·

Македонски Брод – Борец кој не признава безнадежност

„Малите места се вистинскиот дијамант на една земја“, ќе рече во една прилика непознат патеписец.

Колкава мудрост и вистина кријат овие неколку зборови, доволно говори што и векови откако се изговорени, се компасот кој ги води новите генерации патеписци низ светските меридијани. Исклучок не сум ниту јас – покрај стандардните херои на едно машко дете олицетворени во спортисти, светските патници сум ги ставал безмалку рамо до рамо со нив. Сепак, колку и да сум свесен дека нашата планета крие безброј бајковити и пејзажни предели-дијаманти од кои барем колку што е возможно треба да се видат – сметам дека еден патеписец прво треба да ги знае „дијамантите“ на својата земја. А Македонија несомнено е вистинска јувелирница. Јувелирница, за која најчесто земаме грев на душа и ја третираме како маалска продавничка…

Македонски Брод е без право на приговор еден од нашите дијаманти, кој неправедно деновиве стана популарен откако низ јавноста „прошета“ таблото од гимназијата „Свети Наум Охридски“, на кое се наоѓаат 11 матуранти и точно двојно повеќе професори. Одбивајќи да бидам помеѓу грешниците кои не си ги знаат убавините на државата, и одбивајќи да бидам новинар кому ваква вест му служи за народски речено – сеир, го фатив патот кон Македонски Брод.

Се нижеа километрите, се нижеа и прашањата во тефтерот – дали е ова вистинската слика? Од кои причини местото се празни? Сакаат ли мештаните да останат, а се приморани да ја бараат среќата надвор? Има ли такви кои се упорни да ја задржат искрата на надежта додека повторно не стане пламен…?

Првата врата на која тропнавме, беше онаа на доктор Спаско Ѓурчиноски. Во своите зрели 30-ти години, како специјалист по семејна медицина одлучил да биде чувар на искрата.

Д-р. Спаско Ѓурчиноски

„Отсекогаш сум сакал да останам во своето место, и затоа немав ниту обиди да одам некаде на страна. Мислам дека и на Македонски Брод му се поребни млади луѓе. Образованието го завршив исто така тука во Брод, средното го завршив 2000-2001, и мислам дека тоа беше добар фундамент бидејќи нашата гимназија беше доста добра, меѓу првите три гимназии во Македонија, и беше добра отскочна даска да завршам медицински факултет и да специјализирам семејна медицина, и на крајот да останам овде и да им помагам на луѓето од нашиот град. Од мојата генерација поголемиот дел сме останати овде, иако нашата генерација 1986-1987 сме успешни како овде, така и надвор од градот и државата. Имаме економисти, професори, стоматолози, фармацевти… голем дел од нив успешно градат кариера и тука и надвор.“, ни вели докторот со нескриена гордост која има покритие – и покрај понудите од Франкфурт и Нирнберг да специјализира неврологија, решил лекарската мисија да ја стави на располагање на своите сограѓани. Сепак, предизвиците со кои се соочува, за некои негови колеги од поголемите градови се скоро незамисливи.

„Ние сме тука матични лекари. Што би било и ние ако се иселиме? Луѓето ќе треба да одат дури до Кичево за една обична здравствена услуга. И во однос на нашите колеги од поголемите градови, ние работиме многу повеќе. Бидејќи немаме специјалисти, ние овде работиме буквално се’ – од менување катетри, шиење рани, чистење декубити, вадење крлежи… можеби звучи смешно, но ние во текот на една седмица имаме и по 5-6 крлежи за вадење. Во Скопје тоа матичните не го работат – упатот, и си одиш на хирургија. Одиме на домашни посети, а работиме дури и чистење уши, бидејќи нема ушен лекар. Но никогаш се немам покајано за одлуката да останам тука“. Сепак, и тој е свесен дека помеѓу неговите помлади сограѓани, ваквото размислување е вистинска реткост.

Сакавме да слушнеме од „прва рака“, па патот не’ доведе до Емануел Аврамоски. Средношколец кој здравје Боже, следната година како матурант би требало да се најде на истото она табло. Ја завршува третата година во споменатата гимназија „Свети Наум Охридски“. Полн планови и визии, ги брои деновите до факултетското образование.

Емануел Аврамоски

„Себеси се гледам во природно-математичкиот сектор, поточно технологијата. Јас во иднина се гледам во Македонија, но во своето место само за одмор. За живот и професионален напредок, сепак во некој од поголемите градови. Главната причина е што младите тука немаат многу опции за кариерен напредок. Нема голем колектив на професии што би можеле да ги изберат, туку 2-3 професии поврзани со просвета, здравство, или во локалните две фабрики – една на влезот во Кичево и другата во селото Самоков. Тоа е овде единствениот избор, а кадар за таму веќе постои, така што младите се гледаат во некоја од новите професии кои денес важат за креативни и привлечни. Затоа и одат во поголемите градови – да го унапредат своето знаење и да ја остварат посакуваната професија.“, ни вели Емануел. Неговите зборови имаат поразителен призвук, но никој не може да му замери. Разговорот со него ни предочува и една иронија – средношколското образование во Македонски Брод е одлично, а училниците се празнат…

„Воопшто не зажалив што средното образование го поминувам во својата средина. Иако работам на различни проекти во рамки на образовниот процес преку кои доста патувам надвор од нашето место, како низ Македонија така и во странство, иако нашето училиште брои мал број ученици, сепак имаме свои предности – има квалитетен наставен кадар, има солидни механизми и алатки за пренесување на знаењето, и има соработка со училишта и организации надвор од нашата општина, но и држава. Има и недостатоци во форма на тоа дека понекогаш не’ гледаат со предрасуди и стереотипи, не се сите расположени да соработуваат со нас, но ме радува проактивноста на мнозинството организации да соработуваат со нас, на кои секогаш би им кажал – секоја чест! Инаку, соработката со нашето училиште секогаш им се исплатела.“, објаснува тој.

Слушајќи ги докторот Ѓурчиноски и Емануел, стекнуваме впечаток дека вредните бродски професори и наставници се борат со ветерници. Шарајќи низ веќе познатото табло, улиците на ова сликовито гратче не’ доведоа до професорот Зоран Трпчески, или за мештаните кои му се обраќаат полни почит – даскалот. Како професор по историја во гимназијата, веќе 11 години се труди неговите ученици утре да станат вредни членови на бродската заедница. Се’ помалите пописни бројки и се’ помалку обемното табло не го обесхрабруваат – активно работи да дојдат подобри денови.

„Потекнувам од овој крај, и сакам лично да му помогнам. Еден од најголемите руски писатели, Чехов, рекол дека човекот вреди онолку колку што придонесува за местото во кое живее и се родил. Тоа се и моите побуди – да го помагам и да го промовирам Македонски Брод, да ја доловиме цела културно-историска убавина на Македонски Брод не само во државата туку и меѓународно. Богати сме и со историја и со природа, а за жал од државата не сме толку промовирани и експонирани, и ние еден мал круг на луѓе кои сме останати ја имаме таа благородна мисија да се бориме против ударите на сегашноста и суровиот живот во Македонија да докажеме дека и овде има луѓе кои сакаат да останат во државата и сакаат да придонесуваат за неа.“, ја почнува својата приказна, без задршка и „амбалажа“ исповедајќи што го тишти и како човек од Македонски Брод, но и како просветар кој го дава секој атом младината да остане тука.

Проф. Зоран Трпчески

„Нашата гимназија е една од оние кои се наоѓаа во првите четири на ниво на Македонија изинатите децении, но за жал лошата државна политика предизвика млади и квалитетни кадри да одат да работат во другите градови, а ние остануваме да кубуриме со мал круг на луѓе. Инаку квалитетот на наставата не е воопшто изгубен, туку е изгубена промоцијата на гимназијата од страна на државата. Голем дел од учениците заминуваат кон поголемите градови, тука паралелките за жал се намалуваат, Брод се иселува, а пред извесно време циркулираше и таблото дека во нашата гимназија има само 11 матуранти. Тоа не е пораз на гимназијата или општината, тоа е пораз на државата и нејзината долгогодишна политика кон малите места“. Разговарајќи, се обидуваме да проникнеме во суштината на проблемот во кој е вклучена и државата. Иронично, еден од најголемите чворови ги има заврзано Законот за бесплатно образование – креиран да донесе добробит, но во голема мера на малите средини им направил контрауслуга.

„Додека се плаќаше во интернатите, помал дел од учениците заминуваа од Македонски Брод. Овој проблем го имаат и Кратово, Пробиштип, Демир Хисар… но со воведувањето бесплатност, за жал стана некој помодарски тек да не се останува во своето место, туку да се фалиме со слики од поголемите места, на пример најмногу од Скопје и Битола. Тоа ја расипува и сликата за нашите ученици кои остануваат – тие таму имаат со што да ги мотивираат, а ние немаме никакви финансиски можности. Последниве години општината презеде некои симболични мерки кои се за пофалба, со 5000 денари да ги стимулира учениците да се запишат на училиште во Македонски Брод, но тоа е сепак симболично. Треба државата и општината заеднички да помогнат учениците да останат во своите места за време на средното образование. Решавање на проблемот би изискувал тотална промена на државната образовна политика, односно Законот за средно образование, со цел и ние малите места да станеме рамноправни со големите, особено во финансирањето на училиштата. Да не бидам сфатен погрешно – јас не сум против бесплатното образование, има луѓе, и особено оние од социјално загрозени семејства на кои навистина треба да им се помогне, но не го оправдувам она заминување чисто колку да не се биде тука, во помало место. Секој средношколец од Македонски Брод треба да си ја бара иднината дома, а не во другите градови – особено ако ги исполнува нашите профили во гимназијата, а тоа се гимназискиот, машинскиот, и угостителскиот. Секако, доколку некој поседува талент и подоцна квалитет за медицина, музика или некоја друга струка, неспорно е дека треба слободно да оди во друг град, но одењето надвор колку да не си во Брод – не го оправдувам ниту како професор, ниту како родител.“, ни го открива професорот слабостите на Законот, давајќи и насока кој и на каков начин би требало да ги исправи недостатоците.

Гимназија „Свети Наум Охридски“

Во Македонски Брод вреди да се гради иднина. Од нас посетителите, ова уште подобро го знаат неговите мештани. Неговата убавина и културно-историско богатство, одамна ја имаат надминато неговата географската големина. Додека разговараме со нашите домаќини, посетуваме неколку места кои ако ве нанесе патот до Македонски Брод, едноставно морате да ги видите. Помеѓу објектите во чија близина можете да ги вдишете минатите векови, се сарајот подигнат од Хасан бег во 18-иот век, и двете цркви. Главниот храм Успение на Пресвета Богородица е изграден во 1872, додека помалата црква Свети Никола, од која се пружа прекрасна панорама на Македонски Брод, датира од 14-иот век. Во постоечката форма се наоѓа од 1933, а реновирана е пред две години. Оваа црква е специфична по тоа што е позната и како турбе – во минатото била бекташки храм од верскиот ред на дервишите, а дури и ден-денес го посетуваат и православни и бекташки верници и следбеници.

Црква Успасение на Пресвета Богородица

За сето ова да опстои, потребни се луѓе да го сочуваат – во прв ред, оние кои секојдневно се гордеат со неговата убавина и значај. Но, како да се задржат луѓето? Како Зоран, Спаско и уште неколкумина да не останат „последните Мохиканци“? Како да се постигне тоа, во град каде нема нотар, нема спортски клуб, нема кино и театар, а едниот адвокат народски кажано – самиот се напаѓа и самиот се брани? Паметни деца недвојбено има – предизвикот е од нивниот ум, корист да има нивниот дом.

„Малите места се дијамантот на една држава, бидејќи во нив се’ уште се негуваат старата култура и традиции, а тие се основни обележја на една нација. Без култура, секоја нација би изумрела. Културата е столбот на нацијата, и автоматски живее така што во малите средини со децении се пренесува од колено на колено. Секако дека со тек на времето има мали промени, но обичаите и традициите тука и општо во малите средини се практикуваат и ден-денес. Нивното негување е клучот до опстанокот на малите места. Не дека поголемите градови немаат што да понудат на ова поле, но тие во расчекор со модерното време, повеќе се ориентираат кон модерниот начин на живеење. На тој начин, полека се напуштаат тие традиции, кои во помалите средини се негуваат. Институциите треба посериозно да се заангажираат за стимулирање на населението кое живее во малите и руралните средини, и тоа од многу аспекти – преку туризам, преку стимулирање на учениците да останат во своите средини низ текот на целото образование, збогатување на разноликоста на професиите кои се нудат… градовите горе-долу имаат со што да се пофалат, но концентрацијата треба да е кон помалите средини – тие се дарба од природата, секое такво место е своевиден историски споменик, и затоа треба да бидат искористени нивните огромни потенцијали за развој.“, вели Емануел, кој со овој одговор ни ја потврдува и тезата за паметни деца, и потребата тие да останат тука.

„Сметам дека тоа се проектите. Еве минатата и оваа година, основното и средното образование почнаа да работат многу проекти, и горд сум поради тоа многу на нашите наставници и нашите гимназиски професори. Мислам дека тие и слични проекти ќе ги убедат учениците да останат во Македонски Брод, бидејќи му се потребни. Младите професори во гимназијата се многу вредни, цело време се трудат да ги поттикнат децата да учат и да работат. Одличен тим се и во гимназијата и во основното, и мислам дека ќе го кренат целокупното образовно ниво. Порано сме имале секоја година по едно-две први места на државни натпревари, јас самиот во втора година бев втор на државно по географија. Овие професори влијаат да се врати тој начин на размислување, но ќе речам – и домашното советување доста игра улога.“, не’ испраќа доктор Ѓурчиноски со насмевка и надеж дека кога ќе се видиме следниот пат,  бројот на негови колеги во Македонски Брод нема да се брои на прстите од една рака. Од друга страна пак, професорот ја има истата надеж за своите ученици.

„Наше е да работиме во гимназијата и да се трудиме повеќе ученици да сакаат да придонесат не само за самата гимназија, туку за целата општина во целина. Преку различни проекти, во соработка со локалната самоуправа или со училишта од други градови кои го имаат истиот проблем… но и покрај нашите напори, државата нема слух за оваа проблематика. Надлежните од Скопје и нивните министри доаѓаат само кога им требаме ние ним, а кога ние имаме потреба од нив, реткост е да ги видиме. Не е лесно, но остануваме да се бориме и нема да се предадеме.“ , ни стиска рака професорот. Стисок од кој извира решителност и цврсто стоење за своите зборови и дела.

Од предизвиците не се плаши, а првиот нареден предизвик следи веќе на 20 јуни – во гимназијата „Свети Наум Охридски“ да се запишат што повеќе ученици. Оние кои заминуваат се само единаесетмина, барем оние кои ќе се запишат – да бидат многу повеќе. Гимназијата ги има сите услови за еден средношколец да израсне во почитуван член на заедницата – посветен кадар и креативни содржини кои му пркосат на здодевното бродско секојдневие. За возврат не бараат многу – само шанса нивните деца да останат нивни.

Македонски Брод е дијамант кој говори во име на десетици други слични дијаманти, покриени од македонскиот троскот на негрижата.

Бродските интелектуалци и ентузијасти ја вршат својата работа беспоштедно. Ние како новинари сме должни да не ја набљудуваме нивната борба отстрана, туку да им помогнеме на тивките херои да не бидат веќе тивки.

Време е својата работа да ја завршат оние кои се појавуваат како олимписка година – еднаш на секои четири кога требаат гласови.

Оние кои наоѓаат време да отворат секакви потребни и непотребни зданија, оние кои со бетон ги трупаат поголемите средини а ги забораваат помалите, оние кои ги чекаме вистински да покажат дека грижата за младите сепак знае да ги надмине страниците на партиските програми.

А зарем има подобар почеток, отколку да се искоси троскотот и дијамантите да засјаат во полн сјај…?

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

One Response

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *