Сосема лабав ноемвриски ден. Времето преубаво како за овој период на годината. Недела, маалско кафе, седенка, милина. Се до моментот кога дојде еден од стандардните ликови со кои викендашки безделничевме. Не е до човекот, сосема ок е тој, ама ни го смени расположението секундарно.
„Слушнавте за Борче и Кристина? Се разведуваат. Толку!“ – настана непријатна штама. Што да кажеш, а да не погрешиш во моментот? И сега? Само што си купија стан. Каде ќе живеат? Малиот Лука, што ќе биде со него? Нема ни 3 години… Милиони прашања и мисли. Мисли што ги имаме секогаш кога ќе наидеме на оваа тема, а актери ни се блиски и драги луѓе. А тема широка како океан. Тема вредна за пишување, за навистина длабоко истражување и најверојатно само ситница пренесена на хартија. Како и да е, мора од некаде на почнеме.
Да се навратиме на Борче и Кристина. Измислени имиња, тие први ми дојдоа на ум, таков пар јас не познавам. Но, оваа приказна и ликови, на сите нам ни се добро познати, со сосема различни имиња. За жал секојдневно, се повеќе се соочуваме со ваква ситуација.
Започнав да истражувам и да прибирам податоци. Да видиме што вели статистиката. Прво тоа, па потоа ќе одиме со длабочината на ситуацијата наречена „развод“.
Според официјалните информации од Државниот завод за статистика, во 2021-ва година се случиле 1964 разводи. Бројката само по себе не ми кажа ништо. Шокот настана кога го видов порастот во споредба со 2020-та. 25,2 проценти повеќе во споредба со минатата година. 25,2 проценти повеќе човечки приказни кои, воглавно, не се воопшто лесни. За само една година.
И нема да судиме, нема да навлегуваме зошто. Секој си е возрасен, си знае што прави. И тоа е најверојатно сосема во ред. Можеби и подобро за некого. Тоа се емоции, тоа е премногу лично. Наше е да видиме како е сето тоа изрегулирано и како и дали функционира кај нас. Што вели правото, што велат правата, што вели системот, државата, па и низ некои лични примери да дознаеме нешто повеќе.
И решив да започнам со правото. Идеална личност со која може да се поразговара на оваа тема, Весна Тренкоска-Апостолски, адвокат веќе 15тина години. Дефинитивно некој кој е дирекно упатен во оваа тематика.
– Еј Весна, како си? Што има? Слушај, ако сакам да се разведам, што треба да направам, каква е процедурата?
– А кога планираш да се жениш? Што му ја мислиш за развод уште сега?
– За не дај Боже, а и за една сторија, многу широка.
„Ахааа. Види вака… наједноставно е кога е со спогодба и кога во бракот нема деца. Тогаш се многу полесно да се прецизираат сите детали. Но, не секогаш е така. Впрочем, многу почесто се случува да има мал милион нешта кои се составен дел од бракот. Во случај кога едната страна не се согласува на прекин на брачниот однос, тогаш се отпочнува постапка за прекин на истиот поради нефункционирање на брачниот живот или неподнослив брачен живот. Тогаш првичниот чекор на судот е обид за помирување на брачните другари. Доколку е неуспешен обидот, се започнува со судски рочишта за главна расправа. И повторно, доколку брачните другари немаат малолетни деца, се е поедноставно и побрзо“.
Со самото спомнување на малолетни деца, во било кој контекст, човечките емоции одат на едно друго, повисоко, ниво. Весна подзастана со појаснувањето на правото. Доволно за да сфатиме дека не се работи само за правниот сегмент на разводот. Но, да го довршиме тој дел.
„Доколку во бракот има малолетни деца, а се поднесува тужба без спогодба, судот предметот го препраќа во општинскиот центар за социјални работи. Започнува постапка со која се утврдуваат сите детали на кого треба да му биде доверено детето. Да бидеме искрени, доколку децата се во рана возраст, најчесто мајката е таа на која и се доверени децата. Но, доколку таткото побара да му бидат нему доверени, тогаш центарот за социјална работа започнува да ги разгледува сите околкности кои постојат. Живеалиштата на родителите, приврзаноста на децата кон родителите, работните обврски на родителите, буквално се што влијае за понатамошниот развој. Да скратиме, центрите за социјална работа ја вршат нивната работа, го дават своето мислење до судот, а судот секогаш го прифаќа“.
Ете, се обидов да скратам колку што е можно со појаснувањето на правниот дел. Широка тема, огромна. Како и да е, не ни е целта да пишуваме за правото. Сепак неизоставен дел од се она што „Борче и Кристина“ ќе мора да го поминат. Кои ќе им бидат новите улоги во животот, како ќе им се промени живот, што се ќе им донесе новата ситуација? Правниот дел ќе се изрегулира. Некаде одамна прочитав дека разводот е на скалата на стресови во животот на второ или трето место. Немам искуство со таква ситуација. А Весна ја познавам повеќе од 20 години. И покрај тоа, некако од околу почнав да ја прашувам дали би сакала да го сподели своето искуство.
„Рикардо, не ми кружи! Нормално дека ќе зборуваме и на таа тема. Децата веќе ми се пораснати. Големиот девојки веќе брка. Ама и сам знаеш колку е тешка таа борба да постигнеш буквално се. А мораш. Нема алтернатива. Без разлика, дали станува збор за мајка или татко на децата, верувај, воопшто не е лесно. А да не зборуваме за ситуации во кои некои родители се и мајка и татко. Самохрани родители. Не еднородителски семејства. Има разлика. Самохрани се оние родители што буквално сами се грижат за детето, дали поради смрт на партнерот или по разводот, поранешниот брачен другар не се грижи воопшто за децата. Еднородителски се оние семејства каде што децата се кај едниот родител, но поранешниот партнер учествува во грижата за децата. Јасно ти е сега? Е, кога си во таква ситуација, оди снајди се. А мораш. Просто, да полуди човек. И покриваш се, најпрво со внимание за децата. Па финансиски да го обезбедиш семејството. Значи, работата не смее да се запостави поради финансиите. А и поради личното задоволство. Често е тоа запоставено. Да не беше помошта од моите околу децата, не знам како ќе се снајдев. А, нормално и од психологот“.
Знаев уште пред да почнам да пишувам дека оваа тема е премногу широка. Колку повеќе разговаравме со Весна, колку повеќе пишував, толку повеќе нови прашања се отвараа. Психологот, да! Тоа е важно. Премногу важно. И за децата, но и за поранешните брачни партнери, за родителите. Сепак, за развојот на децата, важно е да имаат и свесни родители. А ако немале деца? Поминале низ тежок период. А да прашам некој што е навистина стручен за темава? Најпаметно така. Се обратив до една од најстручните на ова поле. До м-р Маргарита Николовска, психолог и психотерапевт.
„За почеток да појасниме дека најчесто психолошкиот процес на разводот започнува пред фактичкиот, а некогаш завршува и долго време после тоа. Самиот процес на делење на интимноста пред суд, пред непознати, обвинувања за тоа што не сме или сме, претставува голем атак врз психолошката состојба на личноста. Но атакот врз психолошката состојба на личноста е уште поголем доколку таа не е подготвена на оваа борба, а во меѓувреме трпи секаков вид на насилство. Не зборувам за физичко насилство само. Неретко тоа е и психичко и економско насилство. Не е лесна воопшто таа состојба. И природно е за оние кои ја надминуваат таа состојба и се решаваат на развод, да се соочат со првата борба. Настануваат периоди на тага, лутина, преиспитување. Но и тоа поминува. Во зависност од тоа колку личноста работи на надминување на овие ситуации и предизвици. Знае да биде повторена состојбата на тага и преиспитување, особено за време на празници, семејни веселби, каде што се личноста започнува да се чувствува неадекватно, да се преиспитува. Но, луѓето имаат повеќе улоги во своите животи, освен улогата на брачен другар. Тоа се улогите на родител, пријател, брат, сестра, улогата во професиите. Тие улоги честопати се и сила и еден од главните двигатели и даватели на сила за надминување на ситуацијата. Исто така, неопходна е поддршката од семејството, од пријателите, од колегите. Тие исто така играат клучна улога“.
И кога добив некаква генерална слика за психолошката состојба на разведените личности (иако психолошкате ситуација е многу индивидуална), и се јавив повторно на Весна. На сите нејзини обврски, уште јас и фалев. Ама морав да ја прашам како таа го поминувала целиот тој период.
„Рикардо, ти кажа Маги за сите улоги кои ги добиваш со самиот развод. Знаеш и дека кариерата ми е важна, знаеш дека посветувам време и за себе, се трудам да бидам и физички активна, теретана, вежбање. А знаеш дека сум и ќерка нечива и сестра. Ама наоѓам време и за пријателите, како што си ти. Сепак, ај остави нешто и за вториот дел од сторијата. Колку и да ми се пораснати децата, времето со нив не го давам. Одам по молови. Да поминеме време заедно, да се смееме. Со тројца фраери излегувам, ќе ме извиниш сега. Те барам, се слушаме“.
А јас го добив токму оној одговор што го барав. Со самото тоа што ме „откачи“, условно, ми кажа многу повеќе. А, да. И Весна најави дека оваа сторија ќе има продолжение.
За сега, намерно не го спомнавме псиохлошкиот развој на децата. Со цел, со намера. Се задржав на родителите. За децата ќе пишуваме во следната сторија, наскоро. А и за тоа каква поддршка (не)добиваат разведените лица, од државата и од системот.
One Response