Ако не можам да победам, ДОЗВОЛИ МИ ДА БИДАМ ХРАБАР во обидот!!!
Дали доколку имате срце големо како планина спаѓа под дефиницијата за атипичен развој???
Атипичен развој на една личност е секоја состојба која не е во согласност со оние „нормалните“ или „вообичаени“ начини на развој. Во минатото за оваа појава се користеле и други термини, но денеска е прифатено дека најкоректно е да се употребува токму терминот „атипичен развој“, па така и ние ќе се придржуваме за истиот.
Ѓорѓи Сурловски (Ѓоле, а бидејќи никој не го изговара со „Ѓ“, Џоле во понатамошниот тек) е личност кој на како бебе качува превисока температура, а со тоа започнува и неговиот атипичен животен пат. Соочувајќи се со сите предизвици и пречки што може животот да ги донесе, Џоле мора да вложи 10 пати повеќе труд и напор да стигне до посакуваниот ефект и цел. Џоле има 10 пати повеќе желба од сите останати да го направи тоа. Џоле е лице со атипичен развој. Џоле има срце големо како планина!
Со Џоле се сретнавме по завршетокот на неговото работно време да поразговараме за неговиот живот. Да, Џоле работи како книговезец во печатница. Како што вели, родителите му се пензионери, животот не им бил воопшто лесен, се грижеле за него, а сега е време тој да им помогне на некој начин.
„Се што сакам, е ние лицата со атипичен развој, да бидеме повеќе забележани и повеќе разбрани од општеството. Па и ние сме дел од него!“ – беа неговите први реченици.
Започна да ја прераскажува неговата секојдневна рутина. Станува во 5, во 5 и 20 фаќа автобус, од 7 е на работа. Толку, отприлика, му е потребно да стигне од Илинден до Козле. Токму тука, во моментот на влегување во автобус, Џоле се соочува со првиот предизвик. Како што вели, често пати нема место во автобусот. Во ред, почесто е случај тоа кога се враќа накај дома – тогаш гужвата е поголема. Во автобусите нема слободни места, а луѓето… тие не го забележуваат неговиот проблем. „Специјално наменети места за лица со атипичен развој нема. По правило, мора да се овозможи непречено користење на градскиот превоз, особено за лицата во количка, но тоа не функционира кај нас. Навистина ретко некој да ослободи место. Навикнат сум веќе. Во тие моменти си мислам дека не сум само јас тој што има пречки. Сите ние имаме, само поразлични. Секоја чест за исклучоците кои знаат да станат и да ослободат место или да ти помогнат.“ – раскажува Џоле, кој најчесто е принуден е да стои во автобусите и да се турка, иако неговата физичка состојба не е таква да може да го поднесе сето тоа. Толку ли е драгоцено тоа место за седење што не е возможно да му се отстапи на некој што му е многу попотребно? Не секогаш е вината во државата, системот или кај некој друг. Некогаш проблемот и во нас самите.
По напорниот ден, Џоле, како што раскажа, поминува време со семејството или пријателите, а вечерите му се резервирани за неговото најголемо задоволство – фудбалот. Па уште и ако игра Реал Мадрид или македонската репрезентација, емоциите го достигнуваат врвот.
Љубовта кон фудбалот му ја всадил татко му. Се сеќава на првиот натпревар на тогашниот „Градски“, Вардар – Пелистер, некаде во 90-тите. „Тоа беше вистинско дерби, не е можно да не те удрат емоциите и да не го засакаш фудбалот, па и спортот генерално“ – се присетува на детството. Од тогаш е и сонот да заигра и самиот, иако свесен за својата „пречка“. Но, доколку нешто сакате така искрено и силно, со цело срце (а на Џоле срцето е како што рековме, како планина), соништата се остваруваат.
Завршува средно училиште во „Свети Наум Охридски“. Во тоа време социјалните медиуми не се развиени како денеска, мобилните телефони се вистински луксуз, па одржувањето на контакт со пријателите оди малку потешко. Но, вистинските пријатели секогаш наоѓаат начин. Неколку месеци по матурирањето, успева да ја пронајде средношколската другарка Јуле. Ја поканил на кафе, да си поприкажат за животот. А Јуле му го дава најдобриот можен предлог. Татко и’ на Јуле, започнал една приказна. Хуманоста на чичко Љупчо ги поместила границите на секојдневието. Чичко Љупчо започнал проект за лица со атипичен развој и нивна инклузија во спортот. Ја започнува приказната наречена „Специјална олимпијада“ во Македонија. Џоле наместо потврден одговор на поканата за кафе, добива контра-покана, да се сретнат на тренинг. Фудбалски тренинг. ДА! Соништата почнуваат да стануваат реалност!
„Специјална oлимпијада Македонија“ е меѓународна организација, дел од семејството Специјална олимпијада. Се грижи за лица со атипичен развој и нивна социјализација и интегрирање во спортот и општеството. Основана е во далечната 2003. Работат според верифицирани и потврдени програми од кои атлетите имаат бенефит. Е, од тогаш Џоле е активен атлета во „Специјална олимпијада“. Речиси две децении. Атлетите на „Специјална олимпијада“ се и повеќе од успешни спортисти. Уште истата 2003, атлетите освојуваат 2 златни, 2 сребрени и 1 бронзен медал на Специјалните олимписки игри до Даблин. Низ годините, предолга е листата на успеси и освоени медали на овие атлети. Денеска, како полноправен член на меѓународната „Специјална олимпијада“, македонската организација е составена од волонтери и ентузијасти, кои работат и се соочуваат со предизвиците што секојдневно ги имаат во желбата за успешна социјализација на лицата со атипичен развој. Институционална поддршка имаат, но, како и за многу други работи кај нас, недостатоци има. Најголема поддршка имаат од од волонтерите, но ја истакнуваат и поддршката од Агенцијата за млади и спорт. „Нашата цел е системски да ги внесеме програмите за спорт и рекреација во нашиот образовен систем, со тоа да дадеме реален придонес во креирање на инклузивен спорт за лицата со атипилен и типичен развој. Токму за таквиот пристап потребни ни се партнери со кои може да градиме еднакви услови за спорт за идните генерации. Се надеваме дека нашиот влог од изминатите 20 години ќе биде препознаен од институциите“ – вели Ана Зафирова која е задолжена за односи со јавността во Специјална олимпијада. Особено се горди на соработката и несебичната поддршка од нашиот најголем спортски бренд, Вардар. Успешните ги препознаваат успешните!
Специјална олимпијада Македонија“ се хероите на нашиот херој. Ова е приказна за Џоле, но и на сите нас. Џоле тренира(ше) фудбал! 18 години. Отприлика, колку и Меси и Роналдо. Не за милиони! Од љубов! Еднаш или два пати неделно, истото патешествие со автобус, истите голготи како патот до работа, автобуски гужви, турканици… прв на тренинг, последен од тренингот. Долги години, апсолутно заслужена капитенска лента на неговата рака. И не случајано беше напишано „тренираШЕ“.
„Дојде време да ги закачам копачките на клин, да им отстапам место на помладите. Кога бев помлад имав поддршка од луѓето околку мене, не оди да бидам себичен и да не го направам истото“ – вели Џоле. А што е со љубовта кон фудбалот? Ееее… не завршува тука приказната. Џоле го пече тренерскиот занает. Почнува да волонтира како помошен тренер во фудбалската екипа на „Специјална олимпијада“. Муабетот ни отиде на шега малку, па се наметна прашањето какви амбициии има во тренерската кариера. „Не можам да се откажам од фудбалот. За сега сакам само да научам како е да се биде и на клупата. Веројатно можам со мојот авторитет стекнат за 18 години да помогнам некако“ – вели низ смеа тој. На Џоле ќе му посакаме успешна тренерска кариера, но не завршува тука приказната за него.
А и Ана Зафирова од „Специјална олимпијада“ ни кажа колку многу им значи Џоле и неговото несебично залагање во изминатите 18 години. „Џоле е атлет кој што секој спортски тим би го посакал. Лидер кој својата дисциплина на суптилен начин ја наметнува меѓу фудбалерите на Специјална олимпијада. Без него не може да мине позначаен спортски настан, не само фудбалски, токму заради спортскиот дух кој го поседува и идејата за тим што тој ја има. Вистински сме благодарни затоа што е дел од нас бидејќи придонесот кој го дава не само за континуитетот на организацијата, туку и за содржината, која е сосема прилагодена кон интересите и потребите на атлетите, е бесценет. Со неговиот спортски напредок од капитен, во помошник тренер на тимот, мислиме дека за него ќе има огромно значење и ќе биде мотивација за развој на останатите атлети“.
Спортот и фудбалкот се една сфера од неговата животна борба и желба за успех. Својата хуманост и човечка големина ја споделува и на други полиња. Активен член е во Црвениот крст на Македонија. „Помагаме колку што можеме. Најчесто поминувам време со повозрасни луѓе таму. Не е тоа нешто премногу. За нивна среќа е доволно некој да помине време со нив, да сврти два-три реда муабет. Мене не ми е тешко. Мене ми помагаат, сакам да помогнам. Едноставно, така ме воспитале“.
Не заборави да го спомне и здружението на лица со атипичен развој „Илинден“, од неговата општина. „Колку што ми дозволува времето, се дружам и таму. Со работата, фудбалот и Црвен крст, не ми останува многу слободно време. Како и да е, на „Илинден“ најблагодарен сум им што ми овозможуваат слободна месечна карта за автобус. Многу ми значи тоа, не е лесен животот. Покрај платата, добивам и месечен надомест за туѓа нега на лица со атипичен развој од државата. Сепак, трошоците ми се големи. Сакам и дома да оставам некој денар“.
И додека Џоле ја раскажуваше неговата животна приказна, донесов моментална одлука. Ова ќе биде сторија само за него и за она што него го прави среќен, иако почетната намера беше поинаква. А приказната за Џоле е приказна и на илјадници други луѓе, на цело општество и на сите нас. Низ краткото дружење и пријателски муабет кој го направивме (не беше воопшто класично интервју), Џоле ме „натера“ длабоко да размислам во каков свет сакам јас да живеам и што да направам јас за таков свет. Размислете и вие, вреди.
За крај на дружбата, по сите прашања што тој ги одговараше, ми постави едно прашање кое му ветив дека ќе го одговорам во текстот.
Ричи (така ме вика Џоле), зошто баш мене ме одбра за твојата прва сторија во „Creative Voice“?
Џоле, затоа што во тебе лежи одговорот на милион прашања. За државата, за институциите, за општеството, за поединците. Затоа што духот кој го имаш, желбата за подобар свет, за да ги направиш другите посреќни… немаат мерка. Начинот на кој се бориш со предизвиците и со секојдневието се за восхит. Затоа што во тој твој атипичен развој, добрината, емпатијата и свеста си ги кренал на повисоко ниво. А и срцето ти пораснало, како планина.