закани за бомби кои го пореметуваат образовниот процес и го попречуваат неговото нормално функционирање.

А негативните последици од неуспешноста на властите да се справат со овие закани и да успејат да ги пронајдат оние кои стојат за лажните дојави имаат последици за сите во процесот – учениците, наставниците и родителите.

На почетокот на школската година, заканите делувале само како една мала непријатност, раскажува Срна. Исходот од првичните дојави често резултирал со тоа што таа и нејзините соученици биле евакуирани од училниците и пратени да си одат дома, додека полицијата тие денови вршела антитерористичка проверка за било какви знаци за бомби.

Но како што поминува времето, дојавите стануваат се почести – а во декември и февруари ваквата состојба станува и секојдневна. Во една ваква состојба кога фреквенцијата на заканите е зголемена, секоја евакуација трае подолго и подолго, а самите ученици губат од драгоценото време за учење.

„Се случуваше само што ќе дојдеме на школо да ни кажат дека има дојава и дека мора да се вратиме дома и да се приклучиме за онлајн настава. А онлајн не може да се одржи добар час – скокаме лекции, губиме време. Некогаш некои професори не се вклучуваат, нити пак некои деца, така што често настанува хаос и во таква атмосфера не може да се одржи никаква настава“, вели Срна.

Во едно вакво секојдневие, смените во коишто одат учениците постојано се менуваат, а лекциите, тестовите и испрашувањата постојано се одложуваат – па учениците не знаат на што попрво да се фокусираат.

„Онлајн наставата можеби беше некакво решение за време на пандемијата и тоа го правевме кога моравме така да учиме. Но за мене лично наставата во живо е незаменлива. Кога сум во школо и таму можам да ги слушам и гледам професорите како предаваат, тоа најмногу ми помага и тогаш најмногу можам да научам“, објаснува Срна.

Дополнително, зголеменото присуство на полицијата во училиштата и тензичната атмосфера којашто се создава во школските клупи е уште една од низата негативни последици кои влијаат врз нив.

„Некои се нервираат поради тоа што не можат да учат и да стигнат со материјалите, други пак се плашат и воошто не ни сакаат да дојдат во школо поради бомбите. А има и такви кои се среќни поради тоа што губиме часови“, вели Срна.

Додека властите воведуваат нови протоколи за да се обидат да изнајдат решение за она што моментално се случува во училиштата ширум земјава пак, она што е важно за Срна е да има услови кои ќе и обезбедат континуитет во учењето и да нема доцнење со лекциите и тестовите – нешто што е особено важно во првата година како средношколец.

Од друга страна, тука е и желбата таа да има една безгрижна дружба со своите школски другари. Сепак, во моментов пак она што им преостанува на Срна и нејзините соученици е постојано да живеат во неизвесност и нагаѓаат дали и кога нивната учебна година ќе се врати во нормала.

Иако се на другата страна од образовниот процес, последиците од ваквите случувања се и товар и стрес за самите наставници.

Мими Попова е наставник по одделенска настава, односно за деца до четврто одделение. Иако во училиштето кај што предава бројот на дојавите во изминатиот период бил драстично помал во однос на оние од средните училишта, таа раскажува дека и ова било доволно за да предизвика до нарушување на наставата.

Дополнително, целата процедура на евакуација често е сложена и се одолговлекува – па така кога ќе дојде до дојава, Мими треба на секој родител посебно да му се јави и да му каже да дојде и да си го земе детето од училиште.

„Тие што можат ќе дојдат да си ги земат, но понекогаш ако некој од тие родители е на работа, мора да се бара друго решение. Ако ми дадат дозвола и можам некое од тие деца да ги пратам дома со некој од другите родители во одделението, тогаш го правиме и тоа, но мора да се знае дека ние сме ги предале кај родителите и дека тие се на безбедно“, објаснува Мими.

 Понатаму, имало и денови кога Мими требала да оди на работа во втора смена, а дојавата била во првата смена – и во таква ситуација повеќето од наставниците останале затечени за што да прават во таков случај, дали да остаат  дома и наставата да продолжи онлајн, или пак сепак да одат во училиштето.

„Се сеќавам тој ден седев дома и навистина не знаев што да правам, не добив никакви насоки. Заедно со мене има и асистенка од Тетово која работи со деца со посебни потреби, и таа не знаеше што да прави – дали да тргне или пак да остане дома“, вели Мими, која живее во Аеродром, а училиштето каде што работи се наоѓа во Ѓорче Петров.

На крајот решението било да се оди со онлајн настава – но и тоа не поминало толку едноставно како што било првично преставено.

„Со онлајн настава работата не оди туку така. Треба да се известат родителите за да можат да ја вклучат програмата за онлајн настава за децата. А ова се мали деца и родителите треба постојано да бидат со нив за тие да можат да следат настава.  Се случуваше примери кога децата од прво одделение воопшто не се вклучија – што значи дека за овие деца таквите денови се целосно изгубени“, објаснува Мими.

Истовремено, додека се борат да ги задржат своите ученици фокусирани на наставата во едни вакви услови, наставниците губат чекор и со сопствените програми за предавање.

„Се случува да си подготвил цел план за настава во живо и наеднаш добиваш известување дека часовите ќе треба да бидат онлајн, и ти се уништува цел концепт. Па се случуваат технички проблеми, на платформата не може да се креираат часови поради ограничувањата кои се поставени, или нешто слично. Единственото нешто што можеш да го направиш во тој момент е импровизираш и гледаш на учениците да им го пренесеш барем најважниот дел од лекциите“, додава таа.

Има и такви наставници кои во една ваква состојба се прашуваат и дали воопшто е безбедно да се продолжи со настава при едни вакви услови.

„Кога ќе дојдат да ни соопштат дека има дојава за бомба и не е баш сеедно и пријатно. Иако досега дојавите беа лажни, понекогаш низ глава ти поминуваат сите сценарија што можат да се случат“, потенцира Мими.

Родителите, пак, се третата страна во целата приказна, и кои во една ваква состојба се соочуваат со сопствен сет на проблеми.

Мице Трпкоски е татко на три деца, од кои најголемото од нив, неговата ќерка е прваче. Кога во школото каде што учи ќерката имало дојава, пораката од одговорните до родителите било веднаш да дојдат и да си ги земат децата дома.

Мице Трпкоски

„Не сите во школото имаа нормално извежбан протокол па поголемите деца што можат да си одат сами дома ги пуштија и се направи хаос околу Зелен пазар. А пораката од школото беше да дојдеме најбрзо што можеме. Од гледна точка на мобилност и брзина да стигнеш до школо е среќа ако живееш блиску или пак работиш блиску. Инаку замислете во 8 часот наутро со кола да тргнете од Карпош или Ѓорче до Центар, и кога би успеале да стигнете“, раскажува Мице.

Она што во неговиот случај било корисно е тоа што во одделението каде што учи неговата ќерка биле и повеќе деца од истата населба, па било полесно да се организираат за децата да ги донесат дома.

„Имаме среќа поради тоа што голема група деца од нашето маало учат заедно во исто одделение. Се договараме едни со други и еден родител зема повеќе деца и ги носи пред зграда на плочник да поиграат дури да дојдат други родители или баби и дедовци“, вели тој.

Истите критики што доаѓаат од учениците и наставниците во поглед на онлајн наставата, пак, се потврдуваат и од страна на родителите.

„Можеби онлајн наставата изгледа изгледа нормално во една ваква ситуација, но проблемот е со помалите генерации – тие не можат да учат онлајн и имаат насоки да го користат времето од дневниот престој за учење на материјалот што го пропуштиле. А првачињата се неверојатно оптоварени секој ден со некакви материјали за кои пола од не знаат ништо, нити пак потоа разбираат ништо од образовниот процес“, раскажува тој.

Резултатот на сето е ова е исфрустрираност и кај децата и кај родителите, а истовремено школите постојано воведуваат нови правила и ги менуваат постоечките, што потоа дополнително создава уште поголема конфузија.

Објаснувањето од страна на властите е дека постојано се работи на нови процедури и протоколи за справување со ваквиот проблем – како што се зголемување на безбедноста во училиштата, забранет влез за надворешни лица и низа други мерки, надевајќи се дека можеби ваквите напори ќе вродат со плод додека и дефинитивно не се пронајде кој стои позади ваквите дојавите за бомби кои пристигнуваат на електронските пошти на училиштата.

За родителите како Мице, пак, она што е неопходно во моментов е било какво трајно решение кое на ваквата ситуација ќе и стави крај и ќе им на децата непречен тек на наставата и ќе им ја врати насмевката на лицата, наспроти се поприсутниот страв кај повеќето.

„Може да има повеќе решенија – со скромни финансии веројатно да се обезбеди видео надзор на сите училишта во Скопје па да се направи некаков заеднички мониторинг. Во државата има доволно полицајци, па би може на пример по двајца да стојат на секој влез и излез. Или пак нека објават награда за информации за лицата што ги праќаат заканите. Можеби и некој способен компјутерџија ќе им помогне на властите да ги лоцираат овие лица, а тоа да не биде на два дена пред избори“, вели Мице.

Она што веќе на сите им станува јасно, пак, е дека е невозможно е да се живее во една статус-кво состојба како во последните шест месеци – за време на кои дојавите за бомби станаа вообичаена појава, а образовниот систем во земјата стана заложник на истите. Истовремено, сите во образовниот процес станаа колатерална штета на случувањата – учениците, наставнциите и родителите – секојдневно поминувајќи низ состојба на страв, неизвесност и хаос, и губејќи драгоцено време и моменти од своите животи.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *