Поимот сиромаштија одамна станува секојдневние за земји како Македонија и остатокот од Балканот, а ова особено се чувствува во последната година преку инфлацијата, зголемените цени на основните продукти, и се останато.
Но постои и еден друг тип на сиромаштија кој погодува се поголем број на граѓани од година во година, а тоа е енергетската сиромаштија.
Самите последици пак од енергетската сиромаштија понатаму повлекуваат и многу други ефекти кои се прелеваат и стануваат проблем и за оние кои можат да си дозволат греење и енергенси – а еден од највидливите ефекти е загаденоста на воздухот која веќе со години е сериозен проблем пред се за Скопје, а полека и за останатиот дел од земјата.
Кои се причините за енергетската сиромаштија во Македонија?
“Енергетската сиромаштија во најширока смисла на терминот преставува недостаток на пристап до современи енергетски услуги. Тоа се однесува на ситуацијата на голем број луѓе и групи, во земјите во развој, а во помал обем и на луѓе и групи во развиените земји чиј квалитет на живот е намален како последица на многу ниската потрошувачка на енергија, употребата на ,,нечисти“ или загадувачки горива и прекумерното време поминато за собирање гориво за задоволување на основните потреби за добивање на енергија во живеалиште”, објаснува Емина Рустемоска, магистер по право на ЕУ и експерт за животна средина.
Иако темата за енергетската сиромаштија веќе брзо се шири и низ земјите од ЕУ, таа има различни специфичности во источноевропските земји: домаќинствата со ниски приходи не можат да си дозволат да ја сменат старата неефикасна инфраструктура за греење или да ги заменат горивата за греење со слаб квалитет.
Бидејќи 65% од вкупната енергија што ја користат европските домаќинства е потребна за греење, снабдувањето со топлинска енергија е главната причина кога станува збор за прашањето на енергетската сиромаштија.
“Според бројките на Евростат, околу 35 милиони граѓани на ЕУ (приближно 8 проценти од населението на ЕУ) не можеле да ги загреат своите домови соодветно во 2020 година. Растот на цените на енергијата што започна во 2021 година и се влоши со руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, како резултат на поврзаноста на европските и руските енергетки системо. Оваа криза се надоврзува и на влијанието на кризата КОВИД-19, веројатно ќе ја влоши и тешката ситуација за многу граѓани на ЕУ во текот на оваа зима“, додава Рустемоска.
“Овие бројки се значително повисоки кај нас и укажуваат дека секој четврти Македонец живее во енергетска сиромаштија, односно 23.8% од граѓаните не успеале да го затоплат својот дом во 2021. Новонастанатата состојба и цени на енергенсите ги зголемуваат грижите на енергетски ранливите потрошувачи, кои освен де јуре третманот што го имаат во законската регулатива, мора да добијат сериозна поддршка за надминување на состојбата, како на краток, така и на долг рок. За ова да се случи, најпрвин ни е потребна општоприфатена социо-економска дефиниција што ќе детектира профил на ранлив потрошувач, а ќе се заснова врз современите теоретски пристапи и практични потреби во опшеството. Најпрвин, таа треба да го демистифицира изедначувањето на енергетската сиромаштија со недоволно и несоодветно затоплување на домот. Така на пример, Советодавниот хаб за енергетска сиромаштија посочува дека топлината, ладењето, осветлувањето и електричната енергија за напојување на апаратите во домот се суштински услуги потребни за здравјето и квалитетот на на граѓаните во сопствениот дом. А, како второ, не смееме да ги заборавиме ниту видот и квалитетот и енергенсите и апаратите кои се користат за затоплување и готвење во домот – дали истите загадуваат или не?“, коментира Ивана Вучкова, програмски координатор при Фондацијата Фридрих Еберт.
Постојаниот мониторинг на станиците за квалитет на воздухот укажува и на големо загадување со ПМ10 и ПМ2,5 во источноевропските земји, каде главен извор на загадување со честички е греењето.
Ова се должи на тоа што поголемиот дел од домаќинствата со ниски приходи и енергетските сиромашни граѓани се потпираат на евтини извори на енергија, како што се дрвото со висока содржина на влага и јаглен за греење, кои се користат во прилично стари печки со ниска ефикасност.
Поради севкупната неефикасност на целиот процес на греење, домаќинствата согоруваат повеќе дрва отколку што е технички потребно за да се загреат, што ги зголемува нивните трошоци за енергија, а исто така создава дополнително загадување внатре и надвор.
Така, тие стануваат примарна причина за драматично сезонско зголемување на загаденоста на воздухот во нивните заедници поради екстензивното распоредување на стари и неефикасни печки, согорувајќи неквалитетни горива. Овие еколошки прашања (високо ниво на ПМ2,5 и ПМ10) пак влијаат врз здравјето на секој граѓанин, дури и на оние кои не се енергетски сиромашни.
Кои се ранливите категории кои се соочуваат со енергетска сиромаштија во Македонија?
“Ранливите категории на граѓани како што се семејства со минимална плата, пензионер, приматели на социјална помош и слично се најзасегнати кога се зборува за енергетска криза. Како што многупати и без енергетската криза се зборуваше, одреден дел на граѓани за затоплување користат секакви материјали за загревање кои штетат како непосредно врз нивното здравје, а и како загадувачи на непосредна околина. За очекување е енергетската криза дополнително да влијае врз зголемување на користење на штетни материјали за затоплување“, потенцира Рустемоска.
Македонската платформа против сиромаштијата (МППС) е една од граѓанските иницијативи која се бори против овој феномен и се обидува да создаде дијалог и дискусија помеѓу енергетски ранливите граѓани, претставници на граѓански организации и донесувачи на одлуки.
“Штедењето на енергија не е можност или избор за секого. Напротив, некои граѓани имаат потреба од поддршка за надминување на енергетската сиромаштија со која се соочени за да може да остварат барем минимум услови за достоинствен живот. Ние се застапуваме за политики за енергетика кои се праведни, одржливи, интегрирани и инклузивни, скроени по мерка на различностите во општеството“, велат од МППС.
Иницијативата МППС има доста сведоштва за тоа како граѓаните во земјава се соочуваат со енергетската сиромаштија, како што се следните:
“Самата општина не дискриминира, другите општини имаат паркови, клупи, зеленило, а ние ништо“, вели жител на Топаана.
“Имам две неплатени сметки. За една – две неплатени сметки те исклучуваат, и кога ме исклучуваат се снаоѓам. Два месеца сум бил на свеќа, децата така пишуваа домашно“, раскажува Трајче од Чаир.
“Сметките оваа година беа астрономски. Јас се грејам на клима, инвертер, под кирија сум и така беше. Најекономична, и со штедење, со се, да дојде 10 илјади денари за струја, навистина е многу“, вели Марија од Аеродром.
“Не користиме бојлер, летно време грееме вода надвор во пластични шишиња, зимно време се миеме во корито“, раскажува жител на Шуто Оризари.
Покрај МППС, во земјава има и неколку останати здруженија и организации кои што се обидуваат да го стават фокусот врз овој горлив проблем, како на пример здружението МАЦЕФ (Центар за енергетска ефикасност на Македонија) и Хабитат Македонија.
Според статистиките на здружението МАЦЕФ, 76 проценти од домаќинствата се греат на огревно дрво и загреваат најмногу 16 до 20 квадратни метри од станбениот простор – а токму тој тип на енергетска сиромаштија е најзастапен во земјава, затоа што покажува неможност да се загрее целиот дом.
Поради потребата од отворено дискутирање за проблемот со зголемениот број на домаќинства кои се соочуваат со енергетската сиромаштија, МАЦЕФ моментално активно работи на спроведување на проектот „Намалување на енергетската сиромаштија во Град Скопје – Енергија за тебе“, преку обуки за социјалните работници на тема „Насоки за ефикасно управување во енергијата во домот“.
“Спроведувањето на проектот „Енергија за тебе“ се јави како неопходност заради се поголемиот број на домаќинства кои се соочуваат со енергетската сиромаштија. Иако согласно статистичките податоци бројот на „енергетски сиромашни“ домаќинства е во постојан пораст, сепак се занемарува и не се разговара отворено за настанатиот проблем“, велат од МАЦЕФ.
Организацијата Хабитат Македонија, пак, веќе го спроведува и проектот ComAct во општините Карпош и Кавадарци преку активности за намалување на енергетската сиромаштија во станбени згради.
Овој проект, кој е исто така финансиран од ЕУ, им помага на сопствениците на станови и станарите во станбени згради на пилот локации во Бугарија, Унгарија, Литванија, Македонија и Украина подобро да ги плаќаат сметките за енергија во иднина, како резултат на енергетски ефикасни реновирања.
Зградите опфатени со проектот служат како пилоти за да започнат домино ефект кој ќе влијае на повеќе згради во наредните години, со тоа што проектот ги поддржува овие реновирања преку обезбедување поддршка од заедницата, пристап до финансирање и технички совети за корисниците.
Според Рустемоска, додека повеќето од досегашните мерки за ублажување на енергетска сиромаштија повеќе се од краткорочен карактер, веќе мора да се размислува за долгорочна стратегија која ќе помогне и во намалувањето на загаденоста на воздухот.
“Институционалната поддршка во вид на субвенционирање е краткорочна мерка, која во одредена мера може да ја ублажи ситуацијата. На подолг рок инвестирањето во поефикасни и поеколошки извори на енергија ќе мора да стане приоритет доколку се сака да се подобри како еколошката состојба во однос на загадувањето, така е во намалување на процентот на население кое спаѓа во групата на ранливи категории засегнати од енергетска сиромаштија“, вели таа.
Според Вучкова пак, долгорочните политики исто така треба да се фокусираат на вложувањата во обновливи извори и енергетска ефикасност на домовите.
“Во сегашни услови, граѓаните со ниски примања и ограничени можности за вложување во технологија за подобрување на енергетските карактеристики во нивните домови, како што се енергетски ефикасни апарати за домаќинство и високоефикасните градежни материјали, термичка изолација и слично, имаат значително повисоки сметки за енергија во споредба со граѓаните кои ја имаат таа можност, и затоа колку и да се субвенционираат нивните трошоци за енергија, тие ќе трошат повеќе или ќе плаќаат дупло. Оттука, долгорочни политики треба да стават акцент на вложувањата во обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност на домовите и да овозможат поддршка на граѓаните на кои најмногу им е потребна, а дополнително да ја информираат пошироката јавност за придобивките, да ги поедностават регулативите и да ги прошират постоечките програми за поддршка. Во моментов имаме добри владини програми коишто субвенционираат поставување на фотоволтаични панели, како и вложување во енергетска ефикасност – енергетски ефикасни фасади, прозори итн, меѓутоа тие треба да бидат подостапни и до ранливите потрошувачи коишто најмногу се засегнати од несоодветните услови на топлинска изолација во нивните домови“, објаснува Вучкова.
Енергетската сиромаштија ги погодува граѓаните на Македонија на тој начин што не само што плаќаат материјално за последиците, но и со своето здравје, а потоа овој товар се пренесува и врз новите генерации кои доаѓаат и кои потоа се соочуваат со истите, но и многу полоши проблеми. Затоа, останува прашањето кога и како да се прекине овој магичен круг и со тоа да се создадат подобри услови за живот за сите нас.
Сите слики се преземени од „Хабитат Македонија“