·

ДА СЕ РОДИШ ГЕНИЈАЛЕЦ ВО МАКЕДОНИЈА – БЛАГОСЛОВ ИЛИ „ПРОКЛЕТСТВО“?

„Министерот тој-и-тој трошел просечна месечна плата на гозби со бифтеци и јунешки мускули…“.

„Заменик министерот тој-и-тој на сметка на граѓаните за четири месеци „изел и испил“ 7.500 евра…“.

Не се ова вести од некоја земја „преку седум планини и мориња“. Ова се извадоци од македонските медиуми – првиот од тековната 2022, вториот стар шест години (2016). Различни функционери, различни владејачки гарнитури, иста пракса.

Додека браќата по мени низ македонските кафеани ја унапредувале својата гурманска креативност, македонските новинари ги имаат испишано и овие реченици:

„Семејството на младиот генијалец Томе Кириази живее од продажба на пластични шишиња, а се прехрануваат во народната кујна…“, и;

„Да се биде триатлонец не е лесно, а да се биде 14 годишен тријатлонец од Радовиш е вистински предизвик. Но сонот на Давид Мијалов, ги надминува 60-те квадрати, беспарицата и македонските граници…“

За Томе Кириази, момчето кому животот му подарил генијален ум за математика, физика, астрономија и програмирање, слушнав пред осум години. За жал, не на начин како доликува – дека добил некоја стипендија, туку дека својот сон го сонува наведнат над книгата на пламен од свеќа. Давид го запознав лично, и зборовите од погоре ги напишав со свое перо. Тогаш, пред пет години, му немаше рамен врсник во Европа кога се работи за една од најтешките спортски дициплини. Томе и Давид не се познаваат – едниот битолчанец, другиот радовишанец. Меѓу нив се генерацискиот јаз и дијаметрално спротивните интереси, но ги спојуваат две работи – секој во својата област важи за редок талент, па и генијалец, а и двајцата патот го пробивале на (нај)тежок начин. Во годината кога словенечката министерка за дигитализација Емилија Стојменова Дух сведочеше дека била одбиена за студии во Македонија бидејќи не учела гимназија „дома“ и во која медиумите се погрижија и малиот Македон Димитровски да не биде само еден заборавен генијалец, одлучив да ги побарам Томе и Давид. Каде се, што прават? Им помогнал ли некој, знае ли денес Македонија за нив? Го живеат ли својот сон?

Томе Кириази

„Во моментов работам како програмер, а исто така од пред некој месец држам обуки за програмирање на основци и средношколци. Инаку се’ уште живеам во Битола.“, ни вели Томе со нескриена среќа што некој по толку години се сетил да провери каде го одвела борбата. Неизбежно е да се навратиме како почнало се’…

„Уште кога бев во основно, сфатив дека најмногу ме привлекува математиката, а подоцна и физиката. Мојот талент за математика го открив кога во трето одделение учествував на еден натпревар на кој освоив награда. Во средно пак, покрај тоа што изучував технички науки почнав да се занимавам малку поактивно и со астрономија, па некако можам да кажам дека уште од мали нозе ме привлекуваат области кои вклучуваат бројки и логика.“

Сепак, она што за многумина од врсниците на Томе било реалност, за него претставувало нешто недостижно – да се има компјутер. Додека некои го користеле за се’ и сешто, Томе не можел ниту за основните свои потреби, а камоли да ги развива талентите.

„Во почетокот имав проблем бидејќи немав пристап до компјутер и интернет, па имав потешкотии во самото наоѓање на потребни материјали. Најчесто за да не заостанувам користев книги, или пак моите другари ми помагаа кога имав потреба од некакви материјали од интернет.“, се присетува тој. Сепак, потешкотиите само го мотивирале да ја победи мачната стварност и да се слушне за него.

„Имам учествувано на повеќе натпревари од областа на математиката, астрономијата и програмирањето, а како најзначајни би ги посочил моето учество на Интернационалната олимпијада по астрономија и астрофизика во 2014  која се случуваше во Сучеава, Романија, и првата награда која ја освоив на НАСА Спејс Апс Челенџ (NASA Space Apps Challenge). Да не заборавам исто така, последните неколку години почнав аматерски да се занимавам и со трчање, и сум горд на тоа што оваа година го истрчав Скопскиот полумаратон.“

Томе Кириази – НАСА диплома

Кога си генијалец под радарот на надлежните, скоро еднаква генијалност е да успееш да се пробиеш. Додека Томе ги решавал тајните на броевите и се запознавал со оние на космосот, неговото семејство ја понело најголемата жртва – една од двете сестри се откажала од својот факултетски сон за Томе да успее да го досонува, а неговите родители Нико, кој по игра на судбината останал стечаец, и Зорка, домаќинка, деноноќно работеле и тешка физичка работа за Томе да може го прослави семејното презиме.

„Жртвата на моето семејство беше огромна… покрај тоа што требаше да одделуваат средства за стандардниот училишен материјал и прибор, требаше и да одделуваат средства и за сите дополнителни книги и патувања кои беа поврзани со сите натпревари. Но никогаш не ми кажале НЕ.“, сведочи Томе со глас полн благодарност. Сепак, што ќе беше доколку тој и неговите родители не застанеа пред објективите на камерите, доколку неговата приказна не доспееше до јавноста? И откако доспеа, дали нешто се промени? Тропна ли некој на нивната врата?

„Откако мојата приказна излезе во јавноста, покрај тоа што помогнаа многу луѓе, сакам да кажам дека неколку пати добив финансиска помош од општината која ја користев за трошоци поврзани со факултетот, а самиот факултет ме ослободи од плаќање на партиципацијата. Сепак, моја најголема поддршка беа домашните и моите наставници од основното и средното училиште.“, заклучува Томе, не заборавајќи да ги спомене помеѓу останатите и луѓето кои му помогнале додека го изодувал патот до првенец на генерацијата во средното техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ во Битола…

Томе е својот животен и работен мозаик засега го склопува во родната Битола, место каде можеме да му отидеме и на кафе. Но каде е Давид? Денес, момче од 19 години. Возраст кога те интересира се’, кога мислиш дека можеш да постигнеш се’, и возраст кога веќе во светот на триатлонот сериозно се смета на тебе…

Давид Мијалов

„Моментално студирам во Словенија, и немам врска со триатлонот овде… но доколку понатаму повторно почнам да се занимавам, би сакал пак да одговарам на прашања поврзани со него, хаха.“, ми вели Давид на самиот почеток. Тој се смее, но она „немам врска со триатлонот“ дури и мене ме пече, потсетувајќи се на 14 годишникот со големи сни. Детето кое не дозволуваше облаците на тмурното радовишко секојдневие да му ја заматат визијата за петте олимписки кругови и македонското знаме до нив. Дете кое стануваше во пет часот изутрина да трча пред да оди на училиште, за веднаш по часовите да седне на велосипед и по регионалниот пат да извози триесетина километри до Струмица, каде поради немањето базен во Радовиш, го чекаа три-четири километри пливање. Нешто што и некој далеку постар не би го издржал.

„Јас лично како спортист триатлонец, можам слободно да кажам дека уживав додека се трудев, и најбитно е што имав желба да се занимавам со триатлон. Спорт кој бара многу посветеност, трпеливост, желба и одредување цел – исклучителен спорт кој бара голема психичка стабилност и издржливост, бидејќи зборуваме за спорт содржан од три комбинирани спортови, и секој еден од нив бара посебен режим за тренирање, начин на спроведување, различна локација на тренинзите и најчесто долго времетраење на тренинзите. Ова и тоа како како влијаеше врз мене бидејќи тренирав сам и се борев сам со себе.“, почнува Давид да ја опишува својата борба. Како тогаш дете со ваква волја и психа, може да крене раце од својата ѕвезда водилка? Дете чија соба е издекорирана со стотици медали, поголемиот дел златни, добиени на секоја европска педа каде неговиот велосипед стапнал.

„За жал, работите постепено се влошуваа. Прво дел од триатлонците во Македонија со кои неколку пати одев на подготовки и натпревари, наместо да се мотивираме еден со друг, група од нив ми префрлуваа дека користам недозволени супстанци, дека татко ми ме тера на сила да тренирам. Јас и татко ми бевме секој момент спремни да се изврши терстирање за допинг, каде што никој не си стоеше на кажаното бидејќи вистината ќе излезеше на виделина, и ќе немаше што да се зборува како оправдание за мојот успех. За дел од Федерацијата и останатите во околината на спортот не би кажал многу бидејќи се’ што требаше ми беше овозможено од страна на моите РОДИТЕЛИ, коишто направија се’ за да го постигнам успехот и да ја достигнам својата цел. Им се заблагодарувам на одредени исклучоци од Федерацијата и надвор од неа, кои што се трудеа да ми помогнат во аспект на спортот.“, вели Давид, онаков каков што го запознавме и пред пет години – културен, воспитан, одмерен. Неговото воспитание, но и спортски успеси, како што и самиот посочува, не би постоеле без жртвата на неговите родители. Со него во Словенија е и татко му Милче, човек чии напори ги сведочевме и со свои очи. Стан ставен под хипотека, напуштена сигурна работа во армијата, продадени семејни вредни материјални работи, станување во четири сабајле… сето тоа за Давид да успее во триатлонот. За разлика од Давид, тој не може да ја скрие горчината што го „јаде“.

Давид и Милче Мијалови

„Откако се запознавме пред пет години, работите потоа само се влошија. Триатлон федерацијата тогаш (2017) беше приказна за себе – „јас, мама, тато и бато“, со исклучок на претседателот Иван Михајловски, кој беше свесен дека сам не може многу. Сметам дека Агенцијата за млади и спорт е политичка организација, која нема слух за деца чии родители не се познати. Едноставно, за таквите како Давид нема место во овој спорт. Федерацијата тогаш зад мојот грб мислеше дека јас со сила го терам Давид да тренира за јас да бидам задоволен, и имав разбирање само од Стојан Поповски кој знаеше дека сум спремен да дадам се’ за Давид да успее. По резултатите на Давид, се појави и друг проблем, наречен тренер. Давид тренираше со Емил Стојнев од Бугарија, за кого од ТФМ потајно сметаа дека ќе го „прегори“ Давид. Но резултатите само се подобруваа, Давид стана препознатлив и надвор од државата, и тие сфатија дека работата е сериозна. Тука се случи една трка во Загреб, која за да ја овозможиме го продадов возилото во отпад за 250 евра. Поради немањето финансии, Давид отиде без мене и тренерот. И таму еден друг клуб, со кого имавме ривалство од три-четири минути разлика (ако е тоа воопшто ривалство), почна да го напаѓа Давид дека е допингуван од страна на тренерот Стојнев, дека го „клука“ со се’ и сешто… а тренерот е таков, што покрај него не смеете ниту аналгин да се напиете, а не друго. И така резултатите се подобруваа, но и притисоците се зголемуваа а финансиите се намалуваа… и еве сме каде што сме денес.“

Да биде разочарувањето поголемо, до ова „дереџе“ е дојдено по исклучиво самостојна борба – реко кој низ годините се јавил да го помогне Давид.

„Зад успесите на Давид стои следното – картички во минус, кредити и јас и сопругата, продадени автомобили и злато, пропаднат цел еден семеен бизнис за да му овозможиме кариера. Правевме се’ бидејќи верувавме во неговите желби, цели и способности. Би им се заблагодарил на Стојан Поповски од кого има многу да се научи, на поранешните челници на рудникот „Бучим“ кои сами ме повикаа и кои даваа помош секој месец – не голема, но искрена. И секако, на тренерот Емил Стојнев. Капа долу, мајсторе… знаеше колку Давид може, но јас повеќе немав…“, дополнува таткото.

Во прилог видео од Давид Мијалов за освено прво место две години по ред!

Од денешна перспектива, Давид и Милче имаат многу нешта да им замерат на многумина, но велат дека најмногу си замеруваат себеси – што влегувале во комуникација со секакви луѓе, но и што не поставиле подебела бариера околу себе. Имале понуди и Давид да добие се’, само да настапува за друга земја. Некој би прифатил без размислување, но Давид попрво одлучил да не се занимава со триатлон отколку на подиумот да развее нечие туѓо знаме.

Приказните на Томе и Давид не’ тераат на многу размислување. Уште еднаш како да се потврдува дека нам непријатели не ни требаат – се имаме самите себеси. Но постојат ли пријатели? Од двата случаи гледаме дека сепак понекаде ги има – се појавуваат колку да покажат дека не е се’ баш црно, но и нивната моќ како да е црнилото да го доведат до нијанса на сиво. Мозгајќи и трагајќи, дознаваме дека малиот Македон, најактуелниот наш мал генијалец, ќе биде помогнат од нешто што се нарекува Асоцијација на спортските обложувалници на Македонија. Знаејќи дека општеството во голема мера не гледа благонаклоно на обложувалниците и забавата која тие ја нудат, проверивме кои се и на кој тоа начин помагаат.

АСОМ и Македон Димитровски (фото:АСОМ)

„Голем дел од работата на АСОМ е фокусирана на реализација на бројни активности на полето на општествена одговорност како хуманитарни акции за поддршка на семејства од ранливи категории, лица настрадани во трагични несреќи, крводарителски акции итн. Во контекст на општествена одговорност кон заедницата се реализира и кампањата „Вложуваме во млади таленти“ преку која АСОМ обезбедува поддршка за развој на младите таленти, и тоа од областа на спортот, науката и уметноста. Кампањата „Вложуваме во млади таленти“ предвидува конкретни активности за развој на младите таленти во земјава и обезбедува финансиска помош за нивна реализација. Младите таленти кои ќе бидат поддржани ќе добијат можност преку проекти и активности во кои ќе инвестира АСОМ да го унапредат својот талент и воедно да добијат признание за истиот. Тие ќе добијат финансиска поддршка за надоградба на своето знаење, техничка опрема за развој на своите вештини, а предвидени се и средства за патувања на натпревари и фестивали каде ќе можат да бидат презентирани нивните таленти.“, ни велат од Асоцијацијата.

Освен Македон кој ќе добие поддршка за својот научен развој, од АСОМ откриваат дека го поддржуваат и уметничкиот развој на младата Марија Савеска, а до крајот на тековната година планираат да инвестираат и во еден спортски талент. АСОМ овој разговор го затвора со порака дека овие активности ќе продолжат и во наредната 2023, и дека со поддршката на младите таленти поддржуваат целокупен развој на општеството. Ги запишуваме нивните заложби, и се враќаме кај нашите јунаци со последно прашање – што сега?

АСОМ и Марија Савеска (фото:АСОМ)

„Сега можам со секого да застанам лице в лице. Имам образ, а не ѓон. И како родител на дете кое беше незапирливо, имам порака и до другите родители – внимавајте со кого работите, внимавајте со кого разговарате, и пазете се од фамилијарни и лицемерни групички и федерации. Ако Давид заврши како што заврши, не дозволувајте вашето дете да биде леб за ненаситни души…“, „печатира“ Милче со пелин во гласот.

Давид сепак, остава доза мистерија дали е навистина крај со триатлонскиот сон.

„Моментално сум студент, а за понатаму имам некои планови за кои се надевам дека ќе ги остварам и ќе бидам успешен во нив. За жал, поради оправдани причини не се занимавам повеќе со триатлон, но се надевам дека доколку се’ биде во ред, еден ден повторно ќе го достигнам, а можеби и надминам успехот кој го имав постигнато.“

Додека се трудам оваа одјава на Давид и како навивач да ја протолкувам како некој притаен оптимизам, ме сочекува одговорот на Томе…

„Се гледам како успешен програмер кој би останал во нашата држава, се’ уште немам план да ја напуштам. На тие како мене би им препорачал да не се откажуваат од тоа што сакаат да го прават бидејќи на крајот ќе им се исплати и доколку им е потребна некаква помош слободно да прашаат за истата бидејќи секогаш некој ќе му излезе во пресрет. Доколу некој има проблем поврзан со совладување на материјалот по некој предмет или имаат потреба од материјали за учење – секогаш сум спремен да им помогнам. И до самите институции – помагајте им на самите деца да ги откријат своите таленти, и повеќе поддржувајте го нивниот понатамошен развој!“

Давид и Томе, се чини, не ги кренале рацете од Македонија. Барем не се’ уште.

Можеби, а можеби сигурно, е време Македонија да размисли ќе крене ли раце од нив… и ќе го набљудува ли нивниот успех од страна.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

One Response

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *